Поради коронавирусот

Туристичките агенции ги откажуваат екскурзиите за 8 Март

Коронавирусот ги натера голем дел од туристичките агенции да ги откажат планираните патувања за 8 Март, откако Италија стана новото жариште на болеста. Откажувања има и од самите патници.

„Фалкон травел“ ги извести своите патници дека ги откажува сите патувања за 8 Март од безбедносни причини. Парите уплатени за патувањето ќе им бидат вратени на граѓаните или ќе може да ги искористат за некое друго патување во друг термин.

„Ве известуваме дека сите патувања за 8 Март поради коронавирусот (ковид-19) во Италија ќе бидат откажани од наша страна, поради безбедноста на нашите патници, која секогаш ни е на прво место. Големиот број патници кои имаа уплатено за овие дестинации можат да ги добијат во целост сите уплатени средства или, пак, да се префрлат на некое друго патување за друг термин“, пишува во известувањето од „Фалкон травел“.

И од „Нехар травел“ ги откажаа планираните патувања за 8 Март од морален и безбедносен аспект.

„Будно ја следиме ситуацијата со ширењето на коронавирусот (ковид-19) во Италија. Од морален аспект, но и поради загриженост и општа безбедност одлучивме да ги откажеме патувањата за 8 Март во Италија. Безбедноста и здравјето на нашите патници и сограѓани ни е на прво место. Воедно сакаме да ве информираме дека сите кои имаат уплатено аранжман за 8 Март во Италија може да се префрлат на некоја од останатите тури или во спротивно средствата во целост ќе бидат вратени“, пишува во известувањето на „Нехар травел“ на фејсбук-страницата.

Дел од агенциите со кои контактираше МИА велат дека луѓето во принцип многу лесно се плашат и веднаш реагираат во вакви ситуации, така што причината за непатувањето е стравот и воздржаноста кај мнозинството граѓани да патуваат кон овие дестинации.

Откажувањето на веќе закажаните аранжмани секако ќе предизвика финансиски импликации врз работењето на туристичките агенции. Оттаму се надеваат дека давателите на услуги како авиокомпаниите и хотелите ќе покажат слух доколку ситуацијата стане алармантна.

„Сега, агенциите најчесто се ставени во позиција на залог затоа што не секогаш крајниот давател на услугата има фонд за намирување на трошоците при одредена непредвидена ситуација. Тие ризикуваат средства и се изложени на финансиски загуби“, велат од туристичката агенција „Савана“.

Оттаму посочуваат дека на сите нивни патници кои требало да патуваат во Кина и кои веќе имале резервирано авионски карти им била одобрена бесплатна рефундација благодарение на разбирањето од авиокомпаниите и хотелите, така што и патниците и туристичките агенции не биле изложени на трошоци.

 Доколку продолжи трендот со ширење на коронавирусот, дел од агенциите сметаат дека тоа може да се одрази и врз претстојната сезона.

„Со најавите за евентуално заболени во Србија, Хрватска или во Словенија, нормално дека ќе се појави страв кај луѓето и можеби веќе ќе има реперкусии пред сезоната што допрва доаѓа“, велат од агенците.

Вчера и Владата апелираше да се откажат сите планирани патувања од страна на државните институции.

Од викендов, Италија стана новото жариште на коронавирусот. Затворени се 11 града во Северна Италија, а веќе и Хрватска ги потврди првите два случаи на коронавирус.

Вчера и во земјава е потврден првиот случај на заболена пациентка од корона вирус која престојувала во Италија. Здравствените власти досега преземаа низа превентивни мерки, а министерот за здравство Венко Филипче уверува дека здравствениот систем е подготвен и оти има доволно капацитети, маски, мантили и скафандери.

На граѓаните им се препорачува да се придржуваат до препораките, а на патниците кои пристигнуваат во земјава доколку забележат симптоми слични на грип да не одат по здравствените иснтитуции, туку да се јават на еден од телефонските броеви на Институтот за јавно здравје за обучен тим да дојде во нивниот дом и да ги преземе сите неопходни мерки.

Зголемувањето на парите за финансирање на партиите не помагаат во поттикнувањето на политичката активност на граѓаните, туку веројатно и делуваат контрапродуктивно, зголемувајќи ја недовербата во партиите и политичарите.

повеќе

За помалку од еден месец по олеснувањето на рестриктивните мерки, Косово се соочува со нагло зголемување на бројот на случаи со ковид-19, 

повеќе