„Легална“ измама

Туристички агенции заработуваат милиони со 0,01 денар провизија за авиобилетите за државните институции

Воспоставениот систем во деловните односи меѓу Владата и туристичките агенции и на писмено дадената провизија од 0,01 денар на секој авиобилет функционира беспрекорно и никој тој систем не сака да го чепне, да го провери, да ја најде вистинската логика, односно измама. И така е тоа со години, а заработката е многу, многу поголема од 0,01 денар. Сите знаат и молчат.

За што всушност станува збор. Секоја година, или секоја втора година, државните институции, министерствата, агенциите, комисиите распишуваат тендер за авиобилети и други услуги - резервација на хотел, превоз, изнајмување на простор... Во тендерите никогаш нема сума, број на летови, број на ноќевања... Туристичките агенции се натпреваруваат само со провизијата што ќе ја добијат од авиокомпаниите која вообичаено е од 20 до 30 евра (ticket service charge). Но, туристичките агенции, најчесто едни те исти во зависност од тоа кој е на власт, конкурираат со провизија од 0,01 денар. Откако го открија трикот, и другите агенции даваат понуди од 0,01 денар, но тогаш тендерските комисии одлучуваат само врз основа на тоа кој прв дал понуда. И како по правило, се повторуваат туристичките агенции кои први дознаваат дека тендерот е распишан, на пример денеска во 10 часот, а тие во 10,01 часот веќе ја спремиле и поднеле понудата.

Но, каде е трикот? И покрај тоа што има законска обврска, ниту еднo владино тело не ја бара оригиналната фактура за авионскиот билет, туку тоа го прави туристичката агенција. И тука доаѓа до израз слободата во проценката за вистинската цена на авионскиот билет, ако е 200 евра, фактурата оди од 300 па нагоре, ако чини 300 евра, фактурата кон министерството е 400 евра... Слободата доаѓа до израз со билетите за летовите од Виз-ер, кои се купуваат многу порано и многу поевтино, а се фактурира цената на летот кога е најскапа - еден ден пред полетувањето.

Во овие случаи провизијата за еден билет е многу, многу поголема од пропишаната од 20 до 30 евра. И така на годишно ниво некои агенции направиле бизнисни вредни и повеќе милиони евра. А тоа се најчесто новоформирани агенции, чии сопственици се блиски до некои министри, секретари, директори на државни комисии и агенции.

И така е тоа со години. Шампиони во ова се туристичките агенции „Атлантис“ од Струмица и „Фибула травел“ и „Њу вејс“ од Скопје.

Стопанската комора за туризам на Македонија досега неколку пати реагирала на овој со години воспоставен систем, но на нивните барања за ревизија на овие договори досега никој од власта не реагирал. Такви писма биле испратени до повеќе државни институции (УЈП, финансиска полиција, Државен завод за ревизија, Биро за јавни набавки, Служба за заеднички работи на Владата, Државна комисија за спречување на корупцијата...), но тендерите базирани на овој принцип и натаму се распишуваат. Последен таков пример е тендерот на Фондот за здравствено осигурување од септември годинава. И повторно победник е „Атлантис“. Кога Стопанската комора за туризам на Македонија се обиде на седница на Управен одбор да го отвори овој проблем и да разговараат за тоа, сопственикот на „Атлантис“ не дошол и им рекол на колегите дека со ова прават „голема штета на неговиот углед“.  

„Петсто авио билети годишно да продавам, нема шанси да ги покријам трошоците за еден вработен човек со 0,01 денар. А за бизнис од таков обем ми требаат најмалку тројца. Ова е очигледен грабеж на државмниот буџет, на кој никој не реагира“, вели еден сопственик на туристичка агенција кој со години одбива да учествува во оваа лакрдија.  

Билјана Пејоска Ристеска од Стопанската комора на туристичките агенции вели дека на дописот за овој проблем досега одговорило само Министерството за економија со ветување дека ќе проверат. И толку. Засега од никаде неа никаква реакција.

Според вака поставениот систем, нема повреда на постапката за јавни набавки, нема кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување. Сепак, малку подлабока ревизија лесно може да ги открие во што е измамата. Едноставно - треба само да се проверат фактурите за авионските билети што една туристичка агенција им ги испраќа на владините институции и вистинската вредност на летот преку т.н. ИАТА систем.

Се сомневаме дека е можна поширока форма на здружување организирана со намера да се оштети буџетот на РМ, во која, можно е да се вклучени и вработени лица во институциите корисници на јавната набавка“, соопштија од Стопанска комора за туризам.

А.Д.

Овогодинешниот процес во одлучување по конкурсот за финансирање на проекти за игран филм е селективен, корумпиран и компромитиран,

повеќе

Во споредба со 2019 година, просечното време поминато на социјалните медиуми во 2020 година се зголеми за рекордни 100% на сите платформи.

повеќе

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе