Го поддржаа и советниците од ЛДП и ДОМ

Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ избран за претседател на Советот на Град Скопје

Поранешниот министер за финансии и носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, е избран за претседател на Советот на Град Скопје на конститутивната седница што се одржа денеска.

За изборот на Славески гласале 26 од 45 советници. За него, покрај советниците на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијанса за Албанците/Алтернатива, гласаа и двајцата советници на ЛДП и ДОМ, Никола Пановски и Теодора Крстевска. За Славески не гласаа советниците од СДСМ, ДУИ и двајцата советници на Зелен хуман град.

Советничката од ДОМ, Теодора Крстевска кажа дека остануваат опозиција во Советот, а изборот на Славески го поддржале за да има конструктивен Совет и сметаат дека Славески е докажана личност, со кредибилитет. Четворицата советници од Левица, пак, го пречкртале зборот „Северна” од името на државата во изјавите за верификација на мандатите во Собранието на Град Скопје.

Славески по седницата изјави дека Советот на Град Скопје е составен од квалитетни професионалци кои ќе работат во интерес на граѓаните на главниот град.

„Тука ние сите сме еднакви, без разлика од која политичка партија или движење доаѓаме затоа што во Советот на Град Скопје или градските прашања и проблеми нема многу простор за политика, идеологија, геополитика…Тука станува збор за прашања од суштинско значење за квалитетот на животот на граѓаните, како што е квалитетот на воздухот, мобилноста, сообраќајот, паркирањето и инфраструктурата, кои ние сега треба да ги решаваме“, изјави Славески.

Тој додаде дека Советот ќе дава поддршка на градоначалничката Данела Арсовска, но во исто време ќе биде и контрола на нејзината работа, на работата на јавните претпријатија и на сите други институции од областа на образованието, културата, социјалната заштита…, кои се во надлежност на Град Скопје.

Според него, состојбата во јавните претпријатија воопшто не е добра.

„ Тие се соочуваат со финансиски проблеми, со загуби, со превработеност, со партизација итн“., рече Славески и додаде дека еден од приоритетите на Советот и на градоначалникот е да добиеме ефикасни јавни претпријатија и институции во иднина.

Во Советот на Град Скопје ВМРО-ДПМНЕ има 18 советници, СДСМ 12, ДУИ има пет советници, Левица четири, а по две советнички места имаат Алијанса за Албанците/Алтернатива, коалицијата ЛДПиДОМ и независните кандидати од Зелен хуман град.

 

 

Економската криза е лоша во сите сфери на живеењето, но од неа можеме и да научиме по нешто.

повеќе

Во саботата во јавноста го претставивме предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година, откако истиот беше усвоен од страна на Владата.

повеќе

Наспроти сесловенскиот и општоевропскиот карактер на нивната дејност, Кирил и Методиј станале објект на присвојувања уште од средниот век.

повеќе