Две години од спроведување на проектите во Кисела Вода

Темелковски: До крајот на мојот мандат барањата за фекална канализација ќе бидат само лош спомен

Градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски на денешната прес-конференција по повод две години од спроведување на проектите од активностите во општината, од комуналната сфера ги издвои асфалтирањето на улиците во должина од 10 километри, изградбата на водоводна мрежа, фекална канализација и атмосферската мрежа.

„Во работењето од овие две години ќе го издвојам асфалтирањето на улици во должина од 10 км, како и поплочување со павер елементи на улици во должина од 13 км. Од инвестирањето во изградба на подземна инфраструктура, изградбата на водоводна мрежа во должина од 2 км, фекална канализациона мрежа во должина од 1 км, а се гради и атмосферска мрежа во должина од 5,2 км", рече градоначалникот Темелковски.

Првиот човек на општина Кисела Вода рече дека е тажно, но и трагично во 21 век да се зборува за непостоење на фекални канализации, но додаде дека затоа токму неговата визија е до крајот на мандатот ваквите барања да бидат само лош спомен.

„Знам дека е тажно или ќе употребам уште потежок збор, трагично, да зборуваме за непостоење на фекални канализации во 21 век. Токму затоа, мојата визија за Кисела Вода е до крајот на мојот мандат, ваквите барања да бидат само еден лош спомен. Во поглед на атмосферската канализација, покрај тоа што првично изградивме атмосферска канализација на улица Зеленгора 1, во завршна фаза е реализацијата на капиталниот проект преку кој Општина Кисела Вода на улиците во населбата Пржино гради атмосферска канализација во должина од 5200 метри, од која подобрени услови за живот ќе имаат околу 3500 жители на општината", истакна Темелковски.

Градоначалникот рече дека значаен чекор во поглед на активностите околу подобрувањето на условите за живеење и подигнувањето на еколошката свест е тоа што е изработен Катастар на загадувачи од општина Кисела Вода.
Веќе е распишан и оглас за избор на градежна компанија која ќе гради нова детска градинка во населбата Драчево.

„Општина Кисела Вода изработи основен проект за изградба на нова градинка во нас. Драчево, по што аплицираше и доби грант од МТСП за зголемување на капацитетите на јавните детски градинки на нејзината територија. Воедно Општина Кисела Вода и самостојно ќе гради градинка во населбата 11 Октомври згради. Истата ќе има површина од 1200 квадратни метри и капацитет за 200 деца", рече градоначалникот на Кисела Вода.

Крајот на оваа година ќе биде многу значаен за културниот живот на жителите на општината, посебно на оние од Драчево, бидејќи градежните работи за реконструкција на Домот на култура во селото Драчево се во завршна фаза и ќе финализираат токму на крајот од годинава.

„Би го издвоил заедничкиот проект со Здружението за хумано домување Хабитат Македонија за субвенции и поддршка на енергетски ефикасни домови за станбени згради за колективно домување кој тече во моментов. Средувањето на урбанистичкиот хаос е предизвик за секој градоначалник, посебно за општина како Киселa Вода, каде бројот на примени барања за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти изнесуваше 14958. Сакам да ве информирам дека во овој момент се решени 8859 предмети. Поаѓајќи од нашите ветувања дека граѓаните ќе бидат секогаш за нас приоритет и вратите на општината секогаш ќе бидат отворени за нашите жители, само во објектот на општината остварив средби со околу 1000 граѓани", дополни Темелковски.

 

ЕУ покажа дека не е во состојба да ги исполни ветувањата дадени пред скоро две децении во Солун и одлучи веќе да не се преправа.

повеќе

Кога политичарите сватија за каква моќна алатка се работи, час поскоро побрзаа да менуваат закони со кои „бомбите" нема да бидат докази.

повеќе

Брегзитот, односно напуштањето на Велика Британија на ЕУ, без сомневање ќе влијае врз градењето на новата политичка архитектура во Европа, со нова поделба на интересни зони на стариот континент.

повеќе