Интервју

Сузана Андонова: Годинава конечно ќе почне решавањето на големиот проблем со линданот во ОХИС

Триесетина години по складирањето на отровниот линдан во дворот на ликвидираната фабрика ОХИС во предградието на Скопје, по десетината години постојано укажување на штетноста на оваа депонија врз здравјето на луѓето, покрај обезбедената помош од меѓународната заедница, Владата во соработка со неколку невладини организации одлучи да даде пари за отстранување на линданот. Кон средината на годинава конечно треба да почне и отстранувањето, вели во интервјуто за МКД.мк Сузана Андонова, национален проект-координатор од канцеларијата на ПОП-с од Министерството за животна средина.

Насловот на проектот е „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и линдан во ОХИС“. Во тек е изработка на нацрт-проектна задача за избор на изведувач на чистењето/добавувач на технологија за ремедијација. Правните акти за управување со контаминирани локации се завршени и се очекува многу скоро да бидат усвоени.

Она што досега е веќе завршено е изработката на технички прирачници за управување со контаминирани локации и обуката за управување со контаминирани локации и обуката на лабораториски персонал што ќе биде вклучен во мониторингот на активностите за чистење на контаминираната локација. Завршено е и деталното истражување на теренот пред конечно дефинирање на критериумите за избор на технологија. Во тек се и подготовките за објавување на конкурс за избор на технологија за ремедијацијата.

Дел од организациите што го спроведуваат овој проект се одговорни и за подигање на јавната свест.

Кога е планирано сето ова да се спроведе?

- Проектот е во тек на спроведување од 2015 година, а се очекува да се реализира во период од 5-7 години во зависност од динамиката на реализирање на поединечните фази. Факт е дека во последниве две години активностите се одвиваат многу поинтензивно во споредба со почетниот подготвителен период.

Што се очекува да се постигне со овој проект?

- Главна цел на проектот е да се изврши ремедијација на депонијата контаминирана со HCH (поточно d-HCH депонија) во ОХИС преку зајакнување на законските, институционалните и техничките капацитети во земјава, а со воспоставување на еден финансиски одржлив и изводлив механизам кој ќе обезбеди продолжување на чистењето на целата контаминирана локација по завршување на проектот на еден еколошки безбеден начин. Со чистењето на локациите контаминирани со линдан и со другите загадувачи ќе се намали и/или елиминира емисијата на овие загадувачи во околината и последователно експозицијата на луѓето, како и на другите рецептори и со тоа ќе се заштити здравјето на луѓето и животната средина од негативните ефекти кои ги предизвикуваат овие загадувачи.

Исто така, ремедијацијата на контаминираните локации во ОХИС ќе овозможи и ревитализација на земјиштето, што ќе придонесе за негово повторно користење за индустриски намени со што ќе се креира позитивен амбиент за привлекување на инвестиции во оваа област, а кои ќе резултираат и со можности за нови вработувања.

Што е досега направено?

- Речиси сите подготвителни работи се веќе завршени

Кога се очекува да почне постапката за отстранување на линданот?

- Постапката за отстранување би требало да започне во втората половина од 2019, а стартот ќе зависи од тоа колку ќе трае процесот за избор на технологијата, но исто така и процесот на инсталирање на технологијата на самата локација. Тука треба да се спомене и потребното време за преземање и спроведување на превентивни мерки за заштита на околината од негативни ефекти од самата работа на технологијата - покривање на целата локација на која ќе се изведуваат активностите за отстранување со воздушен балон под негативен притисок, обезбедување на пристапот до самата инсталација, заштитна опрема за обучениот персонал…

Какви се ризиците од самиот процес на отстранување на линданот?

- Како што веќе споменав претходно, ќе бидат применети сите современи безбедносни мерки да се изолира самата локација од надворешната средина со цел да се спречат какви било дополнителни емисии и разнесување на контаминацијата.

Дали се обезбедени пари за спроведување на овој проект?

- Средствата кои се обезбедени во овој проект ќе бидат доволни за чистење на малата d-HCH депонија и покривање на големата депонија со геотекстилна мембрана. Оваа мембрана ќе спречи понатамошно продирање на контаминацијата во подземните води и околното земјиште, сѐ до моментот кога ќе се создадат услови за целосно чистење и на големата депонија.

Кој сѐ е вклучен во спроведувањето на проектот?

- Министерството за животна средина и просторно планирање, за реализација на проектот формираше надзорен комитет кој се состои од членови претставници на надлежните институции како што се Владата на Република Македонија, кабинетот на претседателот на Република Македонија, Министерството за економија, Министерството за транспорт и врски, Институтот за јавно здравје, град Скопје, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, невладини организации, претставници од академската средина.

Каква е соработката со останатите релевантни институции?

- Генерално имаме поддршка и добра соработка со сите релевантни институции. Во процесот на спроведување на анализата на оцената на ризикот и кампањата за подигање на јавната свест, вклучени се и општините Кисела вода, Аеродром и Гази Баба, Агенцијата за храна и ветерина, Државен инспекторат за животна средина, независни консултантски куќи, национални и меѓународни.

Кој ги обезбедува финансиите за овој проект?

- За реализација на проектот Министерството за животна средина и просторно планирање преку својата канцеларија за перзистентни органски загадувачи (POPs) обезбеди финансиски средства од Глобалниот еколошки фонд (GEF) во висина од 3,1 милиони долари. Реализацијата на проектот е финансиски поддржана и од страна на Владата на Република Македонија, со заклучокот донесен на 125-та седница од 12 март 2013 година за обезбедување на финансиски средства од 993 илјади долари на годишно ниво за период од 5 години за реализација на проектните активности. Се надеваме дека новиот фонд кој се формираше на иницијатива на норвешката влада, а во соработка со Владата на Република Македонија ќе овозможи обезбедување доволно средства за целосно чистење и на големата депонија што ќе гарантира и одржливост на процесот на деконтаминација на ОХИС како жешка точка број еден во земјата, вели Андонова во разговорот за МКД.мк.

                                                             х х х х

За овој проект веќе е изработена нацрт проектна задача за избор на изведувач на чистењето/добавувач на технологија за ремедијација. Проектната задача го дефинира обемот и степенот на контаминација на локацијата, обемот на бараните услуги за ремедијација, како и техничките, еколошките и економските критериуми за избор на технологијата. Проектната задача дава две можности: да се набави технологијата за ремедијација и истата да се достави до операторот (претходно избран од страна на Владата на Република Македонија) кој ќе ја реализира ремедијацијата, или да се побара од изведувачот/доставувачот на технологијата да го реализира целокупниот обем на бараните услуги.

Изработени се правни акти за управување со контаминирани локации, правилник за процедури и критериуми за управување со контаминирани локации, методологија за идентификација и приоритизација на контаминираните локации, правилник за видови и нивоа на концентрации на опасни супстанции во почвата, подземните води и екосистемите, правилник за содржината и формата на извештаите за управување со контаминирани локации. Изработени се 3 технички прирачници за управување со контаминирани локации и тоа: Процена на контаминирана локација;Ремедијација на контаминирани локации;Стандардни оперативни процедури при извршување на одредени активности поврзани со процената и ремедијацијата на контаминираните локации. Организирана е обука на релевантните чинители за управување со контаминирани локации. Минатата година во јули беше организирана обука на релевантните чинители (еколошки службеници од соодветните министерства, инспекторите за животна средина, консултантските агенции, специјалистите за управување со отпад, потенцијалните оператори за ремедијација). Организирана е обука на лабораторискиот персонал. Спроведено е детално истражување на локацијата во ОХИС. Направени беа 48 бушотини на двете депонии и околу депониите, беа земени и анализирани 146 примероци од почва/отпад; 30 примероци од подземни води земени од пиезометрите лоцирани во ОХИС, како и од домашните бунари лоцирани во околината на ОХИС; 10 примероци од различни видови зеленчуци, како и 8 примероци од амбиентниот воздух. Со ова истражување се утврди обемот на контаминацијата, како и карактеристиките на локацијата, а во насока на избор на соодветна технологија за ремедијација.

Претходно e изработена анализа на ризикот која ќе биде ажурирана врз основа на аналитичките резултати добиени од деталното истражување на локациите во ОХИС и околината, а со цел идентификација и квантификација на ризиците по човековото здравје, екосистемот и миграцијата на загадувачите, како и да се дефинираат опциите за управување на ризикот со цел контрола на компонентите на ризикот. Се планира анализата на ризикот да биде ажурирана до крајот на месец јануари 2019 година.

Aнализата на односот на трошоци и добивки ќе биде изработена до крајот на февруари 2019.

Целта на кампањата е да се подигне свеста на различните целни групи (владините институции, локалните заедници, медиумите, невладините организации, јавноста, а особено ранливата популација) за претстојните активности во насока на расчистување на контаминираните локации во ОХИС. Ќе биде подготвен пропаганден материјал за негативните ефекти на HCH по здравјето на популацијата, за правните акти, потоа технички информации за безбедно управување со POPs хемикалии, како и информации за активностите и целите на проектот поврзан со ремедијација на локациите контаминирани со HCH. Исто така ќе бидат организирани предавања во училишта, ќе бидат организирани работилници за различни целни групи, јавни расправи, како и интервјуа во електронски и печатени медиуми. Се планира кампањата за подигање на јавната свест да трае во периодот ноември 2018 – април 2019 година.

А.Д.

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе