Проектот „И отпадот има вредност!“ за првпат досега, им овозможува на жителите на Општина Центар да учествуваат во правилно справување со отпадот преку рециклирање на пластични шишиња и лименки на повратните вендинг машини, за што ќе добиваат субвенции од општината кои ќе бидат префрлени на платежната картичка GreenPay.
Се работи за нова картичка која ќе ја замени постоечката М-карта и ќе овозможи многу повеќе поволности. Освен најава на гости, со GreenPay картичката жителите ќе имаат можност да учествуваат во процесот на рециклирање и да пазарат со попусти во зелената мрежа на локали кои се приклучија во овој проект – маркети, ресторани, кафеани, кафулиња и бутици. До сега, оваа мрежа вклучува повеќе од 30 локали кои ќе овозможат попусти, а поради големиот интерес, зелената мрежа секојдневно ќе се проширува. Дополнителна поволност на оваа картичка е можноста за префрлање на средства од други платежни картички.
За секое рециклирано пластично шише или лименка од 0,25 до 0,75 литри жителите ќе добиваат 0,5 денари, за шише од 1 до 1,75 литри добиваат 1 денар, а за шише од 2 до 2,25 литри, 1,5 денари.
Средствата за субвенционирање се обезбедени од буџетот на Општина Центар за 2021-ва година, од Програмата за комунални дејности – субвенции за јавни комунални претпријатија. Субвенциите ќе бидат искористени за зголемување на капацитетите на пластикоматите во проектот на ЈП ПОЦ и Општина Центар – „И отпадот има вредност!“.