Граѓанска акција

Советниците на Центар треба да одлучат дали ќе се гради на Треска

Група архитекти, експерти, невладини и граѓански иницијативи и граѓани пред три дена поднесоа иницијатива до општина Центар со која бараат распишување архитектонско-урбанистички конкурс за локацијата на поранешната фабрика „Треска". Претседателката на Советот, Јана Белчева Андреевска, на вчерашната седница ја раздели оваа иницијатива и побара од советниците да ја поддржат.

„Во скопската општина Центар во тек се процесите на одбирање на приоритетите за реализација на урбанистичките планови, па таа суптилна тема се актуализира. Деликатноста на овој простор што го сочинуваат повеќе катастарски (градежни) урбанистички парцели има повеќе димензии (имотно-правна, економско-социјална, политичка...). Редоследот и темпото на нејзиното разрешување мора да бидат професионално уредени, мора да одат во склад со јавниот интерес, со спецификите на временскиот контекст, со новосоздадените потреби“, стои во граѓанската иницијатива.

Граѓаните од Советот на општина Центар бараат да се донесе акт по однос на оваа иницијатива и во рок од три дена да ја соопшти одлуката.

„Согласно со законот, Советот на Општината помеѓу останатите прашања се грижи и за третманот на просторот во урбанистичките планови и планската документација односно одлучува преку кои локални политики ќе го подобри квалитетот на животот во општината. Општината Центар ја има привилегијата и одговорноста на управување со центарот на државата и се очекува да предлага софистицирани идеи насочени на идентитетски прашања што ќе претставуваат поттик и пример за сите останати општини. Притоа, односот кон референтните простори на територијата на општината, а особено кон оние со меморија како што е локацијата на фабрика 'Треска', подразбира синергија со високопрофесионални личности од сферата на обликување на просторот“, се вели во иницијативата.

Оваа иницијатива е поддржана и од Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Академијата на архитекти, Комората на овластени архитекти и овластени инженери, институции, факултети и 272 граѓани.

Белчева Андреевска, претседателка на Советот на општина Центар, рече дека очекува советниците на наредната седница да донесат заклучок по иницијативата.

Таа извести дека иницијативата е согласна на можноста за граѓанско учество во донесување одлуки, како и Законот за локална самоуправа и во склад со надлежностите на Советот на општина Центар. Според тој закон, општинските совети донесуваат урбанистичко-плански документации во форма на пропис, како прописи што се од јавен интерес и значење за општината.

Ако Советот по расправата за иницијативата за урбанистички конкурс донесе позитивен став и заклучок за прифаќање, тогаш следува изработка на програмска задача за локацијата на Треска.

Планот за ДУП Буњаковец, кој е во изработка, ќе си продолжи, но со исклучување на локацијата на поранешната фабрика „Треска“.

„Оваа парцела на поранешната фабрика ‘Треска’ е ретка можност да се покаже дека се слушаат потребите на граѓаните, но и на стручната фела, која со конкурс може да се натпреварува со своите идеи и креативни решенија. Институциите го штитат јавниот интерес. Ако сме го заборавиле тоа, да се потсетиме“, вели Белчева Андреевска.

Урбанистичкиот план предвидува дека на просторот на фабриката „Треска“ во скопската општина Центар ќе се градат станбени градби иако општината сè уште го изработува урбанистичкиот план.

Инаку, оваа локација е дел од ДУП Буњаковец 2 од јули 2012 година, изработен од ИНПУМА, планер потписник е Благоја Тагасовски, а планери се Блажунка Трпковска, Силвана Вановска, Елена Тагачевска. Овој ДУП е под мораториум.

Оваа иницијатива е добар тест и за градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, да покаже како се постапува во борбата локациите да бидат професионално уредени и во склад со јавниот интерес.

А.Д.

Кога политичарите сватија за каква моќна алатка се работи, час поскоро побрзаа да менуваат закони со кои „бомбите" нема да бидат докази.

повеќе

Брегзитот, односно напуштањето на Велика Британија на ЕУ, без сомневање ќе влијае врз градењето на новата политичка архитектура во Европа, со нова поделба на интересни зони на стариот континент.

повеќе

Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

повеќе