„Имаме целосна правна можност за покренување на соодветни постапки пред надлежните институции за овој предмет и тоа ќе го направиме доколку бидеме опструирани. Приватната сопственост е наше неприкосновено право, а веќе 4 години институциите си поигруваат со нас“, велат групата сопственици на приватно земјиште.
Тие се децидни: нивното право на сопственост е уставно загарантирано и велат подготвени се да покренат и кривични пријави доколку тоа право им биде скратено. Потсетуваат дека со досегашните опструкции веќе им е направена штета и согласно направеното вештачење, истата се проценува на околу 50 милиони евра. Велат дека аргументите се на нивна страна и прашуваат кој ќе им ја надомести штетата? Тие веќе имаат подготвено документација за поднесување тужби за нанесена штета кон Општина Центар, кои единствено треба да се процесираат. Ова значи, дека доколку дојде до суспензија на проектот, самата општина ќе треба да сноси милионски товар за оштета, кој на крајот на денот е од џебот на граѓаните, велат тие.
Инаку, ДУП-от кај „Треска“ беше еден од ДУП-овите кои се најдоа под мораториум од страна на Општина Центар. Мораториумот Уставниот суд го прогласи за неуставен, со што се отвори можност за градежни активности на територијата на оваа општина.
Од Општина Центар, пак, во својот вчерашен демант кон „Шанса за Центар“ потенцираа дека не може да трпат милионски штети на грбот на граѓаните. Впрочем, последниот Закон за урбанистичко планирање наведува дека штетата ја сноси тој што ја донесува одлуката за суспензија, односно Советот на Општина Центар, што значи дека општината во ниеден случај не може да си дозволи ваков правен спор или трошоци во износ од 50 милиони евра кои се ризик целосно да ја блокираат нејзината работа.
Во следниот период, велат од Општина Центар, ќе се направи повторно обид за изнаоѓање на решение на состојбата како да се заштити јавниот интерес, меѓутоа тоа решение мора да биде безболно и за општината со цел да не се трошат средствата на граѓаните.