РСБСП предупредува

Со давање автомобил на деца што немаат возачка им давате опасно оружје

Околу 10.000 возачи годишно се казнуваат поради управување на автомобил без возачка дозвола. Од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот апелираат до родителите дека со тоа што со гордост им ги даваат своите автомобили на децата кои немаат возачка, всушност им даваат опасно оружје во раце. Од таму додаваат дека нема изговори, ниту оправдувања за лица кои немаат возачка дозвола.

„Секојдневно, преку средствата за јавно информирање, се пренесуваат страшни вести за сообраќајни незгоди со повредени и загинати лица. Сите се вознемирени и вчудоневидени. Нема човек кој останува рамнодушен на тажните животни судбини, на потресните слики што секојдневно ги гледаме на патиштата. И покрај тоа, податоците од полицискиот билтен покажуваат нови застрашувачки информации: секој викенд голем број на санкционирани млади лица кои управуваат моторно возило без возачка дозвола. Замислете, и покрај црната слика на патиштата на која сите сме сведоци, податоците на МВР покажуваат дека околу 10.000 лица годишно се санкционираат затоа што управуваат моторно возило без возачка дозвола. Зошто? До кога? Која е цената што треба да се плати за конечно да се разбере дека сообраќајот е извор на опасности? Што треба да се случи за да се биде одговорен возач и одговорен родител?", прашуваат од РСБС.

Најголем број од „возачите" без возачка дозвола се млади момчиња и девојки. Голем дел од нив се малолетни лица, кои се сметаат за зрели учесници во сообраќајот, но незрели да полагаат и да добијат соодветна возачка дозвола. Овие млади и малолетни лица, најчесто возат семеен автомобил што нивните родители, без да размислат, гордо ѝм го позајмуваат.

„Секојдневно можете да видите млади лица во скапи и моќни автомобили, без возачка дозвола. Младите под притисок на желбата за докажување пред своите врсници, несвесни за злото што ги демне, гордо седат зад воланот на автомобилот на мама и тато. Не дека се за оправдување, ама младоста, незнаењето и неискуството, можеби можат барем делумно да ѝм го простат гревот. Но нивните родители, тие кои гордо гледаат како нивните деца ракуваат со опасно оружје, што мислат тие? Што очекуваат тие? Чиста ли им е совеста? Како ја хранат својата совест? Со изговори и со оправдувања „нека се радува детето", „млад е нека проживее, сега му е времето", „сите сме биле млади, имам разбирање ". Додека тие длабоко во себе се задоволни како нивното дете е многу ценето, барано, сакано од своите врсници, на улиците се губат млади животи. Тешки солзи се пролеваат на патиштата. Но, тие самобендисани и самоуверени, не можат и не сакаат да го видат тоа сѐ додека не се случи нешто страшно. А кога ќе дојде страшното, тогаш касно е за сѐ", велат од РСБСП.

Од таму додаваат дека откако ќе се случи нешто лошо, бадијала е да има каење.

„Тогаш е џабе да се каете и проколнувате. Тогаш веќе не можете ништо да смените. Ве мачи совеста и пак барате оправдувања: „..ама му посакував сѐ најдобро", „ама тој не беше таков, секогаш внимаваше", „и да не му го дадев автомобилот, сигурно ќе го земеше", „не мислевме ништо лошо", „да знаев, немаше да биде така", „судбина било" и многу други оправдувања и изговори. Многу оправдувања и многу изговори, ама реалноста никој и ништо не може да ја смени. Затоа, додека сѐ уште не е доцна, помогнете му на своето дете да положи возачки испит, навреме да се стекне со возачка дозвола, да ги почитува одредбите што се однесуваат на возач-почетник. Помогнете му да биде одговорен и внимателен возач кој ќе ги почитува сообраќајните правила и прописи. Дајте му на знаење дека ништо не е поважно од животот. Дајте му на знаење дека семејниот автомобил е забранет додека не се создадат предуслови за тоа.", додаваат од РСБСП.

 

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе