Градежните работи за уредување на скверот „Јадран", во центарот на Скопје продолжуваат, а градоначалникот Петре Шилегов, кој таму даде изјави за медиумите, рече дека Градот ја поддржува оваа акција на општината Центар.
„Целта е овој простор да се уреди за да се овозможи повеќе простор за пешаците и велосипедистите, што е во согласност со стратегијата на Град Скопје. Централното градско подрачје треба да стане простор којшто ќе служи на потребите на граѓаните, а не на нивните автомобили", изјави Шилоегов.
Тој нагласи дека градежните работи се во насока и на тоа што во моментот го работи Градот на подрачјето познато како Мал ринг.
„Знаете како денес изгледа делот од плоштадот каде што порано на секој дожд се создаваше вирче и граѓаните не можеа да го користат, знаете како порано тротоарите кај ,Тинекс' беа користени за паркирање. Во моментов се работи и спроти Охридска банка", рече Шилегов“, рече Шилегов.
Градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ информира дека во текот на реконструкцијата на скверот ќе се заменат бекатон-плочките и рабниците, ќе се постават нови клупи и корпи, како и посебни контејнери за селектирање на отпад, ново осветлување и ќе бидат засадени дрвја со систем за наводнување.
„За првпат на територијата на Македонија тука ќе бидат поставени паметни клупи од страна на здружението „Гоу грин", кои ќе обезбедат бесплатен интернет и можност за полнење на мобилни телефони", рече Богдановиќ.
Тој информираше дека Еврејската заедница обезбеди донација за нов дрворед од јапонски цреши.