АНАЛИЗА: КАКО ДА СЕ ЗАШТИТИ ГРАДСКОТО ЗЕЛЕНИЛО? (1)

Скопје соголено: има 12 квадрати зеленило по жител, а европските препораки се 25

Последната сеча спроти ЗОИЛ, исечените борови кај Владата, костените до плоштадот „Македонија" и дрворедот покрај МЕПСО повторно создадоа бурни реакции низ јавноста за третманот на јавното зеленило, кое со години се „истенчува" на сметка на градежната експанзија.

Истовремено, се отвори и прашањето кога и дали конечно ќе се донесе Закон за зеленило, заради ставање институционална „рампа“ за заштита, контролиран и плански развој на зелените појаси наспроти апетитите за нивна пренамена во градежни цели. Повеќе организации, екологисти, граѓани, па и партии, многупати реагираа дека без утврдени стандарди каде, што и колку се сече, тешко може воопшто да се води некаква евиденција и да се надополни изгубениот дрвен фонд, со цел да се унапреди еколошката слика на главниот град.

„Скопјани добија грда честитка за Велигден во вид на сеча на дрворед кај ЗОИЛ. Изминатите денови Законот за урбано зеленило заеднички се читаше и се усогласи на работна група со претставници од ДОМ, Градот Скопје, ЈП ’Паркови и зеленило’, Агенцијата за просторно планирање и од Министерството за транспорт и врски. Дали и зошто некому му се брза да го исече секое дрвце, дури не стане институционално заштитена категорија со закон?“, реагираше пред неколку дена владејачката ДОМ на пратеничката Лилјана Поповска, со што повторно го актуализираше проблемот со постојното зеленило.

Ваквата реакција репризно се повторува со години. Евентуалниот Закон за зеленило, рака под рака со Зелениот катастар, долго време се провлекува по конференции, јавни трибини, локални средби... Од кампања до кампања. Долго време одекнуваат најави дека по примерите на регулативите од Австрија и Германија ќе се подготви нацрт-закон и, конечно, ќе се протурка до собраниска процедура.

Наместо тоа, скопјани продолжија да гледаат соголени дрвореди. Аргументите одат во насока дека се работи за стари, заболени дрвја. Искуствата покажаа дека секое инцидентно трчање да се спаси едно или повеќе дрвја не носи резултати. А акциите за нови насади ќе имаат смисла доколку на свежите садници не им требаат 10, 20, па и 30 години за да оформат крошна и да добијат својство на филтри за горливиот проблем со амбиенталниот воздух.

Истражувања, студии и трендови за зеленилото

Според бројките и низа различни испитувања, Скопје има 5.051.807 квадратни метри зелена површина или 12,07 по жител, што е двојно помалку од европските препораки за 25 квадратни метри. Премалку за урбана средина што постојано се развива, се гради, се дообликува и се изменува. Ова се бројки без Водно и вонградското зеленило. Според пописот од 2002 година, евидентирани се 7,66 квадратни метри зеленило по жител. Со новиот ГУП планирано е зеленилото да достигне до 8 квадрати, но, сепак, сето тоа се сведува само на статистика.

Невладините организации централното подрачје го сметаат за најзагрозено. Студијата „Состојби и тенденции за намалување на градското зеленило во Мал ринг во Скопје 2002-2017“ на „Плоштад слобода“ покажа дека трендот на градење во последнава деценија „изел“ дури 50 отсто од постојното зеленило.

 

Во делот на Малиот ринг во 2002 година имало 75.649 квадрати зелени површини, а до 2013 драстично се намалиле на само 34.994 квадрати. Доколку продолжи истата динамика на подигнување објекти врз зелени појаси, до 2017 година би останале само 18.680 квадрати зеленило, односно 3,4 отсто од целиот ДУП Мал ринг.

Студијата, за која се појавија реакции од Град Скопје, зборува и за густината на дрвјата до проектираната состојба до 2017 година. Со досегашните промени, особено во источниот дел од Мал ринг, рамномерно распределените дрвни насади стануваат концентрирано групирани во неколку одделени области. Ова значи дека во иднина би постоеле два центра каде што би биле групирани дрвните насади - паркот „Жена-борец“ и квартот меѓу улиците „Орце Николов“ и „Максим Горки“. До 2013, пак, забележано е масовно сечење дрвореди и садници на источниот брег од Вардар, на плоштадот „Македонија“, пред Домот на АРМ и покрај Пошта. 

Бојан Шашевски

(Продолжува)

Плукајќи врз музикантите, незнаејќи одработувате за други интереси поведени од разбирливата емотивна нетрпеливост која ја прават криминалците од двете страни.

повеќе

Каков и да биде резултатот од предвидениот референдум за името во септември или во октомври, тој не дава гаранција за обезбедување двотретинско мнозинство во Собранието за промена на Уставот.

повеќе

Тесла преку проектот Варденклиф покажал дека енергетските ресурси се неограничени.

повеќе