Град Скопје излезе на терен

Скопје Север на своја рака работела на мазут, инспекторите издадоа забрана, Рамадани вели се прави притисок

Топланата Скопје Север на своја рака и без одобрување за премин на алтернативно гориво од Град Скопје започнала да работи на мазут, потврдуваат од Секторот за животна средина на Град Скопје. Од таму за МКД.мк брифираат дека тие не дале никакво одобрување, ниту пак го добиле барањето за работа на мазут. Од таму додаваат дека веднаш откако било објавено дека Скопје Север работи на мазут, инспекторите излегле на терен и издале забрана за работа на секундарното гориво. Децидни се дека во никој случај не би дале дозвола за работа на мазут кој е голем загадувач, а особено не бидејќи снабдувањето со гас во државата е тековно и примарно гориво за работа на топланите има.

Дека инспектори од Град Скопје биле на терен во Топланата Скопје Север и дека била издадена забрана за работа на мазут, за МКД.мк потврди и директорот на топланата Скопје Север, Куштрим Рамадани. Тој тврди дека забраната е направена по притисок на јавноста бидејќи се пишуваше на оваа тема.

„Согласно дозволата што ја имаме Скопје Север може да работи на мазут. Инспектори на Град Скопје издадоа забрана не знам од кои причини, иако ние им испративме известување дека ќе работиме на мазут. Не знам, веројатно под притисок на јавноста добивме забрана, што сметам дека не е во ред. Ние ова префрлање на мазут го правиме бидејќи сакаме да ја испитаме опремата зошто имавме пукнатини во котлите што работат на мазут и баравме само 10 дена да работиме на мазут“, вели за МКД.мк Рамадани. 

Тој додава дека има количини на гас, но имаат и финансиски потешкотии. 

„Имаме обезбедено количини на гас, но имаме финансиски тешкотии и тоа ни е најголем проблем. Сега за сега имаме гас, имаме приливи и како стасуваат така плаќаме гас. Работиме и на гас и не верувам дека нема да има гас. За загадувањето во однос на дивите депонии и палењето на гумите, како и греењето на дрва загадувањето е минорно. Кај нас повеќе се гледа да се направи сензација. Еве, видете ги загадувањата од минатата година, а тогаш Скопје Север не работеше на мазут. Нека измерат и сега, па нека видат дали е почисто, еве не работиме на мазут", додава директорот на топланата Скопје Север. 

Како што дознаваме, до Град Скопје не било стасано барањето за работа на оваа топлана на мазут. Од таму велат дека никогаш нема да издадат дозвола за работа на мазут со огледа на штетата врз животната средина и здравјето на граѓаните. Во државата има резерви, туку има услови и за набавка на гас, а ако Скопје Север има финансиски проблеми, тоа воопшто не е тема за разгледување во Град Скопје.

Во сите дозволи, топланите се задолжуваат со одредени мерења за загадување, но од топланата Север признаваат дека не им е познат квалитетот на мазутот и дека мерења на штетните материи кои се испуштаат во воздухот засега не се врши.

„Кога операторот ќе користи мазут како погонско гориво ќе го извести надлежниот орган и ќе доставува спецификација за квалитет и количина на горивото и истото ќе биде во согласност со Правилникот за квалитет на течни горива ("Службен весник на Република Македонија'' бр.81/09). Во услови на користење на мазут како погонско гориво, операторот се обврзува да ја достави количината на создадениот депозит при перење котли, негова хемиска анализа и договор за преземање на депозитот со преземачот.

Границите на емисиите во воздух за параметарот(рите) и точката(ите) на емисија наведени во табелите 6.1.5 (а) и 6.1.5 (б) нема да бидат пречекорени во соодветниот временски период.

Операторот ќе врши мониторинг на параметрите наведени во табелите 6.1.5 (а) и 6.1.5 (б), на точките на емисија и најмалку со фреквенции наведени во тие табели во зависност од енергенсот кој го користи соодветниот временски период

Доколку операторот ги стартува и ги стави во функција котлите на енергенс мазут, без одлагање треба да го извести надлежниот орган, да изврши мерења на емисиите при стартување и да ги достави извештаите од мерењата до надлежниот орган", пишува во еколошката дозвола.

Државата има гас и од Град Скопје додаваат дека нема никаков основ Скопје Север да работи на мазут. За сега продолжува да работат на гас. Топланата мора да ја прилагоди работата првично на заштита на животната средина. 

Како што веќе објавивме, од пред неколку дена топланата Скопје Север почна да работи и на мазут. Официјално, топланата нема пари за природен гас, па сега, и покрај сите предупредувања, ги користи резервите на мазут. Според еколошката дозвола, топланата ова може да го прави само ако има прецизно мерење на загадувањето на воздухот. Тоа, засега не се прави. 

Согласно законот за енергетика , член 153, став 4 како регулиран производител на топлинска енергија, операторот е должен во текот на грејната сезона да обезбеди оперативни резерви од алтернативно гориво во количини за најмалку 15 дена работа со максимален капацитет.

Истото е оправдано само во случај ако нема примарно гориво.

 

                                                                                                     К.Д.

 

                                                                                                                               

 

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе

Според последното истражување на организацијата ПИНА, базирано врз анкети направени со 103 новинарки, 24,1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19,5% и закани по животот.

повеќе