Заем од Европската банка за обнова и развој

Скопје е прв град на Балканот кој ќе воведе Бас рапид транзит систем, од Ѓорче до Ново Лисиче за 35 минути

Скопје е првиот град на Балканот кој ќе воведе Бас рапид транзит систем, брз, безбеден и одржлив јавен транспорт кој ќе биде доволно атрактивен и ќе овозможи директно намалување на сообраќајниот метеж, а со тоа индиректно ќе се намали и аерозагадувањето во делот на сообраќајот, изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов на денешното потпишување на договорот за заем за реализирање на проектот.  

Според Шилегов, целиот систем за новиот јавен транспорт ќе биде дигитализиран. Картите како такви ќе дадат безброј можности кои што граѓаните ќе можат да ги користат на секој начин. Ќе може да се купи карта за еден час и да се користат во останатиот систем на ЈСП и Бас Рапид Транзит системот, кој ќе биде интегриран во системот на јавниот транспорт и ќе има единствена карта.

Шилегов најави дека се очекува во текот на летото да биде распишана постапка за имплементација, а првата релација се очекува да биде завршена некаде кон крајот на 2024 година. Како што кажа, некаде кон 2023 година би била постапката за втората фаза, а целокупниот систем би бил оперативен и во вкупна употреба во 2024/25 година.

„Очекувам дека во текот на летово ќе заврши тендерската постапка која го темели целиот систем. Интервенција во инфраструктурата, онаму каде што е потребна, изградба на депото во Ново Лисиче, Ѓорче Петров, набавка на софтверски систем за имплементација на целокупниот систем, набавка на автобуси, нови станици од затворен тип“, најави Шилегов.

Тој објасни дека екипи на Градот Скопје и на ЈСП досега работеле на подготовка на техничката документација за овој систем.

„Идејното сообраќајно решение е веќе изработено од стручњаци од Битола, Скопје, Белград, Лондон и Брисел и тоа ќе претставува основа за тендерската документација за набавката која очекувам да ја почнеме во текот на ова лето. Проектот опфаќа воспоставување две линии со коридори кои се резервирани само за автобусите, од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода.

Трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче ќе биде со должина од 12,81 километар во една насока, ќе има 21 автобуска постојка и 2 терминала, во индустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче. Според првичните проценки, приближниот број на патници кои ќе ја користат оваа траса ќе биде околу 65.000 луѓе на ден. Со имплементација на првата фаза, се очекува времето на патување од сегашните 70 минути да се намали за повеќе од 50 отсто, да се зголеми фреквенцијата на автобуси на секои 3-4 минути. Времето потребно едно возило да ја помине трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче или обратно ќе биде 35 минути“, рече Шилегов.

Автобусите од БРТ системот ќе бидат со хибриден погон на гас и електрична енергија и со должина од 18 метри, а целиот систем е поставен така што во иднина ќе може да прими и 24 метарски возила.

Според системот, дополни, нема да можете да влезете во автобусите, ако не ја валидирате картата, со што, според тоа, ќе се намали времето на влез и излез, затоа што патниците кои веќе ќе се наоѓаат на автобуската станица ќе бидат со чекирани карти и нема да се прави гужва во самото возило.

Шилегов рече и дека на железничката станица во Скопје помеѓу пероните и станицата од Бас Рапид Транзитот е во план да се направи топла врска со цел патниците што доаѓаат во Скопје да не ја напуштаат или да не мора да кружат околу, туку директно да ги користат услугите.

Во однос на прашањето колку автобуси ќе се набават, Шилегов информираше дека тоа ќе зависи од фазата, односно во првата 26, а за втората се некаде околу 22.

„Тие се сè уште да речам во секундарна сфера како предмет на набавка затоа што е многу комплексен целиот систем кој што освен интервенции во инфраструктурата бара и посебни софтверски решенија, посебен систем за водење на целокупниот превоз. Системот на градот Скопје ќе биде посветен токму на Бас Транзит транспортот како таков, и оттука тие се фази кои што ќе бидат распишани“, кажа Шилегов.

Првин да се добие квалитетна тендерска документација, да се распише тендерот за имплементација на системот, а втората постапка која што би ја спровеле, како што кажа, која што не бара толку голема посветеност и експертиза, е постапката за набавка на возилата.

За реализација на овој проект Европската банка за обновлив развој ќе додели заем во износ од 70 милиони евра на која рокот за отплата е 15 години со грејс период од четири години.

 

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе

Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

повеќе