Сѐ уште превезуваме за 60 проценти помалку патници во градскиот автобуски превоз во споредба со времето пред епидемијата со коронавирусот, а пополнетоста на автобусите е до 75 проценти, согласно препораките на Комисијата за заразни болести, рече градоначалникот на Скопје Петре Шилегов како одговор на новинарско прашање со кое беше дадена забелешка дека автобусите се полни и се извор на болеста.
Таму каде што се увидува дека има потреба се интервенира и се засилува бројот на автобуси, но има и контроли во автобусите, додаде градоначалникот.
Шилегов демантираше дека автобуската линија број 2, како една од најфреквентните „вози" според саботен возен ред и рече дека дури и се засилува, кога тоа е потребно. Сепак, како што нагласи, Градот е немоќен во друг поглед.
„За жал, не постојат механизми како да ги отстраниме тие патници кои не носат маски и не ги почитуваат здравствените мерки. Ние можеме да ги отстрануваме само патниците кои немаат патен билет", рече Шилегов.