На точак

Седум години борба за подобри услови за сите кои возат велосипед

Под мотото „Револуција без институционална револуција", во среда, 29 мај, со почеток во 17:30 часот од плоштад Македонија, ќе се одржи 81-та велосипедска Критична маса во Скопје, со која иницијативата НаТочак и поддржувачите одбележуваат седум години од првиот ваков настан.

Овој слоган е одбран бидејќи ја рефлектира седумгодишната борба за подобри услови за сите кои возат велосипед, кои од ден на ден се побројни на улиците, но за жал и разочараноста од институциите кои не го следат истото темпо во однос на воведување на промени, подобри закони, подобра инфраструктура и безбедност во сообраќајот.

 „Седум години заедно возиме на скопските улици. Седим години пишуваме, критикуваме, предлагаме нови решенија, ги контактираме институциите. Критична маса во Скопје, па и во другите градови се профилираше како граѓански собир со јасни недвосмислени цели: подобри инфраструктурни услови за возење точак како превоз за сите граѓани од сите генерации и способности (не само за највештите и спортистите); создавање градови кои се вело-пријателски, каде при планирањето на улиците, велосипедскиот е барем еднакво важен како автомобилскиот сообраќај, градови каде може да се стигне на точак безбедно и удобно од било која до било која точка без прекин; градовите да го постават здравјето, безбедноста во сообраќајот, заштитата на животната средина како приоритет во своите сообраќајни и други политики“, велат од иницијативата НаТочак.

Иницијативата ги издвојува најважните барања кои на еден или друг начин биле упатувани до институциите на кои е посветен овој 7-ми роденден:

Донесување правилник за проектирање велосипедска инфраструктура кој е во процедура, но треба да се посвети поголемо внимание на неговото изготвување и да се донесе поскоро зашто во меѓувремето се проектираат субстандардни патеки, особено во другите градови.

Владата да ги обврзе сите поголеми градови да донесат план за одржлива мобилност и тие планови да бидат со реални мерки и обврски, а не само приказни.

Изработка на стратегија за велосипедски сообраќај на ниво на држава, за градско, но и за меѓуградско поврзување. Таа би била целосно во насока на заложбите за чист воздух, но и за развој на одржливиот туризам.

Комбиниран транспорт: Јавен превоз (особено железнички) каде ќе биде дозволено и поттикнувано превезувањето и комбинирањето со велосипеди. Сите нови возови и автобуси да имаат можност за превезување на велосипед, а старите да се адаптираат.

Поскоро донесување на планот за велосипедски сообраќај на град Скопје и прифаќање на нашите забелешки.

Имплементирање на современ автоматизиран систем за изнајмување велосипеди во Скопје, па и во другите поголеми градови.

Паркингот за велосипеди да биде задолжителен за сите нови објекти како што е задолжителен паркингот за автомобили. На едно место за автомобил собира 10 велосипеди, оваа обврска е смешно мала за инвеститорите, а ќе значи огромна практичност за жителите.

Донесување на визија нула по примерот на Шведска на национално ниво со цел намалување на бројот на жртви од сообраќај постепено до нула. Можно е!

Спроведување на патни диети на сите поголеми улици во Скопје и другите градови (стеснување на автомобилските ленти, некаде и намалување на бројот на автомобилски ленти, а воведување ленти за велосипеди, специјални ленти за јавен превоз, ослободување простор за повеќе зеленило)

Физички мерки за смирување на сообраќајот на сите улици низ цела држава, најпрво во околината на училиштата и градинките, а потоа по сите станбени улици.

Поврзување на Скопје по текот на Вардар по целата должина од двете страни од западниот до источниот крај на градот, ослободување на прекините од градежни активности, доградба на патеки онаму каде што е потребно, поврзување со краци со останатата мрежи, повеќе велосипедски возливи рампи, повеќе пешачко-велосипедски мостови. Кејот на Вардар треба да биде нашиот велосипедски автопат. А текот на Вардар низ Македонија треба да стане велосипедска магистрала север-југ и дел од европската Еуро-вело мрежа како дел од Рута 11.

Од исклучителна важност е силна посветеност на полицијата во справување со проблемот со паркирање на пешачки и велосипедски површини. Јавниот простор им припаѓа на луѓето, а не автомобилите. Поскоро воведување на комунална полиција со цел попрактично решавање на овој проблем.

Сообраќајните правила-теоријата и практичните вештини за возење велосипед да бидат задолжителен дел од наставната програма во основното образование. Во насока на ова, потребно е воведување на велосипедски сообраќајни полигони (трајни или мобилни во рамки на училиштата и трајни на локации низ градовите) Одреден број часови во рамките на образованието во авто-школите треба да биде посветено на односот кон ранливите учесници во сообраќајот, како и практично возење на велосипед.

Сите институции, сите станбени и комерцијални објекти, како и сите јавни простори да бидат направени пристапни за тркалата, на инвалидските, детските колички и велосипедите.

НаТочак повикува сите кои возат велосипед или ги поддржуваат овие барања да се придружат 29-ти мај за заедно да ги упатат до одговорните, да направат роденденски протест со возење низ улиците и да се одбележи седумгодишната борба за достојни услови.

Неопходно е да се допрецизира законот со што би се овозможило одреден дел од финансиски средства да се пренасочат кон делот на општествена одговорност на приредувачите на игри на среќа со цел подобрување на спортската инфраструктура.

повеќе

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе