Дома

Се расипа цистерната, се исуши eколошкиот билборд

Ќе oстане ли „Градското дрво" во Скопје да сведочи како споменик на негрижата за загадувањето на воздухот е прашање што заслужува внимание ако се земе предвид дека веќе втора година овој еколошки билборд е исушен односно не го прочистува воздухот. Главното образложение за незавидната состојба е дека неколку месеци откако било поставено „Градското дрво" се расипала цистерната на јавното претпријатие „Паркови и зеленило", со која требало да се наводнува.

Овој пример можеби најдобро ги илустрира резултатите од истражувањето на Институтот за комуникациски студии за тоа каква е судбината на еколошките проекти во земјава кои почнуваат со голем елан, но потоа брзо згаснуваат или полека замираат.

Во март, 2017 година Амбасадата на Германија и „Еко-свест“ во соработка со град Скопје промовираа еколошки билборд - City tree (Градско дрво) во Скопје, а со главна цел да се анимира јавноста од потребата за преземање мерки за намалување на загадувањето на воздухот. Денес овој билборд е исушен и не ја врши својата функција иако беше најавено дека се потребни само неколку часа годишно за сервисирање.

„Градското дрво“ во Скопје чинеше 25.000 евра - донација од неколку македонски компании. Станува збор за инсталација со пропустлива структура која има способност да ја редуцира брзината на ветерот, а мововите и васкуларните растенија кои сега се исушени ја привлекуваа и фаќаа ситната прашина и на тој начин го причистуваа воздухот. Одговори околу причините за исушениот билборд побаравме од град Скопје и „Еко-свест“.

На нашето прашање кој е задолжен за одржување на билбордот и зошто тој не функционира од град Скопје велат дека согласно Меморандумот за соработка склучен помеѓу градот и Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“, надлежен за одржување на билбордот е град Скопје, преку своето јавно претпријатие „Паркови и зеленило“.

„Поради посебните услови кои се потребни за опстојување на инсталацијата од мовови, односно системот и самите вентили и поради начинот на кој е осмислена самата инсталација да се дополнува со вода преку цистерна еднаш неделно. Во периодот од јуни-август 2017 година единствената цистерна со која располага ЈП „Паркови и зеленило“ беше во дефект и во комбинација со топлотниот бран кој беше во тој период за помалку од еден месец растенијата и мововите се исушија“, велат од град Скопје. 

Оттаму додаваат дека од септември 2017 година не се заменети растенијата во самата инсталација. За тажната судбина на нивниот еколошки билброд не успеавме да добиеме одговори од „Еко-свест“ бидејќи одговорните биле на годишен одмор.

Град Скопје во 2011 година го поддржа и проектот „Go clean“ (Гоу клин) чија цел беше да се селектираат искористените батерии за што беа поставени соодветно означени канти во училиштата и поголемите маркети. Но и овој проект по неколку години како да замре, а практиката покажува дека граѓаните батериите се уште ги фрлаат во контејнерите со останатиот отпад.

Од град Скопје објаснуваат дека финансиски го поддржале проектот, кој содржел повеќе фази (едукативна, вмрежување и поставување на посебни корпи за фрлање на батерии).

„Градот Скопје дозволи поставување на вакви корпи во објекти на институции кои се во наша надлежност (средни училишта и јавни установи), а самиот проект се спроведуваше од страна на здружението „Биди зелен“ („Гоу Грин“). За повеќе информации за самиот проект може да се обратите кај нив“, велат од градот.

Од здружението „Биди зелен“ велат дека проектот си ја исполнил својата функција – да се воспостави одржлив систем за управување со отпадни батерии во земјата.

„Во 2011 година имаше само Закон за батерии и отпадни батерии, а немаше имплементација. Нашиот проект придонесе да се формираат колективни постапувачи за батерии и отпадни батерии (2012) и тоа Нула отпад и ОБА Рециклирање. Во 2013 година се фокусиравме на подигање свест кај институциите и се поставија канти за батерии во сите Министерства и јавни установи на Град Скопје, вклучувајќи и поврзување на колективните постапувачи со овие институции. Во 2014 година се фокусиравме на подигнување свест кај младите и акции за собирање батерии во Скопје, Прилеп, Штип и Кичево. Како резултат на 6 месечна кампања се собраа 1.000 килограми батерии и колективните постапувачи се поврзаат со сите школи, општини и супермаркети каде имавме поставено канти. Од 2015 навака, колективните постапувачи си ја вршат својата функција, се уште системот функционира, можеби собирањето не е во толкав замав како што беше тие години кога ние имавме кампањи, но системот е успешен и вклучително се јавија и други колективни постапувачи“, велат од „Биди зелен“

На прашањето дали општините ја научија лекцијата од проектот односно дали денеска се поставуваат соодвено означени канти во училиштата и на други локации во кои би се собирале искористените батерии, од „Биди зелен“ објаснуваат дека општините се одговорни за комуналниот отпад, а не за опасниот.

„Колективните постапувачи се тие кои треба да постават канти и да, тие соработуваат со општините, бидејќи тоа е во нивни интерес и мора на крај на година да поднесат извештај до Министерството за животна средина за да добијат продоложување на дозволата за работа. Во некои општини повеќе колективни постапувачи имаат потпишано договори, а морам да напоменам дека електронскиот отпад и опрема е поинтересен (доходовен) за колективните постапувачи, отколку батерии. Сепак тие имаат обврска и батерии да собираат, поставуваат канти и прават кампањи, бидејќи како што реков доколку не го прават ја изгубат дозволата за работа“, укажуваат од „Биди зелен“.

Во однос на прашањата дали сметаат дека локалната самоуправа и Министерството за животна средина и просторно планирање би требало да работат на континуирано спроведување на вакви проекти и дали имаат капацитет за тоа, од „Биди Зелен“ велат дека Министерството може да поттикне повеќе дискусии помеѓу општините, НВО, колективните постапувачи и рециклатори за да ги разбере нивните предизвици и да промени нешто во регулативата.

„Локалните самоуправи во соработка со колективните постапувачи може да организираат акции за е-отпад и батерии, сепак тоа останува на иницијатива на колективните постапувачи. Ние како НВО може да се вклучиме во кампањи, но почуствувавме дека ја исполнивме функцијата со воспоставување на системот и тоа е еден пример за успешен проект на НВО - после завршување да продолжи и да има одржив систем. Сега со 4 колективни постапувачи има воспоставена инфраструктура и се организираат акции, ние како НВО може да треба да направиме евалуација на статусот на имплементација на системот“, велат од „Биди зелен“. 

Слично замирање на активностите по неколкугодишни успешни резултати имаа и акциите за собирање отпад што ги спроведуваше граѓанската мрежа „Ајде Македонија“.  Од 2012 година и неколку години потоа тие на национално ниво организираа масовни акции за чистење отпад во кои се вклучуваа десетици илјади граѓани, општини и други институции при што беа исчистени огромни површини од илјадници кубни метри отпад. Од „Ајде Македонија“ не одговорија на нашите прашања околу замирањето на оваа акција, а на нивниот веб-сајт пишува дека сега се преориентирани кон отпадот од храна.

Мапата рути и конектори од „Акцискиот план за изградба велосипедски патеки“ предвидуваше  Скопје да стане град на велосипедистите до 2017 година. Сепак, општ впечаток е дека денес автомобилите сѐ уште имаат предност кога е во прашање изградбата на сообраќајната инфраструктура.

Имено, со проектот „Скопје вело-град 2017“ требаше да се оформат главни велосипедски рути кои ќе се протегаат во насока исток – запад и конектори кои ќе се протегаат во насока север – југ. Денес, две години откако е изминат рокот за спроведување на овој план, велосипедски патеки има само на големите сообраќајници во градот,а на повеќето споредни улици е речиси невозможно да се мине со велосипед поради колоните возила на улиците и неправилно паркираните автомобили на тротоарите.

Од град Скопје велат дека развивањето на вело-инфраструктурата е еден од главните приоритети на градот и дека секоја година се реконструираат и градат километри нови вело патеки.

„Само во текот на 2018 година изградени и реконструирани се 14,6 километри велосипедски и пешачко-велосипедски патеки во вредност од 56,5 милиони денари, а истиот тренд продолжи и оваа година“, велат од градот.

Бавно се спроведуваат или во застој се и проекти за подобрување на енергетска ефикасност. Покрај десетиците студии и стручни насоки за подобрување на енергетската ефиканост кај локалната и државната управа се уште има огромен број училишта и институции кои се затоплуваат на мазут, кои имаат енергетско-неефикасни прозорци и стари дотрајани фасади кои носат загуба на енергија.  

На прашањето зошто голем број од училиштата се уште функционираат по старо кога е во прашање заштедата на енергијата, од град Скопје велат дека поставување на енергетско-ефикасни фасади на училиштата кои се во надлежност на градот е една од мерките на кои се посветува големо време и енергија.

„Поставувањето на нови фасади се прави на сите училишта, согласно потребите и приоритетите.  Во текот на 2018 година нови енергетско ефикасни фасади добија 11 средни училишта, и тоа „Димитар Влахов“, „Јосип Броз Тито“, „Орце Николов“, „Кочо Рацин“, „Никола Карев“, „Боро Петрушевски“, „Здравко Цветковски“, „Панче Арсовски“, „Сарај“, „Панче Караѓозов“ и „Михајло Пупин“.  Во тек е изработка на нови фасади на СУГС „Цветан Димов“ и „Марија Кири Склодовска“, каде покрај нова фасада се менува и целосната конструкција поради нивната дотраеност“, велат од градот.

Листата на проекти кои влеваа надеж дека се оди кон позитивни промени во однос на спроведување корисни активности за заштита на животната средина не завршува тука. Таа е многу подолга и доколку се реализираа дел од зацртаните цели сега ќе имавме апликации за подобро управување на отпадот, воспоставена инфраструктура за рециклирање отпад, подобра градска хигиена... и други алатки и механизми кои би требало да поттикнат менување на свеста и навиките кај населението во однос на заштитата на средината.

Уште едно лето без „Зелен покрив“ на ГТЦ

Непланирано одложување имаше реализацијата на проектот „Зелен покрив“ на Градскиот трговски центар (ГТЦ) поради реакциите на јавноста на решението односно визуелизацијата на оваа идеја презентирана на почетокот на годинава. Притисокот од граѓаните и архитектонската фела во февруари, годинава ги натера градските власти да направат измени на проектот.

„Идејниот проект за изгледот ни беше доставен од ГТЦ, како трета страна во проектот. Град Скопје учествува во овој проект преку финансирање на истиот и обезбедување на средствата, а УНДП ја спроведе постапката. Имајќи предвид дека имаше извесни реакции во јавноста, веќе стапивме во контакт со архитектите и фелата и во рамките на законските можности и правилата определени од УНДП, преку „Скопје урбан центар“ каде што се членки Здружението на архитекти и Архитектонскиот факултет ќе бидат извршени определи корекции на проектот“, рече тогаш Шилегов.

ЕУ, свесна за демократскиот дефицит на земјите од Западниот Балкан (но и останатите, претежно економски проблеми), како да тежнее кон формирање блиски, но и специфични односи со овој регион, без полноправно членство.

повеќе

Нарушени се човековите права и слободи, нема владеење на правото и правосудството, кои треба да бидат основа на процесот.

повеќе

Поентата на глобализмот е максимално економско вмрежување во десетици економски сојузи на секоја држава.

повеќе