Протестот во Скопје ќе почне во 14.30 часот на плоштадот „Македонија“ по што ќе се маршира до руската амбасада.
„Ние, Украинците во Македонија, излегуваме денеска на протест. Да изразиме поддршка на нашите роднини, пријатели, кои се изложени на брутален напад. Да кажеме СТОП за војните во 21 век. Да кажеме СТОП за трета светска војна и НЕ за страдањето што низ цела Европа може да го донесе агресијата што сега се случува врз невино население во Украина.
Дојдете и придружете ни се, заеднички да кажеме СТОП за лудилото на војната.
Се собираме на плоштадот во Скопје денеска, 25 февруари, 2022 година, во 14.30 часот. Потоа во 15.00 часот одиме пред Руската амбасада“, повикуваат организаторите.
Вчера, вакви протести се одржаа во повеќе градови во регионот - Белград, Подгорица, Тирана, Приштина… Демонстранти се собраа и на улиците на Токио, Истанбул, Мадрид, Прага, а се протестираше и во повеќе градови во Франција, Холандија и Кипар.
Овие протести најчесто се организирани од украинската дијаспора која бара мир за својата татковина.