Дебармаало има култно, скоро митско место во современата македонска култура.
Голем удел во креирањето на тоа имаше покојниот писател, професор и вљубеник во маалото, Горан Стефановски.
Стефановски си го разјасни својот став кон губењето на душата на Дебармаало, како и кон рушењето на општествените вредности во нашата земја, во својата драма Демонот од Дебармаало, каде се разбира единствениот простор и време се маалото и Идадија. ,,Без маало нема држава!’’.
Прославата на животот на Стефановски е предвидена како мал увид во неговиот личен, семеен и творечки живот. Јавноста го знае како познатиот драмски писател, есеист и мудрец, кој низ град одеше пеш со насмеано лице, но ова ќе биде можност неговото семејство и блиски пријатели да ја претстават неговата друга страна, како татко, сопруг, дедо и фанатик на Битлси, преку проекција на фотографии од неговото најрано детство до крајот на животот, проекции на видео интервјуа, говори, и кратки семинари водени од него, видеа и фотографии од претстави по неговите текстови (во соработка со Драмскиот театар и ФДУ), слушање на неговата најомилена музика, и „отворен микрофон“ (open mic) на кој сите што сакаат ќе можат да кажат некоја приказна или анегдота поврзана со Горан.