Неславен јубилеј

Пред 20 години Мирослав Грчев го нацрта ДУП-от за Дебар Маало, сите предвидувања се остварија – хаос, пренаселеност, бетон...

Пред точно 20 години, на 29 април 1999, донесен e Деталниот урбанистички план за Дебар Маало и Буњаковец кој го промени карактерот на населбата и го промени овој простор од населба за индивидуално во населба колективно домување. Сите тогашни предупредувања на архитектите и урбанистите се остварија, не потсетија од граѓанската иницијатива Во одбрана на Дебар Маало.

Тогаш, нарачател и предлагач на планот беше тогашниот градоначалник на oпштина Центар, архитектот Мирослав Грчев. ДУП-от се косеше со Генералниот урбанистички план, но сепак стапи на сила.

Граѓани и архитекти организирани во Иницијативниот одбор за заштита на Дебар Маало и Буњаковец барале да се стопира донесувањето затоа што густината на населението ќе се зголеми за 200 отсто (тоа и се случи), затворениот блоковски систем и висината на објектите од 20-30 метри до слеме над тесните улички од 3-5 метри ќе го сведат на минимално осончувањето и струењето на воздухот (на терен е така), ниту една мерка за заштита на животната средина не е задоволена (затоа некому конечно му текна во Центар да донесе решение за мораториум за градба), ќе настане хаос во сообраќајот, паркирањето и инфраструктурата (секојдневна глетка во Дебар Маало), зелените површини ќе се претворат во паркинзи (треба ли докази и за ова)...

Во таа 1999, членовите на тој Иницијативен одбор за заштита на Дебар Маало велеа дека со планот ќе се дехуманизира просторот и ќе настанат супстандардни услови за живеење во населбата, а сето тоа за профит на неколку приватни инвеститорски и градежни фирми.

Дваесет години потоа, по донесувањето на овој план живееме во хаосот што тогаш го предвиде Одборот за заштита.

Нарачателот на планот, градоначалникот на Центар архитектот Мирослав Грчев тврдел дека тој план бил најдобар и дека со него ќе се изедначат правата на луѓето во населбата и ќе се обезбеди плански развој. Тој во интервју за тогашен Вечер вели: „Други органи во државата се должни да го штитат планот и воопшто поредокот на градското живеење. Министерството за урбанизам издава дозволи, има инспекции градежни, урбанистички и единица за уривање“.

Еве, со цитати на тогашните актери, како изгледало тоа во однос на ДУП-от за Дебар Маало.

Арх. Мирослав Грчев, градоначалник на општина Центар, нарачател и предлагач на планот:

Тоа е само теоретско предвидување за зголемување од 34.000 жители, што во контекст на другите одредби за реализација на планот е практично невозможно“ (таа бројка е повеќекратно надмината).

Нема конфликт (на интерес) затоа што јас не сум платен советник ниту на една фирма, со зборови и со бројки. Апсолутно никогаш не земам и строго внимавам на таа смисла да нема ниту назнаки ниту претпоставки. Овој план носи правила за градба за повеќе од 1.500 локации… Бесмислено е да барате градоначалникот да прекине со својата вокација и струка додека е градоначалник“.

Ова е најдетален и од стручен аспект најакрабичен план што е некогаш направен во Република Македонија“.

Министер за урбанизам и градежништво, Душко Кадиевски, кој пред да стане министер беше градски архитект и беше вклучен во целата процедура на донесување на ДУП-от за Дебар Маало и Буњаковец. Иако имал големи забелешки за предложениот нацрт-план за Дебар Маало и Буњаковец, како што е неговата неусогласеност со постојниот и тогаш сѐ уште важечки Основен урбанистички план за Скопје од 1985 година, и тоа во делот на намената на просторот и густината на живеење, сепак дал позитивно мислење и препорачал, при изготвување на предлог планот да се анализираат и разрешат неговите забелешки.

Како министер за урбанизам и градежништво Кадиевски беше тој кој, според закон, одлучуваше дали еден ДУП ќе се спроведе или ќе се стопира до донесување на нов ГУП за град Скопје.

Мирослав Грчев денес е надворешен соработник за просторно и урбанистичко планирање и градежништво на премиерот Зоран Заев.

Иницијативен одбор за заштита на Дебар Маало и Буњаковец:

Се зголемува бројот на жители од населба со околу 13.000 жители и се предвидува да се зголеми на околу 35.000, што е енормно голема густина на населеност, недозволена за наши стандарди и иницира супстандардно живеење“.

Одборот тврдеше и дека посебните одредби по кои треба да се спроведува планот нудат можност за манипулација: „Ова пред сѐ се однесува на одредбата за површината за градба, што ќе ги тера сопствениците на парцелите и на сегашните куќи да бидат лесен плен на приватните инвеститорски и градежни фирми кои и минималниот зелен простор во парцелата ќе го уништат и ќе го претворат во паркинг простор“.

Еве што тогашните советници на општина Центар, на 29 април 1999 година, велеа за  Деталниот урбанистички план за Дебар Маало и Буњаковец. Во тогашната анкета на весникот Вечер одбиле да учествуваат Страшо Зафировски, Игор Папеш и Јани Макрадули од СДСМ и двајца советници од ПДП-НДП.

Одговорите на останатите се:

1. Ташко Благоев, ВМРО-ДПМНЕ – не гласал

„Јас не навлегов во материјата доволно, меѓутоа кога ми ги кажавте овие работи што ги спомнувате со прашањата, сега подруго размислувам и сум против ваков план. Ако се реализира ќе се загади сѐ, ќе се намали осветлувањето и тесно ќе биде. Ова е централно градско подрачје и ќе нема струење на воздухот.“

2. Перо Андонов, СДСМ – гласал за планот

„Јас сметам дека никој не е толку луд да направи нешто што после нема да испадне добро.“

3. Никола Силјановски, СДСМ – гласал за планот

„Не знам дека ќе се зголеми бројот на жители, планот не одредува популациска политика, туку урбани услови за живот. Треба да се заштити маалото од дојдени кои по полулегални канали имаат изградено објекти. Смета дека нема да се намали квалитетот на живеење зашто овој план има принципи.“

4. Иванчо Вучевски, СДСМ – гласал за планот

„Ако сакаме да живееме во една урбана средина и да се решат сите аномалии, најдоброто решение е овој план што ќе ги разреши сите инфраструктурни проблеми.“

5. Васил Диневски, ВМРО-ДПМНЕ – гласал за планот

„Свесен сум за моето гласање, но во позитивна смисла. Аспектот за зголемување на бројот на жители за најмалку 200% бил разгледуван и дека тоа се максимални оптимални бројки и тој број на жители нема да се исполни во наредните 20 до 30 години.“

6. Полексија Грозданова Ристоманова, СДСМ – гласала за планот

„И да е натфрлен бројот на жители за 200, 300 отсто, тоа е цената да се живее во градско подрачје. Предвидено е градење на паркинг простори, а што се однесува до тоа дека ќе се зголеми загаденоста: Дебар Маало има предност дека до него е паркот и има природна вентилација.“

7. Димитар Илиевски, СДСМ, претседавач на Советот – гласал за планот

„Нормално е да се зголеми бројот на жители и со проекцијата на планот е предвиден колкав би бил тој број. Таа бројка на жители е максимална, но не и задолжителна. Со планот нема да се намали квалитетот на живеење, туку планот предвидува решавање на целокупната инфраструктура, а за паркирањето – ако некој обезбеди паркирање, ќе гради.“

8. Владимир Петрушевски, ЛДП – воздржан

„Знам дека се зголемува бројот на жители, но не бев свесен за колкав број станува збор. Знам дека драстично ќе се намали квалитетот на живеење, но за жал, во советот функционира партиска дисциплина за прашања што не се партиски.“

9. Драган Јанковски, СПМ – гласал за планот

„Ќе се зголеми бројот на жители, но нема да се намали квалитетот на живеење, бидејќи сите негативности се регулираат со новиот план.“

10. Гордана Вељковиќ – Јегени, СДСМ – гласала за планот

„Почитувани се сите нормативи и стандарди во однос на бројот на жители и се отвара голем инвестициски циклус. За драстичното намалување на квалитетот на животот – тоа ќе се случеше доколку планот не се донесеше.“

11. Иван Николов, СПМ – гласал за планот

„Планот во догледно време ќе стави ред во градбата, никој не е загрозен со планот и строго се утврдени принципите за градба, бидејќи има одредби за спроведување на планот по кои ќе се работи, а за понатаму има инспекциски органи кои ќе си ја вршат работата.“

12. Владимир Павловски, ЛП – гласал за планот

„Знам дека ќе се зголеми бројот на жители, меѓутоа мислам дека нема да се намали квалитетот на живеење. Тоа со анализа е докажано во елаборатите во материјалите што ни беа доставени на седницата.“

13. Денко Скаловски, ЛДП – гласал за планот

„Нормално е да се наголеми бројот на жители зашто станува збор за централно градско подрачје, а не приградска населба. Секој кој сака дворче нека живее во Радишани.“

14. Ратко Црвенковски, ЛДП – воздржан

„Знам дека со планот ќе има енормно зголемување на бројот на жители, дека ќе се намали квалитетот на живеење и дека планот не е обмислен до крај.“

15. Јулијана Шалева, ВМРО-ДПМНЕ – гласала за планот

„Дебармаалци живеат во централно градско подрачје и треба да сфатат за такво живеење со намален квалитет. Колку и да е лош планот, подобар е од сегашнава состојба“

16. Босилка Ризовска, ВМРО-ДПМНЕ – воздржана

„Гласав против планот, бидејќи знаев дека со новите згради се пренаселува Дебар Маало.“

 

Во одбрана на Дебар Маало

Кодификацијата на бугарскиот јазик се случила цели шест месеци и 25 дена покасно од кодификацијата на македонскиот јазик.

повеќе

Два месеци по недобивањето датум за преговори за членство на Македонија во ЕУ, малку знаеме која беше улогата на Бугарија во тоа.

повеќе

И покрај сите обиди, темата „Закон за јазиците" не „лепи".

повеќе