вторник, 30 април 2024

Меѓународниот кривичен суд одби да ѝ нареди на Германија да му продава оружје на Израел

Судиите на Меѓународниот суд на правдата одлучија да не издадат итен налог Германија да го прекине извозот на оружје во Израел, но истакнаа дека се и понатаму длабоко загрижени поради состојбата во Газа. Сепак, судот не го одобри барањето на Берлин случајот да се отфрли.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Никарагва од меѓународниот суд побара да ѝ нареди на Германија да го прекине извозот на оружје во Израел и продолжување на финансирањето на агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци УНРВА, аргументирајќи го своето барање со постоењето сериозен ризик од геноцид во Газа.

Судот одби да издаде каква било наредба со објаснување дека актуелните околности кои ги претставила Никарагва не се такви за судот да треба да издаде итни мерки.

„Судот и понатаму е загрижен поради катастрофалните животни услови на Палестинците во Појасот Газа, особено имајќи го предвид долготрајниот и општ недостиг од храна и други основни намирници“, кажа претседавачот на судот Наваф Салам.

Германија е еден од најголемите израелски сојузници од упадот на Хамас на израелска територија на 7 октомври минатата година и еден од најголемите снабдувачи со оружје на Израел. Според податоците на министерството за економија, во 2023 му испорачала оружје и воена опрема во вредност од 326,5 милиони евра.

Правната советничка на германското министерство за надворешни работи Таниа фон Услар Глајхен им кажа на судиите на Меѓународниот суд на почетокот на април дека тужбата на Никарагва е избрзана, заснована на слаби докази и дека треба да биде отфрлена бидејќи судот не е надлежен.

Истакна дека германскиот извоз на оружје внимателно се контролира за да се обезбеди почитување на меѓународното право.

Адвокатот на Германија Кристијан Тамс му кажа на судот дека од 7 октомври, односно почетокот на војната на Израел против палестинската исламистичка група Хамас, 98 отсто од извозот на оружје во Израел е општа опрема како панцири, шлемови и двогледи. Во четири случаи во кои бил одобрен извоз на оружје, три се однесувале на оружје кое не било наменето за борби, како муниција за обука, кажа тој.

Конечна одлука од Меѓународниот суд на правдата би можела да се чека со години, а судот нема овластувања да го наметне нејзиното спроведување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ