Почнува процесот за отстранување на линданот од кругот на ОХИС

Oд неодамна, конечно, почнати се конкретни активности за отстранување на линданот од дворот на фабриката ОХИС во Скопје, а кои треба да резултираат со отстранување на отпадот од линдан од малата локација каде што е неправилно одложен.

Опасните карактеристики на линданот и нуспродуктите што се создаваат од процесот на производство на линдан се познати уште одамна, но формалната контрола над неговата употреба доаѓа со внесување на линданот на листата на опасни соединенија на Стокхолмската конвенција, во 2009 година. Со овој чин, производството и употребата на линданот е забранета во сите земји потписнички на конвенцијата. Првите забрани и ограничување за употреба на линданот во светот датираат уште во 80-те години, вели Марјан Михајлов, експерт за заштита на животната средина. 

Органските хемиски соединенија или неразградливите органски загадувачи (Persistent Organic Compounds - POPs) имаат низа на опасни карактеристики (токсичност, канцерогеност итн). Стокхолмската конвенција се усвои во 2001 година, а во 2004 година стапи во сила. Тоа значи дека сите овие органски хемиски соединенија се ставаат под строга контрола со што за најголем дел од нив се елиминира производството и употребата, а за други се ограничува. И Македонија e потписничка на оваа конвенција од 2001 година, а истата ја ратификуваше со посебен закон во 2004 година.

Сепак, депонијата со линдан во дворот на фабриката ОХИС и натаму е сериозна закана за загадувањето на воздухот и здравјето на луѓето.

„Како дел од ажурираниот национален имплементационен план за ПОПс направена е анализа на нашето законодавство во однос на барањата на конвенцијата. Поголем дел од нив се веќе транспонирани во различни постоечки закони и подзаконски акти од областа на животната средина, хемикалии, земјоделство и здравство, а помал дел се делумно транспонирани. Она што недостасува е закон за почви и соодветни подзаконски акти со цел поуспешна имплементација на обврските“, вели Михајлов.

Во Македонија надлежно тело за оваа проблематика во смисла на надзор е државниот инспекторат за животна средина (ДЖИС). Нивната надлежност е во спроведување на теренска контрола на управување со ПОПс во делот на заштита на животната средина и спроведувањето на законските одредби за управување со ПОПс. Дел од надлежностите има и државниот инспекторат за земјоделство кој има обврска да врши надзор во прометот на производите за заштита на растенијата, вклучувајќи ги и ПОПс пестицидите.

Стокхолмската конвенција поставува контрола над три групи на неразградливи органски загадувачи за кои се докажани несаканите ефекти врз човекот и екосистемите: пестициди, индустриски хемикалии и нуспроизводи.

Во Македонија постои листа на неразградливите органски загадувачи. Некои од нив се присутни кај нас како дел од електрична, електронска опрема и друга опрема каде истите се користат во процесот на производство, други се јавуваат како резултат на различни индустриски процеси. Поголемиот дел од ПОПс пестицидите ги нема во Македонија, со мали исклучоци на некои од нив кои сѐ уште може да се најдат во употреба (на пример ендосулфан). Полихлорираните бифенили (ПХБ) се доведени на минимално ниво со досега спроведените активности за редукција и елиминација.

Со потпишување на конвенцијата и донесувањето на законот за ратификација, Македонија ги прифати обврските од конвенцијата. Од Мај 2002 година наваму, Министерството за животна средина и просторно планирање преку нејзината канцеларија за неразградливи органски загадувачи имплементираше низа проекти за спроведување на обврските од конвенцијата: подигање на јавната свест, зајакнување на капацитетите, редукција и елиминација на хемикалии. Посебно треба да се истакнат активностите за идентификација (инвентаризација), редукција и елиминација на ПОПс во Македонија – Национален имплементационен план за редукција и елиминација на перзистентните органски загадувачи - ПОПс во Македонија и негово ажурирање. Покрај тоа, спроведени се низа активности за елиминирање на опасни супстанции и ПХБ масла од земјата.

Maрјан Михајлов „Што се однесува до линданот и негови поврзани опасни материи, спроведени се повеќе истражувачки активности со цел прецизно утврдување на состојбата со линданот во кругот на ОХИС и определување на мерки за негово финално отстранување. Конечно, од неодамна се започнати конкретни активности за отстранување на дел од овој отпад што треба да резултираат со отстранување на отпадот од линдан од малата локација каде што е неправилно одложен линданот во ОХИС и деконтаминација на загадената почва во наредните неколку години“, вели Михајлов.

Според постоечки истражувања, повеќе стотици илјади тони отпад од линдан и други други поврзани опасни материи се наоѓаат во Европа. Најголем дел во трите најголеми произведувачи на линдан - Франција (околу 360.000 тони), Германија (околу 390.000 тони) и Шпанија (околу 200.000 тони). Состојбата во другите ЕУ земји не е поразлична многу: 34 контаминирани локации се утврдени во Чешка, 50.000 тони отпад во Полска, 250.000 тони во Романија... Некои од овие жаришта се санирани, дел се предмет на истражувања, дел останува да бидат санирани со цел елиминирање на ризиците врз животната средина и здравјето на луѓето.

Во ерата во која сите напредни земји во светот престануваат со употреба на фосилни горива, ние отвораме нови наоѓалишта, наоѓаме оправдување за исцрпување на необновливите ресурси и за активирање на најголемата глобална закана за морската биолошка разновидност.

повеќе

За жал многумина, а особено оние што треба, не може да ја видат историската димензија на оваа посета на еден папа на нашата земја.

повеќе

Кога знаеме како функционира кризата на претставеност, можеме да спречиме повторување на историјата, кое можеби овој пат би имало и многу полоши последици по демократското општество.

повеќе