„Општина Карпош е лидер по заштеда на енергија во државата, која во овој период изнесува речиси 50 проценти“, истакна министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, на средбата со градоначалникот Стевчо Јакимовски.
Пенов се повикал на извештаите на ЕВН, според кои во Општина Карпош потрошувачката на струја е речиси преполовена.
„Дојдовме да ја пофалиме општина Карпош која што во директивите што ги дава Владата за штедење на енергија, според извештаите што ги добиваме од ЕВН заштедата во енергија во општина Карпош во овој период е речиси 50 проценти. Тоа е успешен прилог во напорите на Владата да обезбеди енергија, во насока на штедење, бидејќи периодов скапо ја плаќаме енергијата и во напорите да обезбедиме пристоен и нормален живот на граѓаните.
„Разговаравме за енергетската криза и можностите евентуално за поддршка за проекти кои што ги имаме во насока на заштеда на енергија на улично осветлување, во градинките и во училиштата. Дискутиравме и за проблемите со кои се соочуваме при обидите за инвестирање како на домашни, така и на странски инвеститори во земјава и проблемите во делот на урбанизмот. Разговаравме и за она прашање кое што денеска го тишти цело Скопје, а тоа е проблемот со паркирањето и комплицираните процедури за воведувањето на зонско паркирање или друг начин на паркирање кое ќе го подобри квалитетот на живеењето на граѓаните во општината. Констатиравме дека во одредени делови и тоа како се потребни законски измени и консултација меѓу владините институции и локалната самоуправа, истакна градоначалникот Јакимовски.