ОУ Лазо Ангеловски - Mлади новинари денес-одговорни дигитални граѓани утре

ООУ „Лазо Ангеловски“ во Аеродром oд 11 до 15 април беше домаќин на краткорочна размена на ученици во рамките на Еразмус + проектот „Млади новинари денес-одговорни дигитални граѓани утре“ во кој учестуваат три останати партнер училишта од Хрватска, Србија и Романија.

Манифестацијата беше отворена на 11-ти април со пригодна приредба изведена од нашите ученици на која беше прикажана куса драматизација поврзана со обичаите за Велигден и народни ора. Во текот на денот следеа активности за тим-билдинг и меѓусебно запознавање на учениците, посета и прием во општина Аеродром и проследување на првиот дел од презентациите за Македонија, а во пладнивните и вечерните часови во опуштена атмосфера имаше заеднички ручек и вечера со сите гости.

На гостите добредојде им посака директорката на училиштето „Лазо Ангеловски“ м-р Магдалена Петреска, осврнувајќи се на проектот и неговата важност за идните генерации истакнувајќи дека живееме во време на отворено и брзо пласирање на информации во кое нашите деца треба да знаат како да ја проверуваат веродостојноста на истите, да ги препознаваат дезинформациите и како во иднина одговорно самите тие да пласираат информации. Само така може да имаме добро информирани идни граѓани и веродостојни информации. Потоа таа истакна дека проектот придонесува и кон создавање на нови пријателства меѓу децата и возрасните од земјите во регионот.

Своето задоволство во врска со манифестацијата го изразија и координаторите на групите учеснички.

Стјепан Лучки, директор на ОУ Св. Петар, Ореховац,  Хрватска, координатор на проектот ја изрази својата благодарност и истакна: „Воодушевени сме од приредбата, од драмската изведба и од прикажаното народното оро и носии кои имавме можност да ги видиме. Можевме да видиме дека со голема волја и жар е подготвена приредбата, па големи пофалби до учениците и наставниците кои ги подготвуваа. “

Стојанка Лесички, координатор на Еразмус+ проектот „Млади новинари денес – одговорни дигитални граѓани утре“ изјави дека во рамките на проектот сите училишта успешно формирале свој дигитален училишен весник и притоа разменувале новинарски натписи. На блогот на проектот реализирани се преку 500 објави со текстови испратени од училиштата. Креирани и одржани се бројни работилници и тркалезна маса на тема „Медиумска писменост“. За потребата од поддршка на вакви и слични проекти, го истакна следново: „Сметаме дека дигитални весници за деца се прекупотребни. Недостасува буџет за такво нешто, а потребата од нив  секако постои со оглед на тоа дека нашите деца наоѓаат информации само на социјалните мрежи и често се дезинформирани, затоа што има многу лажни вести, многу објави кои деца всушност не би требало да ги читаат. Кај нас постојат дигитални весници за студенти, средношколци, но не и за децата од основните училишта кои всушност се најмалку медиумски писмени и ние и понатаму ќе се залагаме, дури и по завршувањето на овој проект да се направат обиди да се реализира оваа идеја и се надевам дека овој наш проект ќе поттикне некаква активност во оваа сфера, сферата на медиумска писменост.“

Биљана Вучкович, Чичевац, Србија: „Ние доаѓаме од мало место и нам ни е многу мило што ја започнавме новинарската секција во Србија. Денес тука се присутни деца кои се нашите најдобри новинари, оние кои имаат напишано најголем број на текстови. Преку овој проект децата имаат можност преку целата година да  бидат активни и да стекнуваат дигитални и вештини за  медиумска писменост.“

Михаела Кристина, претставник на партнер училиштето од Романија: „Ние ја започнавме нашата соработка со координаторот Стојанка Лeсички и координаторот од вашето училиште Љубица Ружинска на платформата eTwinning, а заедничката цел ни беше да ги подобриме дигиталните вештини и медиумската писменост на нашите ученици. Нашите ученици и наставници работат на зголемувањето на свесноста за сајбер-насилството како да го препознаат истото, како да препознаат лажни вести, како да проверат веродостојност на вести и особено во време на пандемијата се појави потреба да пишуваме токму на овие теми. Благодариме на нашите партнери од Македонија кои одлично ја подготвија оваа размена.“

Во текот на останатите четири дена од ученичката размена се реализираа повеќе работилници поврзани со темата на размената и во склад на целите на проектот и тоа: „Моќта на медиумите“, „Да бидеме реални“, „Дали е трик или го заслужува мојот клик?“ и „Филтирани меурчиња“. Учесниците на размената исто така имаа можност да се запознаат со културата, обичаите и знаменитостите на градот Скопје и нашата држава преку презентации кои сами ги подготвија како и културните посети кои се реалзираа во текот на размената: шетачка тура низ градот Скопје проследена со лов на богатство, како и посета на археолошкото наоѓалиште Стоби. Истовремено преку различните видови на неформали активности во училиштето и надвор од него учесниците имаа можност да се дружат, забавуваат и да формираат нови пријателства со своите со-учесници од различните држави.

Учениците-учесници на ученичката размена, кои воедно се членови на медиумската група во училиштето која е дел од овој проект, напишаа написи во училишниот дигитален весник, Л.А ИН-форматор, за активностите и впечатоците од секој ден на размената. 

 

Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа.

повеќе

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе