четврток, 25 април 2024

Полски министер за одбрана: Полјаците се огорчени кога гледаат млади Украинци во кафулињата

Полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш изјави во интервју за Полсат њуз дека Полска е подготвена да ѝ помогне на Украина да ги врати воено способните мажи за да ја „исполнат својата граѓанска обврска“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Мислам дека многу Полјаци се огорчени кога гледаат млади Украинци во хотели и кафулиња и слушаат колку труд треба да вложиме за да ѝ помогнеме на Украина“, рече Косињак-Камиш. Тој потврди дека Варшава веќе ѝ понудила помош на Украина во минатото за да можат регрутите да се вратат во својата земја.

„Секаква поддршка е можна“, одговори Косињак-Камиш на прашањето како ќе се постави Полска доколку Киев побара помош за враќање на мажите кои го губат правото да останат во Полска. Ројтерс, повикувајќи се на Евростат, пишува дека во земјите на Европската унија живеат околу 4,3 милиони Украинци.

Полска им додели статус на привремена заштита на 950.000 Украинци, втор најголем број по Германија. Инаку, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба објави дека се суспендирани конзуларните услуги за украинските мажи кои се регрути.

Украинската влада им забрани на конзулатите да издаваат украински пасоши, за домашни или за меѓународни патувања, на украински мажи на возраст меѓу 18 и 60 години. Отсега овие документи ќе бидат достапни само во Државната служба за миграција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ