Осмомартовски марш – Дали е среќен 8 Март? (ФОТО)

Жените во земјава и во 2019 година не се еднакви со мажите на социјално, економско и политичко ниво. Тие и понатаму се пообразовани, но остануваат помалку активни на пазарот на трудот. Насилството врз жените и девојките е жална вистина во Република Северна Македонија, а стереотипите, насилството и мизогенијата кон жените во приватната сфера, но и во јавниот дискурс продолжуваат и не се адресираат.

 

Ова го порача денеска Снешка Илиќ од Платформата за родова еднаквост, неформална мрежа на македонски граѓански организации за женски права составена од 22 организации и мрежи, која денеска трета година по ред организира марш по повод Меѓународниот ден на жената, овој пат налсовен „Дали е среќен 8 Март?“

Маршот почна од паркот Жена борец, во него учествуваат околу 300 жени, но и мажи кои го поддржуваат унапредувањето на нивните права, меѓу нив министрите за труд и социјална политика, за здравство и за информатичко општество, Мила Царовска, Венко Филипче и Дамјан Манчевски, пратенички, кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска, јавни личности.

Парламентот веднаш и без одложување да ги донесе законите за брекин на бременоста, за антидискриминација и за социјална заштита, финансии и институционална поддршка од Владата за унапредување на правата на жените, афирмативни мерки за вклучување на жените на пазарот на трудот и механизми за заштита од дискриминација на работното место по родова основа, итно отстранување на дискриминаторските критериуми во националната програма за рурален развој, ефикасна заштита од насилство, итни реформи во здравството за унапредување на репродуктивноста, се дел од барањата кои учесниците во овој марш ги упатија до властите на централно и на локално ниво.

„Државата и понатаму само декларативно се залага за родовата еднаквност и женските права. Оваа година бараме од локалната и извршната власт да покажат вистинска системска и финансиска заложба за унапредување на родовата еднаквост и женските права. Бараме женскиот глас не само да се слушне, туку да се стави во практика“, порача Илиќ.

Забележа дека не се работи системски на решавање на проблемите во однос на родовата нееднаквост, а како позитивен чекор го спомена ратификувањето на Истанбулската конвенција, но додаде дека за жал се уште постојат суштински проблеми – во 43 општини се уште нема гинеколози, над 60 проценти од жените се неактивни на пазарот на труд, иако во поголем дел се магистри и докторки на науки.

Таа им порача на властите повеќе да ги слушаат невладините организации и да ги имплементираат нивните препораки, бидејќи, како што рече, тие не зборуваат напамет.

Салија Бекир Халим од Иницијативата на жени Ромки од Шуто Оризари се пожали на повеќекратна дискриминација врз Ромките – поради тоа што се жени, поради нивниот социоекономски статус и поради нивната етничка припадност.

Таа упати повик до државата веднаш да преземе конкретни мерки за да се стави крај на малолетничките бракови, на незаконска наплата од страна на матичните гинеколози и конечно да се донесе законот за заштита од дискриминација.

Вангелина Пармачка од Националната федерацијка на фармери изјави дека жените се невидлива поддршка во руралните средини.

„Се соочуваме со проблеми на вработеност, влегуваме во категорија на семејни неплатени работници и покрај тоа што по цел ден работиме дома, на нивата, на фармите. Околу 64 проценти од руралните жени не се активни на пазарот на труд, а најголема причина е негата на семејството, негата за децата неплатената работа во домаќинството и семејните фарми. Бараме од Владата сет економски мерки за зголемување на можностите за вработување на жените од руралните средини, со кои ќе се препознае неплатениот труд на жените за грижа на семејството и земјоделската работа“, истакна Пармачка.

Побара и отстранување на дискриминаторската мерка во Програмата за рурален развој 2018-2021, 114, со која за поддршка на активен женски член во земјоделското стопанство се бара жената да е во брак, да има родено едно дете, да е невработено лице, домаќинка и да живее во населено место од 200 жители и на надморска височина од 700 метри.

За претставниците на власта, кои беа на маршот, унапредувањето на правата е евидентно, се преземаат мерки, се подобруваат состојбите и пред се при креирањето на политиките и носењето на законите се зимаат предвид сугестиите и препораките од невладиниот сектор.

Министерката Царовска нагласи дека е во постојана комуникација со граѓанските огранизации, заедно работеле на сите реформи закони, кои се однесуваат на унапредување на правата на граѓаните, меѓу кои и социјалните права, недискриминација и детска заштита.

Царовска смета дека ќе постигне консензус за новиот закон за антидискриминација, за кој вчера пратениците расправаа, но не беше усвоен поради немање кворум. Според неа дебатата меѓу позицијата и опозицијата била одлична. Очекува многу скоро пратениците да го изгласаат со национален консензус и изрази сигурност дека ќе се обезбеди политичка волја за него, бидејќи како што рече„сите политички партии сакаат земјава да ја видат во европското семејство“.

Министерот Филипче, кој носеше маица со напис „феминист“ се осврна на здравстената заштита на жените, пред се на недостигот на гинеколози во некои општини.

Во некои општини воопшто нема гинеколог, во некои нема добар пристап, а во некои гинекологот опслужува голем број пациентки. Генерално во земјава има доволен број гинеколози во однос на бројот на жители, но како што рече Филипче, проблемот е лошата дистрибуција.

Изработени се два модела за подобрувања во оваа сфера.

„Со Фондот за здравствено осигурување заедно ги разработивме и тие може да профукционираат на почеток на летото,  а се однесуваат на давање повеќе ингеренции на специјалистите по семејна медицина за да даваат услуги, за кои се едуцирани и тренирани, а второ е да им се дадат интегеренции на гинеколозите од секундарно ниво, кои практично ги породуваат жените да имаат увид во целиот тек на бременоста, односно да им се дадат ингеренции како матичните гинеколози“, појасни Филипче.

Учесниците во маршот од Паркот Жена борец маршираа преку Плоштадот Македонија, Камениот Мост, па се до плоштадот Филип Втори, а меѓудругото побараа и валоризација и поддршка на автентичното женско уметничко творештво и на женското дејствување во културата, итно донесувње на законот за култура, со кој ќе се заштитат работничките права на културните работнички и ќе се унапредува нивните услови за работа и професионален развој. 

МИА

Фото: Роберт Атанасовски

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе

Ништо не ме научи повеќе за моите родители, а и за мене, од храната што тие ја обожаваа откако избегаа од Босна.

повеќе

Охрид, најголемиот и најпосетен туристички центар во Македонија, балканскиот Ерусалим и европскиот бисер, се менува со брзина на светлината.

повеќе