На инвеститорот Борис Стојменов

Општина Центар допрва ќе бара фирма за уривање дивоградба што требаше да се урне во февруари

Скопската општина Центар уште во февруари годинава на инвеститорот на објектот кај БEKO му издаде решение за отстранување на дивоградбата, со рок од три дена сам да ја отстрани. Тоа, се разбира, не е сторено, а денеска Општината на прашање на МКД.мк одговори дека „во наредниот период ќе распише јавна набавка за избор на соодветна фирма за уривање, која ќе постапува не само во однос на таа дивоградба, туку и по други решенија за отстранување на други дивоградби“. Што се чекаше цели 6 месеци, за време на кои инвеститорот, со прекини, си продолжи со градењето?

Се сеќавате на одговорот на Општина Чаир за дивоградбата кај ТЦ Мавровка? И таму се распишува тендер за фирма за уривање не само на оваа дивоградба, туку и за други дивоградби на територијата на општината. Ова изгледа им е некаков модел во одговорите на општините за наводното уривање на дивоградбите.

Општина Центар на 26 февруари издаде решение за уривање на дивоградбата со габарит 61х34,5 метри. Рокот за уривање беше три дена. Цели 6 месеци потоа, Општина Центар ни одговори дека допрва ќе бара фирма за уривање.

Што се чека? Се чека предлог-планот за Мал Ринг, за да може некако оваа дивоградба да стане легална. Меѓутоа, ако сè оди според законот, во предлог-планот Мал Ринг оваа градба и не треба да постои затоа што би требало веќе да е урната. Затоа што, според решението на истиот тој оддел на урбанизам во Општина Центар, рокот за уривање во февруари бил три дена и инвеститорот морал да постапи без никакви одлагања.

Инвеститор на градбата на улицата Даме Груев 35а, поранешно БЕКО, или локацијата каде што беше хотелот ТЦЦ Плаза, е Борис Стојменов, поранешен министер за финансии и сопственик на „Економско биро“. Тој за време на последната интервенција на инспекторите во придружба на полицијата на 25 јули годинава изјави дека општинарите му барале мито од 1 милион евра.

Тој ден овластен градежен инспектор на Општина Центар констатирал дека инвеститорот не го почитува решението за уривање. На 28 април овластениот градежен инспектор носи заклучок со кое решението е извршно. На 8 мај со записник од извршен инспекциски надзор, градежна инспекција на Центар го затвора градилиштето, кое е оградено, поставена е лента за спречување на натамошна изградба и на јавно место е истакнато дека е затворено од градежна инспекција, а инвеститорот има рок од 30 дена да ја усогласи натамошната изградба или да ја отстрани градбата.

„Да ја усогласи натамошната изградба“? Значи веќе нема рок за уривање, туку се остава простор за некакво усогласување.

И сега почнува лавиринтот на уште едно озаконување дивоградба.

Уривањето на стариот објект БЕКО беше образложено со проблеми во статиката на објектот. Откако се реши статиката, се урна стариот објект, се доби на габаритот на новиот објект, многу поголем од веќе урнатиот објект. И во висина - приземје плус 7 ката.

Во планот за Мал Ринг, кој допрва треба да се усвојува, пишува дека „во границите на планскиот опфат за кој се работи предметнава планска документација има изведено бесправна градба, односно градби без соодветна техничка документација. Согласно член 14 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (Сл. Весник на РМ бр. 51/05, 137/07, 24/08, 91/09, 124/10, 18/11, 53/11) во тие површини не се утврдуваат услови за идна градба. Површината каде има изведено бесправна градба изнесува 381м2“.

 

Значи од дивоградба од безмалку 2.100 квадратни метри, за која има решение за уривање, наеднаш спорна станува површина од само 381 квадратен метар.

Сопственикот на земјиштето Борис Стојменов тврди дека ја има потребната документација за градба. „Имаме одобрение од 2016 година. Имаме судска пресуда каде што е докажано дека е во ред да се гради. И сега тука упаѓаат надвор од закон, надвор од сѐ. Четири години со платени комуналии, платено е сѐ, а не може да градиме затоа што бараат милион евра мито. Не им давам мито“, изјави во јули Стојменов.

На ова градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ тогаш изјави: „Влегуваат и работат без одобрение. Ние како инспекција на Општина Центар мора да реагираме на терен доколку има такви бесправни работења“.

Лавиринтот продолжува да се надоградува.

А.Д.

На светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери.

повеќе

Во Законот кој е предложен воопшто не се цели на попишување на реалната состојба на терен, туку се цели на попишување на сите возможни граѓани заради задоволување на политички цели.

повеќе

Веќе е јасно дека светот никогаш нема да биде ист по завршувањето на пандемијата и дека последиците ќе креираат нови образовни можности.

повеќе