Проектот за реконструкција и пренамена на објектот на поранешно „Матично“, кој се наоѓа во општинскиот двор, произлезе од одржувањето на граѓанските буџетски форуми во 2019-та година. На форумите покрај Матично, уште два предлог проекти добија поддршка за реализација – сензорните соби во трите центарски градинки и отворените културни сцени.
Реконструкцијата на поранешно „Матично“ опфаќа поставување нова фасада и покрив, внатрешно уредување на објектот, реконструкција на санитарниот јазол, промена на внатрешниот водовод, санирање на фекалната канализација, нови санитарии, ново електрично осветлување, телефонско и компјутерско вмрежување, видео мониторинг систем, како и громобранска и против пожарна инсталација.
Како што соопштија од Општина Центар, реконструкцијата чини 6.941.282,00 денари со пресметан ДДВ. Општина Центар обезбеди 83 проценти од финансиските средства, односно 5.768.074,00 денари од Буџетот на општината за 2020-та година, а останатите 1.173.208,00 денари беа обезбедени од Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), во форма на донација.
Општината ги повикува сите граѓани кои сакаат на веб страницата на Општина Центар, и во полето предвидено за предлози за име на новиот Младински центар да го внесат својот предлог. Победничкото име ќе биде јавно објавено по завршувањето на собирањето на предлозите и изборот на победничкиот предлог.