Постои ли штетност за околината и здравјето на граѓаните

Опасен азбестен отпад несоодветно складиран стои на Дрисла, ДИЖС ќе врши вонреден надзор

Азбестни плочи завиткани во фолија некое време стојат на депонијата Дрисла. Изложеноста на азбестни правци и влакна може да резултира со рак, болест на белите дробови, како и други состојби. Според Правилникот за начинот на постапување со отпад од азбест и со отпад од производи што содржат азбест, отпадот од азбест треба да се собира и отстранува колку што е можно поскоро во соодветно запечатено пакување и обележано на начин што укажува дека содржи азбест. Отпадот од азбест се пакува во непропустливи затворени вреќи, при што споевите на ткаенината, односно фолијата, мора да бидат целосно заварени или залепени, а оној отпад со лабаво врзан азбест се пакува во вреќи од ткаенина за да се спречи емисијата на азбестни влакна во животната средина.

За фотографијата на која се гледа непокриен и несоодветно складиран азбест редакцијата на МКД.мк се обрати во депонијата Дрисла, која е единствената со дозвола за складирање ваков вид отпад, како и до Државниот инспекторат за животна средина, од каде што посочија дека итно ќе излезат на терен и ќе биде извршен надзор.

Фотографијата која што МКД.мк ја испрати до депонијата Дрисла

Од Дрисла прво ни беше одговорено дека азбест во моментов ниту има, ниту се чува на депонијата, а особено не несоодветно складиран.

Но откако нашата редакција ја испрати фотографијата со нескладираните азбестни плочи, од Дрисла потврдија дека таа е направена на депонијата, во просторот каде што привремено се складираат азбестните плочи, до моментот на негово депонирање во специјалните ровови за таа намена и дека во тој дел од депонијата Дрисла нема работни активности и движење на вработените.

Фотографијата која што депонијата Дрисла ја испрати до МКД.мк

„Сликата е направена на депонијата Дрисла во просторот каде што привремено се складираат азбестните плочи, до моментот на негово депонирање во специјалните ровови за таа намена. Согласно со Законот за третирање азбест, азбестните плочи се вадат од покривите, се редат на палета во висина од 1 м и се обвиткуваат со стреч-фолија. Така спакувани се носат со камион со грајфер за безбедно да се симнат палетите и да не се оштетат при складирањето.

На депонијата Дрисла до просторот каде што се депонира азбестот (ровови) направена е бетонска платформа за привремено складирање на палетите, која е оддалечена 400 м од телото на депонијата. Во тој дел од депонијата Дрисла нема работни активности и движење на вработените. Кога ќе се пополни капацитетот на бетонската платформа за привремено складирање и ќе се собере доволно количество палети, тие се депонираат во специјалните ровови обвиткани со геотекстил и геомембрана, од страна на вработени што се целосно опремени со заштитна опрема, како што може да се види и од приложените слики за начинот на депонирање азбест“, ни одговорија од Дрисла.

Од таму нѐ потсетија дека азбестните плочи сѐ уште постојат и ги има на многу објекти во Градот Скопје, што значи дека се во нашата околина пред сѐ на покривите. Ни беа испратени и нови фотографии од местото со азбестните плочи, со нагласување дека се со поинаква резолуција.

„Опасност по здравјето на луѓето и животната средина настанува во случај на оштетување и кршење на азбестните плочи при вадење од покривите, кога летаат ситни азбестни честички што човекот, кога е во близина, може да ги вдише. Од тие причини, извадените азбестни плочи се редат во палети и се обвиткуваат со стреч-фолија и како такви се примаат на депонијата Дрисла како што може да се види и од сликата што и вие ни ја пративте. На сликата се палети со азбестни плочи што се соодветно пакувани и како такви се примени на депонијата Дрисла и ставени на бетонската платформа за привремено складирање и чекаат депонирање во рововите за азбест“, велат од Дрисла.

„Во прилог Ви испраќаме слика со подобра резолуција од истите палети што се и на Вашата слика. На нив се гледа дека се соодветно спакувани и неоштетени, но стоејќи на платформата до негово депонирање во ров, настануваат мали оштетувања на фолијата од кучиња, ветер или други временски непогоди. Тие мали оштетувања не се опасни по здравјето на луѓето бидејќи во тој простор нема движење на луѓе се до моментот на нивно депонирање од страна на вработени кои се целосно опремени со заштитна опрема. Исто така, се случува при кипење на отпадот од камионите на телото на депонијата, и тоа најчесто градежен шут, вработените на депонијата да приметат дека има измешано и парчиња отпад што содржат азбестни компоненти и нив вработените ги собираат рачно, ги обвиткуваат во стреч-фолија и ги оставаат во просторот за привремено складирање на азбест, сѐ до нивното депонирање во специјалните ровови“, дополнуваат од Дрисла.

Начинот на кој што правилно се складира отпад од азбест

За прв пат и на единствено место на територијата нашата држава предвидена е локација и добиена дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија за складирање, третман и/или преработка на отпад (азбест цемент) во депонијата Дрисла во Скопје.

Во близина на влезот на депонијата за комунален отпад во 2014 година изградена е парцела во која се ископани три рова со должина од 25 метри, ширина 5 метри и длабочина 3 метри. Овие ровови се целосно обложени со геомрежа за стабилизација на теренот, а потоа се обложени со заштитна геомембрана (2,5 мм) и геотекстил (4.000 г/м2), кој за прв пат се употребува кај нас. Во овие ровови се отстранува, односно се депонира отпадот што содржи азбестни компоненти.

Капацитетот на депонијата е 1.000 м3 депониран азбест, а во парцелата предвидено е времено одлагање на 100.000 м2 покривна површина – азбестни плочи.

Од Дрисла велат дека со оглед на тоа што капацитетот на оваа парцела се пополнил, во 2019 година се направени два нови рова за складирање азбестни табли со капацитет од 200 м3, кои се соодветно обложени со геотекстил и геомембрана. 

Одговор за тоа дали овој отпад што стои на Дрисла на ваков начин е опасен за здравјето на граѓаните и дали може да навлезе во почвата МКД.мк побара и од Државниот инспекторат за животна средина. Од таму велат дека итно ќе излезат на терен и ќе биде извршен надзор.

„Азбестните покривни плочи содржат цврсто врзани азбестни влакна. Овој вид отпад се пакува на начин што ќе спречи емисии, односно фолијата во која азбестните плочи се покриени треба да е затворена и зацврстена. Најважно е што азбестните плочи на соодветен начин се отстранети при рушење на објектот од кој потекнуваат и дека се згрижени на Дрисла. Јавното претпријатие има дозвола за складирање азбестен отпад. Државниот инспекторат за животна средина врши надзор врз постапувањето согласно со дозволата. Информациите што ни ги доставивте ги третираме како претставка и итно ќе излеземе на терен за да извршиме надзор“, стои во одговорот на Државниот инспекторат за животна средина до МКД.мк.

За тоа што ќе утврди надзорот и дали е направен пропуст, како и колку време стои овој отпад на Дрисла, редакцијата на МКД.мк ќе извести откако ќе добиеме известување за тоа што утврдиле инспекторите.

Цената на депонираниот азбест цементен отпад е 10.000 денари од еден тон.

 Со изградбата на депонијата за азбест цементен отпад од Дрисла велат дека се овозможи заштита на животната средина со самото тоа што кога отпадот од азбест ќе се депонира во соодветни ровови специјално изградени за таа намена и ќе се прекрие со земјен материјал, отпадот комплетно се изолира од природните медиуми и не претставува опасност за животната средина.

К. Додевска 

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе

Ентузијазмот во првите месеци од годинава во врска со масовната вакцинација беше таков што Србија во март беше прва меѓу европските држави според бројот на граѓани што примија втора доза на милион жители. 

 

повеќе