Министерство за животна средина

Од денеска нема веќе бесплатни пластични кеси

Од денеска стапува во сила обврската за наплата на кесите за носење стоки. Пластичните кеси од од денеска чинат 15 денари за парче. Целта на овие законски измени е да се намали користењето на пластиката.

Според надлежното Министерство за животна срединацелта на Законот за управување со пакување и отпад од пакување е „да ги одврати корисниците од употреба на кеси за еднократна употреба и да ја стимулира употребата на торби за повеќекратна употреба“. Производителите на пластични кеси и натаму може да продолжат со работа, но со почитување на стандардот за биоразградливост.

Производителите на кеси велат дека оваа мерка може да ги затвори нивните капацитети. Министерот за животна средина вели дека две години се работи на овие промени и тие имале доволно време за да се преориентираат кон производство на биоразградливи кеси.

Од овие 15 денари, 18 отсто ќе одат како ДДВ, а останатите 12,3 денари ќе влезат во нов фонд во Министерството за животна средина.

„Овој фонд ќе инвестира во одредени проекти и во подобрување на животната средина. Во исто време работиме заедно со Владата за да видиме дали можеме да поддржиме иновативни идеи за пакување, за нови видови на кеси, дали се тоа за пакување, дали се тоа од текстил или од хартија. Ќе гледаме да го поддржиме приватниот сектор во иднина за иновативни идеи и да имаме поздрава животна средина за нашите граѓани. Целата идеја е да се синхрозирираме со регулативата на Европската Унија. Знам дека сите граѓани бараат да имаме почиста средина и ова се чекорите кои мора да ги преземеме ако сакаме да имаме почиста средина. Ние индивидуално мора да бидеме дел од процесот“, вели министерот Насер Нуредини.

Производителите на кеси велат дека за нив би било најприфатливо доколку цената на кесите се зголемува скалесто. Со тоа тие ќе добијат на време за да можат да се преориентираат кон производство на биоразградливи кеси.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање појаснуваат дека со новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување:

- се забранува пуштање на пластични кеси за носење на стоки на пазарот во Македонија;

- се забранува пуштање на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја во Македонија;

- со плаќање на надоместок од страна на крајните корисници, дозволено е пуштање на пазарот во Македонија биоразградливи кеси за носење на стоки кои се произведени согласно пропишаните стандарди за биоразградливост, освен многу лесните пластични кеси за носење на стоки (чијa што дебелина  е пониска од 15 микрони).

Целта на овој Закон е да ги одврати корисниците од употреба на кеси за еднократна употреба и да ја стимулира употребата на торби за повеќекратна употреба, а засновано врз принципот „загадувачот плаќа“.

Производителите на пластични кеси и понатаму можат да продолжат со работа, но со почитување на пропишаниот стандард за биоразградливост. Стандардите за биоразградливост беа воведени уште во претходниот Закон,  а пропишани во 2013 година.

„На долг рок оваа одлука ќе придонесе кон решавање на низа прашања во однос на животната средина, од причина што собраните средства ќе се користат за инвестирање во животната средина, бидејќи ќе одат на посебна сметка за таа намена. Тоа би значело инвестирање во иновативни, чисти технологии, во системот за управување со отпад, садови за селектирање, намалување на притисокот врз животната средина и слично“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Околу забраната за достапност на пластични кеси, Давор Пехчевски, проект-координатор во Еко-свест, за МИА изјави дека како организација ја поддржуваат одлуката да се преземат мерки за да се намали употребата на пластични кеси.

„Очекуваме со правилно спроведување таа да има позитивно влијание врз намалувањето на отпад од пластика и микропластика. Исто така, ова би требало да повлече и понатамошен развој на циркуларната економија и да стимулира селекција на отпад кога ќе се создаде инфраструктура за тоа. Сепак, ова е само првиот чекор во борбата со пластичното загадување, па очекуваме во блиска иднина да се пристапи и кон регулирање на другите производи од пластика за еднократна употреба, како цевки, чаши или прибор за јадење“, нагласи Пехчевски.

 

 

 

Tочната искористеност и капацитет на водните ресурси во државата e невозможно прецизно да се пресмета заради недостиг на континуирани хидролошки мерења и мониторинг на квалитетот на водите.

повеќе

Нам бизнисмените не ни требаат ниту уставни преамбули ниту некакви параграфи за да ги почитуваме Република Бугарија и нејзините граѓани. Ние некого почитуваме доколку прави профит, плаќа даноци и доколку е општествено одговорен.

повеќе

Зголемувањето на цените на храната се случува од причини кои се многу посложени отколку зголемувањето на другите цени, така што справувањето со тие причини бара различни стратегии. 

повеќе