Препораки од Министерството за здравство

Нови апели за вакцинација, епидемијата од морбили не се смирува

Сите родители кои имаат деца со наполнети 6 месеци, а живеат на територијата на градот Скопје, од денеска треба да се јават во најблискиот вакцинален пункт за да ги вакцинираат своите деца со МРП вакцината. Ова е дел од најновите препораки на Комисијата за заразни болести при Министерство за здравство како дел од дополнителните мерки за заштита на населението од епидемијата на морбили.

Родителите пак, кои имаат деца на училишна возраст, а не се ревакцинирани или воопшто не примиле МРП вакцина, да ги вакцинираат децата. Комисијата му предложи на министерството да се почне со теренска вакцинација.

„Родителите кои ќе се посомневаат дека нивните деца се заразиле со морбили, или имаат висока температура или пак веќе имаат осип на кожата прво да се јават на преглед во пунктови во здравствените домови и по проценка на лекар од пунктовите, само со упат да се насочуваат кон Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

За да се намали притисокот од пациенти на Клиниката за детски болести и Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, граѓаните се упатуваат во трите пунктови во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит-пазар“ и „Ѓорче Петров“. Во овие пунктови има дежурни лекари кои работат секој работен ден од 19.30 часот до 7.30 наутро, а за викендите се на располагање 24 часа во текот на денот“, се вели во дел од препораките на Комисијата за заразни болести на МЗ.

Само во последниве 30 дена имаме три жртви од мали сипаници и неколкумина нови заразени.  Епидемијата беше прогласена во почетокот на јануари, а првите случаи се појавија уште во декември лани. Од 2 до 9 февруари се регистрирани новозаболени 58 лица од кои 54 се само во Скопје.

Според Министерството за здравство не се вакцинирани околу 15 илјади деца помлади од 16 години. Од нив досега се вакцинирани повеќе од 6.200 деца.

Според епидемиологот Жарко Караџовски вината е кај родителите.

„Тие се одговорни за  судбината на своите деца. Епидемијата на морбили ќе продолжи сѐ додека не се вакцинираат или имунизираат 90% од граѓаните“, вели тој.

Проценка е дека најголем виновник за одбивноста на родителите е Интернетот каде родителите може да прочитаат секави непоткрепени текстови против вакцинацијата на децата. За наредната година се најавува воведување на две нови вакцини, за пнеумокок и за рота вирусна инфекција, со што Македонија ќе се изедначи со вакциналните календари на европските земји.

Надлежните предупредуваат дека децата кои не се вакцинирани со МРП нема да се примаат во градинките, се апелира за интензивна и неодложна вакцинација на децата кои се во добро здравје за да се подигне колективниот имунитет.

Морбилите се високо заразно заболување кое лесно се пренесува по капков пат. Едно лице со морбили (мали сипаници) може да зарази 9 од 10 лица околу него кои не се вакцинирани.

Со апстиненција од вакцинација, родителите го доведуваат своето дете во огромен ризик, предупредуваат здравствените работници.

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе

Последните искричења во меѓународниот поредок ја прават нејасна агендата за евроатлантски интеграции на регионот која претставува неопходен услов за долгорочна стабилност на Западен Балкан.

повеќе

Очигледно во градењето на македонското општество заборавивме да ја промовираме правдата како негова примарна цел.

повеќе