Општина Центар информира дека започна со изведба на три издигнати пешачки платоа заради поголема безбедност во зоните на детските градинки и основните училишта.
Трите издигнати пешачки платоа се изведуваат на улиците „Никола Тримпаре", „Апостол Гусларот" и улицата „9 Мај", во непосредна близина на општинското основно училиште „Јохан Хајнрих Песталоци", матичниот објект на градинката „13 Ноември" и клонот Наум Наумовски Борче на градинката „Кочо Рацин".
Покрај тоа, дополнително ќе бидат изведени уште шест пешачки платоа, со што ќе се зголеми безбедноста на пешаците и на децата кои престојуваат во градинките и посетуваат настава во основните училишта. На овие локации ќе се постави нова вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација.
„Изведбата на пешачките платоа ќе биде готова до крајот на оваа година, а поради градежните зафати ќе се изврши и времена измена на сообраќајот. Апелираме до граѓаните за трпение и разбирање во период додека траат градежните работи, со цел ефикасност на изведбата и поскоро пуштање во употреба на издигнатите пешачки платоа", информира Општината.
Оттаму го најавија и новото сообраќајно решение за делот околу трговскиот центар „Буњаковец". Поради оштетувањата на знаците, после 10 години, во реонот на ТЦ „Буњаковец" ќе се постави нова хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација.
„Со поставувањето на новиот сообраќаен режим, ќе се олесни движењето на сите учесници во сообраќајот во овој дел од Центар, ќе се подобри ориентацијата и ќе се зголеми безбедноста на пешаците, велосипедистите и корисниците на алтернативните видови на сообраќај", велат од општина Центар.