Инспектори на УЈП и на финансиската полиција ја проверуваат документацијата на ЈСП и на приватните автобуски превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“.
Претставници од приватните превозници велат дека денеска ќе имаат координативен состанок за понатамошно дејствување, по што ќе ги објават деталите за нивното натамошно дејствивање.
Според „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ ЈСП и Град Скопје им должи околу 1,5 милиони евра.
Градоначалничката Данела Арсовска вели дека ќе се распише нов јавен повик на кој ќе можат да се јават приватни превозници. И на последната седница на Советот на Град Скопје решение не се најде.
И Владата се оградува од проблемите меѓу Град Скопје и приватните превозници. „Надлежностите за јавниот превоз се на Град Скопје. Локалната власт е таа што треба да работи за граѓаните. Согласно Законот за Град Скопје, регулирањето и организирањето на јавниот градски и приградски превоз на патници е во целосна и единствена надлежност на Град Скопје. Оттаму, сите барања од превозниците треба да се упатат пред се до градските власти во Скопје, кои пак веднаш и одговорно треба да обезбедат мерки за надминување на ситуацијата“, порачаа од Владата.
Арсовска во интервју за „Телма“ рече дека не преговара со луѓе кои уценуваат и навредуваат и кои го прават ова, како што рече, бидејќи вистината не е на нивна страна.