За прашањето со гасоводот

„Не низ Водно“ со „недвојбени факти“ ѝ одговори на Владата

Откако Владата во својот официјален став изнесен на 29 јули посочи дека гасоводот низ Водно е еколошки проект со минимален ефект врз животната средина, денеска преку соопштение, како што рече, „со недвојбени факти“ одговори иницијативата „Не низ Водно“.

Оттаму во соопштението посочуваат дека со недвојбени факти одговораат на официјалниот став на Владата во врска со изградбата на гасоводот низ Водно.

„Градење во заштитено подрачје, каде живеат ендемични, ретки и загрозени видови од Светската црвена листа на видови кои исчезнуваат, видови строго заштитени со анексите на Бернската конвенција за заштита на европскиот див свет и природните живеалишта и ЕУ директивите за живеалишта и птици, кои имаат статус на меѓународна заштита; заштитено подрачје каде што е присутна 1/3 од флората на цела Македонија, каде биолошката разновидност според Рио-Конвенцијата за биодиверзитет државата има обврска да ја штити; градење низ ерозивно подрачје со енормно сечење на вегетацијата, отстранување на хумусната површина, нарушување на природната состојба на тлото, деструкција на карпите на помали фракции и нивно поместување, појава на ерозија и свлечишта, нарушување на движењето на докажаните површински и подземни води, затнување на одводните канали, деструкција на воспоставените хабитати на флора и фауна и сл.; а со режим на заштита кој забранува сеча, поткастрување, кршење, насилно оштетување на дрвја, стебла, корења, гранки; менување на растителни услови, како отстранување на земја; градење на поголеми постојани објекти или градби на подрачјето на непосредниот растителен реон“, реагираат преку соопштение од „Не низ Водно“ и велат дека не може под ниту едни услови ова да се нарече еколошки проект со минимален ефект врз животната средина.

Од иницијативата додаваат дека излегле на терен и дека во овој момент нема градежни активности, но тек се подготвителни активности за препроектирање на трасата.

Во соопштението посочуваат и дека изработен предлог и конечна одобрена измена на трасата со издадено одобрение за градење се две сосема различни работи.

„За да се работи на терен, како што се работело помеѓу 25 и 27 јули, изменетата траса требало да е одобрена со издадено одобрение за градење, но не била и се работело на старата траса. Постои ширина на траса додека се работи на поставување на гасоводот и ширина на траса која останува после изградбата на гасоводот. Првата не може да е под 20-25 метри за нормално и безбедно работење. Втората, според сите стандарди не смее да е помала од 15 до 20 метри и тој појас мора да остане чист и на него не смеат да се садат дрва. Дополнително, ширината на трасата нема да може да се намали по цела нејзина должина, туку само каде е можно, ако воопшто, според тоа како стандардите налагаат, а и според она што гледаме на терен. Делови со густа дрвна маса ќе се исечат и со новата изменета траса и тоа во потег од околу 2 до 2,5 километри. Срамнувањето на околу 200 метри од сртот со багери е градежна активност која се одвивала на старата траса во ширина на старите 25 метри“, стои во соопштението на иницијативата „Не низ Водно“.

Од „Не низ Водно“ додаваат дека во наредниот период планирани се активности во деловите каде што не е предвидена измена на трасата, односно деловите каде нема загрозување на животна средина, а деловите каде не е предвидена измена на трасата се деловите на качување на трасата по Водно низ Сопиште и Горно Соње и спуштање на гасоводот низ Грчец и Шишево, низ ерозивни подрачја и густа шума, велат од иницијативата во нивното соопштение.

Оттаму посочуваат дека се работи за терен со пад од 41% и неизбежен ризик од појава на свлечишта и ерозија, со опасност за жителите во тој регион.

Противречно, велат од „Не низ Водно“, е да се каже дека има делови во парк шумата Водно каде нема загрозување на животната средина, бидејќи такви делови, велат нема.

„Екосистемот на подрачјето каде што ќе се работи , со сите негови елементи и жители, ќе биде неповратно оштетен и тој биодиверзитет ќе биде уништен. Подрачјето е заштитено со причина и тоа треба да остане такво како што е без дополнителни интервенции во него.Апсурдноста на формирање на нови заштитени подрачја, со уништување на постојно заштитено подрачје, не може да е поголема. Се руши едно за да се формира ново?

Од друга страна, формирање на нови заштитени подрачја на Водно не е можно, зошто тоа е опфатено со сегашната парк шума Водно.“

„Пошумување на јужната страна стои во плански документи за Водно со децении, не е ништо ново. Во реалноста, јужната страна е тешка за пошумување, дури некои сметаат дека не е можно да се пошуми, па затоа стои вака оголена. За да се пошуми јужната страна потребна е експертиза, макотрпна работа, континуиран надзор на терен и употреба на најнови сознанија за успешно пошумување на соголени планински предели.

Декларативно изјавување на Владата 'ќе се пошуми' нема да промени ништо, како што не променило во изминативе децении“, велат од „Не низ Водно“.

Како Водно, од околу 11 км потег, падна жртва на 90 милиони евра заем, даден пред нецели три години, со преостанати 10 милиони евра за повлекување, за 204 км магистрален гасовод, од кои 126-130 км се сѐ уште неизградени?!

За 10 милиони евра, Владата можела наместо Водно да ги жртвува 10,5 милиони евра што ги подели Фондот за иновации или да жртвуваа 1/10 од очекуваниот прилив од 100 милиони евра од производството на медицински канабис. Листата е долга.

Недозволиво е Владата да жртвува заштитено подрачје кое и онака е нарушено со сите претходни “од јавен интерес” Владини проекти и неконтролирана урбанизација, само затоа што така е најлесно, а да не ја даде целосната слика што навистина се изградило со заемот, колку останало неизградено, парите каде се потрошиле и зошто е сега дојдено до 10 милиони евра и Водно.

За крај, сакаме да укажеме дека обидите, зеленото прашање гасоводот да не оди низ Водно да се претвори во меѓуетничко прашање на Македонци против Албанци, од страна на функционери, се обиди што поттикнуваат омраза на етничка основа и се сериозно кривично дело. Ние ги осудуваме и ги сметаме за недозволиви и крајно опасни.

Ние ја продолжуваме нашата борба на сите нивоа и со сите средства.

Гасоводот може и мора да најде друг пат низ кој ќе минува, но не низ Водно, велат од иницијативата.

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе

Следејќи ги слепо своите геостратешки планови, можно е американските геостратези и во Македонија да направија уште една грешка, во низата грешки во последните две декади.

повеќе

Подгорица во 2019 година ќе добие споменик на Јосип Броз Тито.

повеќе