На задното седиште од мојот автобус

Овој автобус не е мој. Овој автобус, простете... е друг број. Но што да се прави. Влегувај, не губи време, твојот автобус можеби никогаш нема да дојде. И скопската авантура започна...

Фото: П.Џ.- Од задното прозорче на задното седиште

Во Ново Лисиче, на некогашната почетна станица кај училиштето „Лазо Ангеловски“ а сега прва по „гаражната“ на ЈСП, секогаш било супер да се качиш на автобус. Има место да седнеш, нема чекање ако одиш во Центар зашто поминуваат автобуси со број 3, 5, 15, 23, 35. Тројката има и А и Б линии, има и 15-ки две, една „обична“ 15-ка, другата со ознака А. Петнаеската оди до Карпош 4, после Рекорд ја „фаќа“ „Партизанска“, а 15А на истото место пристигнува возејќи по „Илинденска. Петката после Рекорд вози по „Гологанов“ и оди во Ѓорче.

Зошто да трошиш бензин и да бараш место за паркирање во град. Автобусот е најпрактичното решение. До неодамна.

А денеска? Ај што нема 23-ка зашто тој автобус отишол да крева револуција на повик од Ленин, туку чекаш - чекаш, а нема ни автобуси на ЈСП. Проверуваш на мобилниот, нема вест дека и ЈСП го послушале Ленин.

Слушаш коментари од граѓани дека синдикатот на ЈСП кажал дека немаат доволно нафта па ги проретчиле автобусите. Имаат и расипани автобуси. И не им се сите возачи на број. А на мобилната апликација на ЈСП пишува дека има автобуси, и тоа точно во минута се најавени.

И така, 15-ката изгледа била невидлива зашто според апликацијата застанала, никој не се качил и си заминала.

Туку, после 20-тина минути, вон од дневниот возен ред,  видливо дојде „зглобна“ 5-ка. 

Влегувај, не бирај автобуси, не е време за тоа, повикаа многумина и влеговме. За чудо, цела 5-ка се наполни иако е прва станица. Во борбата за место остана најзадното десно седиште на овој автобус, кој не е мој зашто не е 15-ка.

Едно чудо коли по булеварот „Јане Сандански“ уште на крстосницата со „Србија“. Како да е Нов Белград, а не Ново Лисиче. Секој што помислил дека ќе има аватнтура ако оди со автобус, запалил кола и тргнал. 

Ама и нив ги чека истата судбина. Ај што се довлечкавме сите до Железничка станица, отприлика во исто време, туку одеднаш гледаш дека крстосницата е затната. Од сите четири правци лазат возила и се обидуваат да поминат. Има и полицајци, не им е лесно, крстосницата е нерешлива загатка.

Се обидуваш да направиш фотографија со мобилниот, на располагање е само малото прозорче десно од твоето задно седиште на автобусот.

Потоа, по булеварот кон Народна банка исто ти е, дали си во 5-ка или си со „порше“. По правливиот изгребан и раскопан булевар возењето е тргни застани, сантиметар по сантиметар. Можеш цел фејсбук да го прелисташ, ако си среќник да имаш место за седење.

Метежот продолжува по патот на 5-ката. Автобусот се соочи и со кракот на „Гологанов“ кај Клубот на пратеници, каде се копа и гради со недели, повеќе од еден месец. 

На крајот, после еден час возење стигаш, без да го есапиш времето на чекање на автобусот. 

И си пешачиш потоа од „Гологанов“ до „Партизанска“. И се надеваш дека побрзо си стигнал со 5-ката отколку 15-ката што требаше да биде „твоја“. 

Ех, вечно Скопје!

П.Џамбазоски


Легенда под Главна слика

Фото: П.Џ.- Од задното прозорче на задното седиште

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе