Да не се правиме најпаметни на свет, да не фрламе храна!

Млади скопјани самоиницијативно готват за бездомници (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Наместо да го сликате своето јадење и да го објавувате на Фејсбук или на Инстаграм, а притоа и да не го дојадете, сетете се дека во нашата мала Македонија постојат над 120 бездомни лица што немаат што да јадат, ни рече Ана, девојка од Скопје што заедно со уште петнаесетина млади луѓе секој викенд во петок се собираат и готват за бездомниците од Скопје. 

За викендите социјално загрозените луѓе во Македонија не добиваат храна од ниту едно здружение, има една народна кујна која функционира само во работни денови.

Од статус на Твитер до вистински хумани дела

Aна ни раскажа дека сѐ почнало на Твитер, каде што една нејзина другарка напишала твит да не се фрла храната што ни останува дома и наместо тоа, да му се подели на некој што нема. Да се направи ретвит-оброк, што на Твитер значи да споделиш нешто со некој друг. Така почнала целата идеја околу давањето храна и готвењето.

„Во почетокот концептот не беше ваков, туку секој си готвеше по дома. Немавме поим како ќе го изведеме тоа, само готвевме храна. Потоа се поврзавме со „Вистински дела на љубезност“, неформална група граѓани што собираат облека, обувки и дрва за огрев и им ги даваат на социјални случаи низ цела Македонија“, ни раскажа Ана.

За викенд никој не им дава храна на социјално загрозените случаи и бездомниците

„Вистински дела на љубезност“ се единствената организација што во сабота наутро, пред куќата на Мајка Тереза во центарот на Скопје им помага на бездомните лица со облека и храна. Па така почнавме да готвиме за нив“, ни раскажа Ана.

„Во #РетвитниОброк, сме петнаесетина луѓе секој петок. Не постојат организатори, се координираме меѓусебе, нешто купуваме сами, често имаме намирници од фирми кои сакаат да донираат, некогаш имаме лепчиња донирани од некоја локалната фурна, се собираме, некој ќе донесе пивце и винце, па се дружиме и готвиме“, ни објаснија младите луѓе присутни на петочното готвење.

„#РетвитниОброк е иницијатива од луѓе за луѓе, формално никако не сме обезбедени, односно немаме врска со здружение, ниту некаде сме регистрирани, може да дојде секој што сака да биде хуман и нешто да зготви. Нашата поента е да им кажеме на луѓето дека храната што ја фрлаат може да биде оброк за некого“, ни објасни Ана.

120 бездомници секоја сабота добиваат оброк

Младите од #РетвитниОброк готват секој петок во Младински образовен форум или во црквата Гласност кај Универзална сала, каде што им е отстапена кујната по 5 часот попладне.

„За околу 4 часа завршуваме околу 100 оброци, но поентата на #РетвитниОброк не е да готвиме само ние овде, туку да апелираме до сите луѓе што имаат вишок храна да ја спакуваат и да ја донесат во сабота, да не ја фрлаат, да ја донесат барем да изгледа подостоинствено отколку покрај контејнерите“, ни објасни Ристе, кој петоците ги поминува дружејќи се и готвејќи за луѓе што без таа храна може да останат гладни.

За 120 бездомници само една јавна кујна во Скопје

Од #РетвитниОброк заедно готват веќе околу една година. Тие велат дека имаат многу предизвици со кои треба да се соочат. Најпрво им е барањето јавна кујна бидејќи таква што би ги задоволила потребите на 120 бездомни луѓе во Скопје не постои.

„Има само една таква и тaa е во Момин Поток. Меѓутоа тие луѓе за викенд не добиваат храна и идејата на #РетвитниОброк е колку што може во сабота да помогне и да ги покрие тие оброци“, вели Ристе.

Aна ни објасни дека има луѓе што не се во можност да дојдат или да готват, но донираат продукти, остатоци од храна по кетеринзи, свадби и мекици, па тие одат, ја земаат и ја пакуваат храната. „Строго сме против тоа да ни се донираат пари или да имаме буџет. Значи подобро да купиш килограм компири отколку да ни дадеш пари“, вели Ана. „Нашата идеја е луѓето да донираат храна.“

Младите апелираат: Да не се правиме најпаметни на свет, да не фрламе храна!

Младите хуманитарци, волонтери, твитерџии, граѓани апелираат да се воведе закон со кој храната нема да се фрла, туку ќе се рециклира.

„Да имплементираме закон затоа што цела Европа рециклира храна и баш поради фактот дека сме сиромашна држава, секоја храна што останува или храна пред завршување на рокот за употреба, треба да се најде начин како да се донира. Да се отворат тие прашања и да нема гладни луѓе бидејќи навистина има храна“, објаснува Ана.

Сведоци сме дека во многу ресторани, прослави и родендени остануваат големи количества храна што рестораните законски не смеат да ја дистрибуираат и таа се фрла. А таа храна би можела да се претвори во #РетвитниОброк и во сабота и недела да ја јадат стотици луѓе, ни објаснуваат младите хуманитарци.

Тие апелираат до сите оние на кои ќе им остане вишок храна, или имаат облека и обувки што може да ги донираат да ги донесат пред куќата на Мајка Тереза, секоја сабота во 13 часот, или да ги контактираат на фејсбук-групата или кај Кристијан, на телефонскиот број 075/408-114.

Марија Хаџи Стојанова

Фото: Роберт Атанасовски


Објавено

Понеделник, Октомври 31, 2016 - 14:21

Коментари

Она што нѐ кочи во изнаоѓањето на решение за името е непознавањето на теоријата за преговарње од надлежните, но и од оние кои и досега учествуваа и нѐ советуваа во преговарањето.

повеќе

Премиерот имаше добра прилика во највисокиот светски политички форум, поексплицитно да ги образложи причините за спорот за името.

повеќе

Сферата на локалните јавни финансии претставува многу погодно поле за соработка на локалната власт со приватниот сектор.

повеќе