До овој момент нема нова одлука во врска со начинот на протестирање на превозниците, рече Јовановски и додаде дека имало и предлози за радикализација на блокадите кои не беа до моментот на прес-конференцијата усвоени.
Тој нагласи дека дел од граѓаните им даваат поддршка, а на другите кои ги осудуваат, рече, превозниците им се извинуваат бидејќи со протестот ги бараат своите пари и затоа што се доведени до работ на обична егзистенција.
Јовановски во денешната изјава за новинарите рече дека градоначалничката Данела Арсовска направила повеќе проблеми - првиот е долгот кон превозниците, вториот е откажување на договорите со „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ и третиот е јавен повик за склучување договори за автобуски линии 20 и 22, на кој оглас, како што нагласи, нема никој од сегашните превозници да се пријави доколку долгот кон нив не биде намирен.
Во врска со некои од тврдењата дека можеби Арсовска сака да донесе други превозници, можеби и од друга земја, Јовановски рече дека не би сакал да шпекулира „дали градоначалничката извадила некои рачиња од медот за други рачиња да брцне во медот“.
Според него, сепак, со јавниот повик и откажувањето на договорите, Градот испраќа лоша порака - дека е можно во секој момент кон секого поради хир на градоначалничката Градот да остане должен.
Јовановски на новинарско прашање рече дека е точно оти бил изманипулиран па минатата година ѝ дал поддршка на Арсовска.
„Јас сум дебармалец и мене можете секакви прашања да ми поставите, па дури и такви кои се однесуваат на моето семејство, зашто стојам искрен пред вас и немам што да кријам“, рече Јовановски.