ЈП Комунална хигиена-Скопје

Лани во Скопје собрани скоро 160.000 тони отпад

Во текот на минатата година екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје (ЈПКХС) собрале и транспортирале вкупно 158.476 тони комунален отпад, односно за 3,07% или 4.713 тони повеќе од претходната, 2019 година.

Во извештајот за работењето на ЈПКХС лани се наведува дека со цел спречување на ширењето на коронавирусот, од март лани се спроведувало машинско миење со автоцистерни и дезинфекција на сите булевари и поголеми улици во градот, како и рачно миење и дезинфекција на најфреквентните јавни површини во градот, како и рачно миење и дезинфекција на целокупниот простор на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, на голем број детски игралишта во сите скопски општини, а континуирано се вршела дезинфекција и на сите подземни и надземни контејнери.

Меѓу активностите на комуналното претпријатие е наведено и комплетно расчистување на двете страни на кејот на Вардар, каде што биле поставени 120 нови корпи за ситни отпадоци. 

Отстранети се и над 9000 кубни метри отпад од диви депонии, создадени како резултат на несовесно одлагање на отпадот од страна на поединци и правни субјекти. Според податоците од ЈПКХС, од јавните површини секоја година сè повеќе се зголемува, така што во текот на 2019 година биле расчистени 8721м3, во 2018 година 5144м3,  додека во 2017 година само 835м3 отпад од диви депонии.

Една од активностите со коишто може да се пофали ЈПКХС е воведувањето нови можности кај услугата за собирање и транспорт на кабастиот отпад. Граѓаните коишто имаат потреба да се ослободат од својот стар мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди, можат на бесплатниот телефонски број 0800 222 33 да нарачаат екипите на ЈПКХС со специјални возила да го преземат и да го транспортираат кабастиот отпад од нивните домови и притоа да се договорат дали сакаат отпадот да биде преземен директно од внатрешноста на домот, без разлика дали станува збор во индивидуални или колективни домаќинства.  Граѓаните, пак, што имаат обезбедено сопствен превоз, можат бесплатно да го одложат својот кабаст отпад во центрите за селекција во Карпош и во Вардариште, секој ден во неделата, во терминот од 07 до 19 часот.

Лани, на 100 локации во речиси сите скопски општини биле поставени околу 200 нови садови за одлагање на комуналниот отпад со зафатнина од 3,2м3, како и 500 нови корпи за ситни отпадоци. Но, од страна на непознати сторители, биле опожарени вкупно 70 контејнери наменети за одлагање комунален отпад, од коишто 10 нови садови со зафатнина од 3,2м3.

Еко-патролата на ЈПКХС изготвила и 1.194 информативно-едукативни записници за граѓаните и правните субјекти затекнати при неправилно одложување отпад, по што  сторителите отстраниле приближно 802м3 неправилно одложен отпад од јавните површини.

Новина во ланското работење на ЈПКХС е Одделението за грижа на корисниците, како и електронската достава на фактурите и можноста за онлајн-плаќање.

Што се однесува до плановите за оваа година, се најавува набавка на 47 нови специјални комунални возила – метларки, автоцистерни и возила наменети за собирање и транспорт  на комуналниот отпад, како и обновување на возниот парк и механоопременоста на претпријатието.

 

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе

Можеби по нас ќе дојдат некои нови клинци што прегрнати ќе го слушаат мртвиот Џоле и ќе го разберат подобро отколку што го разбравме ние на кои со години жив на глуви уши ни пееше за љубовта.

повеќе

За државата Македонија, Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава.

повеќе