Урбанизам во општина Центар

Кој брише постоечки цевки во урбанистичките планови во Центар за да се добие градежна дозвола?

Има или нема цевка за атмосферска канализација во дворот на зградата на улицата „Тодор Александров" број 71 во Скопје? Жителите на зградата велат дека по средината на парцелата, во нивниот двор (кој во меѓувреме станал градежно земјиште со маркица за хотел) минува цевка и дека таму не смее да се гради. Проектантите од „Тајфа план", пак, си ја нацртале цевката неколку метри полево, односно покрај маркицата, а не под неа. По безброј перипетии и неколку измами, техничките лица на ЈП „Водовод и канализација - Скопје" утврдија дека по средината на таа парцела навистина поминува цевка.

Со зградата на улицата „Тодор Александров“ (поранешна „Салвадоре Аљенде“) уште од почетокот има сериозни проблеми со легализацијата на земјиштето под зградата, со намената на дворот, па дури и со сопственоста на влезовите, лифтовите и скалите... Ништо чудно, ако се знае дека уште во првичната пренамена на земјиштето и во инвестицијата се замешани Пеце Наумовски и Александар Ивановски, познат како Алек Теранова.

Од неодамна е отворен уште еден проблем. Дворното место околу зградата за време на купувањето на становите од инвеститорот (Алек Теранова) беше претставувано како детско игралиште и паркинг за возилата од зградата. Од 2003 година на местото е вцртана маркица за објект за привремено сместување (хотел). Во меѓувреме маркицата стануваше сѐ „повисока“ и „поширока“, а на крај (септември 2019) се собраа сите потребни документи и наскоро овој план ќе се најде на усвојување пред советниците на општина Центар.

Општина Центар на 15 јануари 2018 година од ЈП „Водовод и канализација-Скопје“ беше известена (бр.1302-149/1) дека инвеститорот ТД Три инвест ДОО Скопје не може да гради на таа маркица (заведена на улица Славејко Арсов КП 2424/20 КО Центар 2). „Во рамките на парцелата за проектот изработен од Дом-дизајн увоз-извоз ДОО Скопје, каде што е предвидена градба, постои атмосферска канализација Ф 300. Не е дозволена изградба на подземни и надземни објекти над наша постоечка инфраструктура“, напиша Водовод.

Истото јавно претпријатие на 15 февруари 2019 година дава позитивно мислење (бр.1301-379/2) упатено до „Тајфа план“ за ДУО Градска четврт ЈО6 дел од локалитетот Тасино Чешмиче 1 и Тасино Чешмиче 2 општина Центар. Во овој план цевката за атмосферска канализација е нацртана малку полево и сега „не оди“ под маркицата. А на лице место не е ни копнато, освен градинарските работи што станарите редовно ги извршуваат во своето мало паркче.

Откако ова им го укажавме на раководителите во ЈП „Водовод и канализација“, тие веднаш испратија екипи на лице место и утврдија дека цевката од таму навистина со години не е мрдната и дека тука некој некого мами.

Откако беше утврдено ова, од ЈП „Водовод и канализација-Скопје“ ветија дека сега ќе испратат и трето писмо до општина Центар во кое, слично на она од 2018 година, ќе потврдат дека под маркицата сепак има цевка и дека тука не може да се гради.

Таму и според сите постоечки, основни урбанистички стандарди не може да се гради (близина до друга зграда, дневно светло, тесна уличка, приод за гости, број на паркинг места, опасност од лизгање на земјиште...). Но тоа во Скопје веќе одамна не се применува.

Да се надеваме дека новите општински власти, според сите нивни ветувања во овој, а и во стотина други случаи, ќе реагираат соодветно. И нема да заборават и на одговорноста.

Александар Дамовски

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе

Ако идниот премиер биде македонски Албанец и ако успее сите граѓани на Македонија да се поклонуваат под едно знаме, тогаш – зошто да не!

повеќе

Стана премногу вообичаено да се слушнат повици за брза и сериозна одмазда како одговор на недокажани престапи на говорот и мислата, велат Ноам Чомски, Џ.К. Роулинг и 150 други интелектуалци во отворено писмо до јавноста.

повеќе