30.000 тони опасен отпад во ОХИС

Канцерогениот линдан оди во воздухот, водата и почвата, конечно почнаа подготовките за отстранување на опасната депонија

Вчера Владата на Република Македонија најави дека е решена да се справи со проблемот со депонииите со концероген линдан во кругот на затворената фабрика ОХИС. Проценката е дека ќе бидат потребни од 40 до 260 милиони евра и се очекува дека тој процес да трае од 3 до 5 години. Дотогаш 30.000 тони екстремно опасен отпад со канцерогениот пестицид линдан продолжува да ги загадува воздухот, водата, почвата...

Овој опасен отпад веќе со години е несоодветно складиран на депонијата во фабриката ОХИС. Оваа депонија е утврдена како „најжешката еколошка точка“ во Македонија, наведена е и на светските еколошки мапи, а сепак е оставена на отворено, комплетно незаштитена, па линданот преку почвата, подземните води и воздухот го труе локалното население, и цело Скопје воопшто. Еколозите, докторите и научниците одамна бараат негово итно уништување.

Овој токсичен и канцероген отпад во дворот на ОХИС бара итен ангажман. Сите досегашни истражувања и студии укажуваат дека на тој потег освен големо количество жива, со години скопјани ги труе линданот, кој бил користен како инсектицид со широк обем на дејствување кај семенскиот материјал, за третирање на почвата, прскање, заштита на дрвата и дрвената граѓа и против ектопаразити кај животните и луѓето.

Депонијата на ОХИС е создадена од средината на седумдесеттите години, кога употребата на линданот била забранета. Дотогашното производство од 13.000 тони е оставено на отворено, без претходна подготовка на подлогата. Оставено е на земја! Неколку години подоцна, поради неподносливата миризба на пестицидот, депониите се покриени со околу 20.000 тони земја. Па сега таму опстојува депонија со над 30.000 тони екстремно опасен отпад!

Линданот е токсичен, ставен е во групата на канцерогени супстанции. Бидејќи нема долна подлога на локацијата, загадени се подземните води. Нема заштитна горна подлога, па истовремено ветерот ја разнесува прашината во воздухот. Линданот се сврзува со ПМ10-честичките, а се разнесува и насекаде по почвите.

Професорот д-р Трајче Стафилов од Институтот по хемија при Природноматематичкиот факултет, кој со години врши различни испитувања низ земјава, објаснува дека линданот е ставен во групата на ПОПС (Persistent organic pollutants) – неразградливи органски полутанти.

„Овие супстанции се група на органски хемиски соединенија, кои се екстремно токсични и многу тешко се разградуваат во природата. Опстојуваат со децении кога се испуштени во животната средина. Преминуваат во подземните води, индиректно во храната преку почвата, а може да бидат и присутни во воздухот и да ги вдишуваме. Имаат многу штетно влијание врз здравјето на луѓето, но и врз животните и живиот свет воопшто. Затоа, во рамките на Обединетите нации е потпишана т.н. Стокхолмска конвенција. Досега ја имаат потпишано речиси сто држави. Како што се прават дополнителни истражувања и се добиваат информации за штетноста на некоја супстанција, така се внесува и зголемува списокот на хемикалии. Земјите-потписнички на оваа конвенција се обврзуваат да даваат периодични извештаи за овие супстанции за секоја држава, со цел да се забрани нивното производство, но и да се спречи нивно ненамерно создавање. Македонија ја има потпишано оваа конвенција во 2005 година, а линданот како пестицид е вклучен во групата на ПОПС во 2009. Од тогаш секоја земја-потписничка треба да се грижи за решавање на своите проблеми со линданот“, објаснува реномираниот професор Стафилов за МКД.мк.

Сите истражувања покажаа дека загадувањето на воздухот со честички од линдан во Скопје, особено во околината на ОХИС кај хемиското училиште, до ректоратот и кај рафинеријата е многу високо.

Постојат различни технологии за уништување на линданот - пренесување на отпадот и согорување со специјални печки, разградување, со каталитичко разложување, термичко третирање во Цементарница, со суспензија од пластика за целосно покривање на депонијата на ОХИС, со цел да се заштити од ветерот и да не се разлетува прашината...

После долги години на укажување на сериозноста на овој проблем, годинава владините институции со меѓународна помош тргнаа во конечно решавање на проблемот. Донесени се одлуките, првичните средства се обезбедени во тек се сите неопходни подготовки и анализи пред почетокот и на отстранувањето на овој отпад од Скопје. Ова може да се очекува да почне до крајот на наредната година.

 A.Д.

 

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе

Ајде од понеделник да се посветиме сериозно на „носење на Европа" во нашата држава.

повеќе

Улогите на „добар и лош полицаец“ ќе ги играат кон нас уште долго, доколку не сфатиме дека со итроманска политика не се може подалеку од Табановце до Богородица.

повеќе