ГРАДСКО ЗЕЛЕНИЛО

ЈП Паркови и зеленило: Во последниве две години во Скопје исечени се 3.211, а засадени 16.037 дрвја

Скопското Јавно претпријатие „Паркови и зеленило“ тврди дека во периодот јуни 2013 до јуни 2015 година на територијата на главниот град се исечени 3.211 дрво, а засадени скоро шест пати повеќе дрвја – 16.037. 

Според евиденцијата и тврдењата на „Паркови“, точно 1.828 дрва биле исечени со решение, а 1.383 без решение/налог од Град Скопје за сеча. Гледајќи според месеци, најмногу биле исечени во ноември 2014 – 323, а најмалку изминатиов април – 59.

Од вкупниот број засадени дрвја, пак, 7.705 биле садени за време на акции по општините, 5.910 во тек на „Ден на дрвото“, а 2.422 во рамки на редовната годишна програма на претпријатието за подигнување на зеленило.

Од „Паркови и зеленило“ засега не ги соопштуваат локациите, видот, староста и големината на исечените и засадените дрвја.

Инаку, ваквите бројки доаѓаат откако на сметка на градските власти стигнаа лавина реакции по сечата во Паркот на новинарите, спроти ЗОИЛ, исечените борови кај Влада, костените до плоштадот „Македонија“, дрворедот покрај МЕПСО, зеленилото околу „Бристол“... Прашањето за бројот на засадени и исечени дрва беше поставено и во градскиот Совет од опозицискиот советник Дамјан Манчевски, а на денешната седница се очекува и дополнителна дискусија во однос на евиденцијата и објавените бројки на ЈП „Паркови“.

Последната сеча се случи спроти бивша НИП „Нова Македонија“, кога ги снема и последните тополи од овој потег, а аргументот на директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ беше дека реагирале и ги исекле откако паднало дрво и оштетило две паркирани возила, со цел да ги заштитат граѓаните.

Досега повеќе активисти, невладини организации и партии на повеќе пати реагираа на уништувањето на дрвниот фонд во Скопје. Евентуалниот Закон за зеленило, рака под рака со изработката на Зелен катастар, долго време се провлекува по конференции, јавни трибини, локални средби... Од кампања до кампања. Долго време одекнуваат најави дека по примерите на регулативите од Австрија и Германија ќе се подготви нацрт-закон и, конечно, ќе се протурка низ собраниска процедура.

Наместо тоа, скопјани продолжија да гледаат соголени дрвореди. Аргументите одат во насока дека се работи за стари, заболени дрвја. Искуствата покажаа дека секое инцидентно трчање да се спаси едно или повеќе дрвја не носи резултати. А акциите за нови насади ќе имаат смисла доколку на свежите садници не им требаат 10, 20, па и 30 години за да оформат крошна и да добијат својство на филтри за горливиот проблем со амбиенталниот воздух. 

Периодов Законот за зеленило повторно не помина во Собрание, па по којзнае кој пат повторно падна во вода и идејата за институционална „рампа“ за заштита, контролиран и плански развој на зелените појаси спроти апетитите за нивна пренамена во градежни цели.

Досега активисти потенцираа дека без утврдени стандарди каде, што и колку се сече, тешко може воопшто да се води некаква евиденција и да се надополни изгубениот дрвен фонд, со цел да се унапреди еколошката слика на главниот град.

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе