Приватните автобуси на „Слобода превоз" од рано утрово создадоа сообраќаен метеж во центарот на Скопје паркирајќи ги своите автобуси на крстосницата кај „Мавровка". Според најавите што беа дадени претходно, протестот ќе трае до изнаоѓањето на решението за нивното барање.
Минатата недела претставници на приватните превозници имаа средба со координаторите на советничките групи во Советот на Град Скопје на која средба биле изложени не само ставовите на превозниците, туку и биле информирани од Јовановски дека градоначалничката Данела Арсовска изнела невистините тврдења и обвинувања според кои приватните превозници должеле пари затоа што не издавале фискални сметки за продадени билети и дека затаиле данок.
Приватните превозници ниту имале билети ниту можеле да ги продаваат, туку билети имале само билетарниците на ЈСП и возачите на градското претпријатие, рече тогаш Јовановски.
Потоа, за да докаже дека ниту во ЈСП не работат фискалните апарати Јовановски сподели видео на кое се гледа како тој влегува во автобус на ЈСП, купува билет од возачот, од кого бара фискална сметка, а возачот вели дека нема фискален апарат.
Инаку, од утрово центарот на Скопје се соочува со речиси невиден до сега сообраќаен метеж поради блокадата од приватните превозници, но метежот е дополнително зголемен и поради реконструкција на неколку важни скопски сообраќајници.
П.Џ.