АНАЛИЗА: КАКО ДА СЕ ЗАШТИТИ ГРАДСКОТО ЗЕЛЕНИЛО? (2)

Истребување: сите ветуваат Зелен катастар, а никој не го прави

Во зелениот катастар треба да биде евидентирано секое „парче“ зеленило, не само од јавните површини, туку и од приватните, како и она меѓу станбените блокови. За изработка на зелениот катастар на Виена биле потребни речиси седум години.

Активистите наведуваат и архива на настани поврзани со зеленилото, а се надвор од Мал ринг. На 22 април 2013 се исечени 33 дрвја кај седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, беше избетониран дел од парк во Тафталиџе, а имаше масовна сеча на сметка на згради околу „Бристол“. Пред година дена чаирчани протестираа против 17-те маркички наменети за објекти врз локалниот парк. Тогаш градоначалникот Изет Меџити објави дека поништува 12 од 17 маркички, со што Општината ќе изгуби 5 милиони, но ќе зачува 12 парка.

Документот за јавни политики на „Плоштад слобода“ содржи и препораки за спречување на понатамошно касапење на дрвниот фонд во Мал ринг. Активистите бараат стратегија за да се одреди јасна хиерархија на одговорности и должности меѓу Министерството за животна средина, Град Скопје, Општина Центар и „Паркови“. Препорачуваат посебен Закон за зеленило и измена на постојните законски рамки, каде што зеленилото би се вклучило како посебна категорија.

Исто така, бараат изработка на Зелен катастар за детална евиденција на постојните и исечените дрвја, но и одржливо урбанистичко планирање, зачувување на зелените парцели и алтернативни методи како зелени фасади, зелени покриви или паркови во напуштени објекти. Сметаат дека во планирањето и уредувањето на јавниот простор треба да бидат вклучени и еколошките организации, а со децентрализација на „Паркови“ ќе се олесни процесот за собирање податоци и понатамошно ажурирање за градското зеленило.

Десетина архитекти и урбанисти, пак, преку интернет-платформата „Скопје расте“ последниве неколку години овозможуваат визуелен и хронолошки приказ на градските квартови Дебар Маало и Буњаковец. Целта е да се увиди како расте, како се проширува и се згуснува станбената структура, дали паркирањето е реакција на зголемениот број станбени единици, кои алтернативи, а истовремено и проблематики ги носат ДУП-овите, но и колку зеленило исчезнува на сметка на ваквата урбана целина.

Хронолошкиот пристап дава увид и во идниот изглед на градот. Проектот ги споредува урбаните состојби од 1990, 2012 и 2020 година. Па така, како што велат архитектите, 2020 година е презентирана на начин што овозможува да се види како ќе изгледа градот доколку се изгради во неговиот максимален капацитет предвиден со постојните ДУП-ови. 

 

Пописот во иста чекалница со Законот за зеленило


Во рамките на подолгорочни активности, Град Скопје за 2015 година предвиде 1,5 милион денари за подготвување Закон за јавно зеленило и за изработка на Зелен катастар. Овој документ треба да биде основа за унапредувањето на јавните зелени урбани површини со оглед на тоа што зеленилото, покрај функционалните, рекреативните, амбиенталните и социјалните функции, придонесува подеднакво кон намалувањето и адаптирањето на климатските промени, за кои ЕУ почна да притиска.

Со Зелениот катастар ќе се утврдат површината, сопственоста и квалитетот на зеленилото, во функција на урбанистичко планирање, а со крајна цел да се спречи натамошната пренамена на зеленилото во градежни цели.

„Подготовките за пописот и изработката на катастарот на градското зеленило се во тек. Воспоставена е соработка со Шумарскиот факултет, од кој се очекува голема помош и поддршка при правењето на пописот, а во тек е набавката на софтверската опрема за правењето на катастарот. Очекуваме во текот на оваа година пописот да почне со подготвувањето на катастар за градскиот парк , по што би продолжило на сите зелени површини на територијата на Град Скопје“, велат од Градот.

Катастарот делумно е подготвуван по примерите на регулативите од Австрија и Германија, но, пред сè, воден од автентичните потреби и проблеми. За разлика од нацрт-законот за зеленило, изработката на Зелен катастар е многу пообемен проект, кој бара и многу време и финансиски средства. Колку за споредба, за изработка на зелениот катастар на Виена биле потребни речиси седум години. Во Зелениот катастар треба да биде евидентирано секое „парче“ зеленило, не само од јавните површини, туку и од приватните, како и она меѓу станбените блокови. Досега како потенцијални донатори за катастарот беа споменати имињата на РЖ „Институти“, „Дуна компјутери“, „Окта“, „Усје“, „Топлификација“, но сето тоа заврши меѓу ветувањата, можностите и желбите на локалните власти да ја покажат пред јавноста својата „зелена“ иницијатива.

Во меѓувреме, Градот изработува Студија за раззеленување на подрачјето на Скопје, во која се прави анализа на постојното зеленило и проекција за ново. Студијата ќе се прави во согласност со климатските услови, бидејќи и од нив во голема мера зависи загубата на зелени површини.

Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ и општинските служби во 2015 година во свои раце ќе имаат за одржување 51.625.812 квадратни метри зеленило, од кои 4.295.812 се градско, а 47.330.000 квадрати вонградско зеленило. Ова се бројки од Планот за работа за 2015 година.

Годинава треба да се сади ново и да се одржува постојното странично зеленило на улицата „16. Македонска бригада“, на булеварот „Александар Македонски“, по должината на „Партизански одреди“, делот од третата фаза на „Гологанов“, потоа на „3. Македонска бригада“, на реконструираната „Јордан Мијалков“, по третата фаза на „Борис Трајковски“ и „Србија“. Исто така, градските власти започнаа да градат нов парк помеѓу „АСНОМ“ и „Февруарски поход“. 

Во Скопје, проблем е и што таканареченото булеварско зеленило е тотално нерамномерно распределено низ населените места. Аеродром има отприлика по 11,1 квадрати зеленило по жител, Карпош 10,2, Чаир 4,6, Кисела Вода 3,4, а Шутка 0,05 квадрати. Сарај, иако површински е најголема општина, повторно нема конкретни и транспарентни бројки за расположливото зеленило. Ситуацијата не оди во нагорна линија, бидејќи недостига електронска база на податоци за дрвјата, а освен периодични градски и локални акции за раззеленување во Центар и Аеродром, ретко која од останатите општини инвестираше во зеленило.

Бојан Шашевски

(Продолжува)

АНАЛИЗА: КАКО ДА СЕ ЗАШТИТИ ГРАДСКОТО ЗЕЛЕНИЛО? (1)
Скопје соголено: има 12 квадрати зеленило по жител, а европските препораки се 25


Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе

Толку убава, чиста земја, богата со шуми, планини и природни ресурси ја претворивме во Мордор.

повеќе