По извршената трудова инспекција

Фабриката во кругот на ОХИС побарала одложување за да провери колку вработените и се изложени на линдан

Испитувањата за присуство на хемиски штетности во гасовита и во течна состојба во работниот простор треба да се вршат подолго време и поради тоа субјектот побара дополнително време за да ги спроведе мерењата, појаснува главната инспекторка Слаѓана Андоновска, раководителка на одделението за инспекциски надзор од областа безбедност и здравје при работа во Државниот инспекторат за труд.

Државниот инспекторат за труд не извршил контролен надзор во фабриката ТреЗета, која се наоѓа во кругот на поранешниот хемиски гигант ОХИС. Иако тој требаше да биде направен на шести овој месец, со цел да се утврди дали постојат опасност по здравјето и безбедноста на вработените поради близината на депониите со линдан, одговорното лице на фабриката побарало одложување за извршување на наредбите на инспекторатот.

За потсетување, меѓу наредбите кои ги издаде инспекторката Слаѓана Андоновска беше и спроведување на мерење на микроклима во работните простории каде што се одвива технолошкиот процес. Мерењата треба да ги изврши овластен правен субјект за стручни работи за безбедност при работа. Покрај тоа, треба да се изврши испитување и на присуството на хемиски штетности.  

Контролниот надзор е одложен на барање на субјектот. Испитувањата за присуство на хемиски штетности во гасовита и во течна состојба во работниот простор треба да се вршат подолго време и поради тоа тие побараа дополнително време за да ги спроведат мерењата“, појаснува главната инспекторка Андоновска – раководителка на одделението за инспекциски надзор од областа безбедност и здравје при работа во Државниот инспекторат за труд.

Инспекторката вели дека на одговорните лица од фабриката им потенцирала да испитаат дали има присуството и на линдан во работните простории.

Фабриката ТреЗета сега има рок од уште две недели да постапи по насоките на трудовиот инспекторат.

Како што објавивме, од фотографиите се гледа колку блиску е погонот на ТреЗета до депонијата од линдан. Вработените во фабриката времето за пауза го користат во близина на депонираниот линдан. Ние се обидовме да стапиме во контакт со одговорното лице на ТреЗета, италијанска фабрика за производство на чевли. Но и покрај инсистирањето, од таму добивме одговор дека не сакаат да го коментираат случајот со линданот и дали и на кој начин тие ги заштитуваат своите вработени.

Од дежурната инспекциска служба на општина Кисела Вода, во чии граници се наоѓа ОХИС, велат дека се запознаени со присуството на депониите со линдан, но тие како општина не биле консултирани при издавањето на дозволи за работа и впишување на адресата на правни субјект со цел да реагираат. Од Централниот регистар, кој врши упис на правни субјекти, велат дека не вршат проверка на адресите кои ги даваат субјектите при регистрација.

Депониите на токсичен отпад претставуват специфичен ризик за загадување на сите медиуми на животната средина, а оттука и за здравјето на населението што живее во нивната околина, вели професорката Елисавета Стикова од Институтот за јавно здравје - Одделение за медицина на труд.

Ваквите депонии предизвикуваат растечка загриженост на професионалците и одговорните за донесување на одлуки и за креирање на политики што би биле основа за минимизирање и/или елиминирање на ризикот. Поради тоа во изминатиот период многу интензивно се работи на идентификација на ризиците, проценка на можните негативни ефекти врз здравјето на населението и изнаоѓање на најсоодветни решенија за справување со последиците од една од најзначајните индустриски депонии кај нас, а тоа е депонијата на линдан т.е. неговите изомерни форми во кругот на фабриката“, вели професорката Стикова.

Можната појава на негативни ефекти и болести зависи од физичко-хемиските карактеристики на хемиските супстанции, вклучително и на линданот, нивните концентрации и времето на изложеност, патиштата на изложеност, начинот на навлегување во човековото тело и можноста за апсорпција во човековиот организам и тоа преку дишните патишта, преку системот за исхрана или преку неоштетена кожа, појаснува Стикова. Можните штетни ефекти секако зависат и од полот, возраста и индивидуалните карактеристики, како и специфичната чувствителност на изложените лица или на одредени популациски групи од населението.

Според информациите на МКД.мк, Владата и Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи ПОПс го завршиле тендерот кој треба да биде објавен од Oрганизацијата за индустриски развој на Обединетите нации (УНИДО). Како што дознаваме, претставник на УНИДО треба да дојде во земјава за финализирање на критериумите во тендерот пред тој да биде објавен.

Од критериумите во тендерот ќе зависи и која техника на чистење на линданот ќе биде одбрана. Буџетот за отстранувањето на линданот изнесува 3,1 милиони долари, средства обезбедени од Глобалниот еколошки фонд.

Постапката за отстранување би требало да започне во втората половина од годинава, а стартот ќе зависи од тоа колку ќе трае процесот за избор на технологијата, но исто така и процесот на инсталирање на технологијата на самата локација, рече во интервју за МКД.мк, Сузана Андонова, национален проект-координатор од канцеларијата на ПОП-с од Министерството за животна средина.

Линданот се произведувал во ОХИС од 1964 до 1977 година. По неговата забрана за употреба како инсектицид во земјоделството тој неправилно бил складиран во дворот на ОХИС и во месноста Пеленица над Драчево. Се претпоставува дека во депониите во ОХИС има 30 илјади тони од опасниот отпад на линдан.

Марија Севриева
Фото: Роберт Атанасовски

(Со овој текст, МКД.мк се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.)

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе