Незадоволство на мештаните

ЕУ за МВР гради нов прифатен центар за странци кај Бардовци, жителите негодуваат

Жителите на селото и населбата Бардовци веќе неколку дена протестираат против почетокот на изградбата на прифатниот центар за странци во нивна близина. Тие неодамна дознаа дека на само стотина метри од селото, ЕУ почна да гради прифатен центар за странци. Жителите бараат од општина Карпош, но и од МВР објаснување за што точно се работи и велат дека се против изградбата на прифатен центар, зашто сметаат дека мирот и сигурноста ќе им се нарушат и бараат за тоа да се организира референдум.

Според официјални информации на 10 мај почна изградбата на прифатен центар за странци финансиран од Европската Унија. Изградбата на објектот чини 1,47 милиони евра, а го гради градежната компанија Брегу од Албанија.

Почетокот на изградбата била планирана за октомври 2019 година, а објектот требал да биде готов во мај 2020. Потписник на договорот е Дервиш Хима од компанијата Брегу, а парите се авансно платени.

Новиот план е објектот да биде предаден на користење на Министерството за внатрешни работи на 20 мај 2022 година. Земјиштето било донирано од државата Македонија, а изградбата на инфраструктурата за објектот (пат, вода, струја...) е обврска на македонската влада.

Од МВР велат дека не станува збор за Прифатен центар за мигранти, туку за нов објект на прифатен центар за странци, кои како центри имаат сосема различна функција и цел.

„За потребите на мигранти во државата функционираат два транзитни центри, во Гевгелија и Табановце, кои се од исклучиво транзитен карактер и кои немаат никаква допирна точка со Прифатниот центар за странци. Прифатни центри за странци има во секоја држава и тие апсолутно немаат никаква врска со мигрантите, туку со странци на кои овој центар треба да им овозможи времен прифат до завршување на соодветните постапки“, велат од МВР и додаваат дека за ова веќе биле одржани средби со претставници на месната заедница Бардовци на кои тие биле информирани за проектот.

„Не станува збор за нов прифатен центар за странци, туку само за нов објект на веќе постоечки центар, каков веќе имаме во државата. Тој постои и се наоѓа во Гази Баба, но условите во постојниот центар се далеку под елементарниот минимум, а притоа тој е сместен на локација со густа населеност, без соодветен пристап и без соодветни услови од повеќе аспекти. Тоа ја наметна потребата од изградба на нов објект на соодветна локација, надвор од населено место, со ист капацитет, кој во целост ќе биде усогласен со меѓународните норми и стандарди, по примерот на исти вакви центри во земјите од регионот.

Новиот објект ќе биде сместен во близина на обиколницата, на неколку километри оддалеченост од споменатото скопско Бардовци, затворен со свој двор, со потполно имплементирани современи мерки во однос на безбедноста. Целокупната локација е обезбедена со безбедносна ограда која претставува надворешен заштитен појас, а освен оваа ограда се формира и втор појас на заштитна ограда околу самиот објект, формирајќи на тој начин сопствен круг околу објектот со свои интерни улици за пристап, со цел беспрекорно функционирање на овој центар како посебна издвоена целина. Овој нов објект на прифатен центар за странци е финансиран со средства од Европската Унија во рамките на Националната ИПА програма за 2016 година, чиј главен корисник е Министерството за внатрешни работи. Целосната постапка околу јавниот повик, финансирањето, изведбата и надзорот на овој ИПА проект, за кој се обезбедени 1.470.724 евра е во надлежност на делегацијата на ЕК“, се вели во одговорот на МВР на прашањата на МКД.мк.

Жителите на Бардовци сметаат дека новиот објект ќе има негативни социоекономски влијанија, влијанија врз животната средина, како и врз вредноста на имотите на локалните жители.

По вчерашниот протест од Општина Карпош реагираа дека нема де се гради никаков центар за бегалци, туку центар за странци, кој, додаваат од таму, е во спротивна насока од населениот дел на Бардовци и е во близина на скопската обиколница. Од општината најавија скорешна средба со жителите на Бардовци.

А.Д.

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе