Антикорупционерите му препорачаа на Саша Богдановиќ, градоначалникот на Центар и на членовите на Советот на Општина Центар да внимаваат на квалитетот на плановите и да има поголема вклученост на граѓаните и стручната јавност во процесот на нивно донесување.
Општина Центар за изработка на ДУП-от, по јавна набавка, ја ангажираше планерската фирма „Билд урбан“ ДООЕЛ за еден денар за квадратен метар.
За ДКСК со вака ниската цена општината едноставно нема како да си ја наплати евентуалната штета.
„Предвидени се одредби со кои е потребно економскиот оператор да достави банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот во износ од 10 отсто од вкупната вредност. Исто така, предвидено е договорна казна во износ од 1 промил од вкупната договорена цена на услугите кои се предмет на договор за секој ден задоцнување. Имајќи ја предвид вредноста на договорот од 1 денар, произлегува дека во овој случај Општината не располага со адекватни, ефикасни и правни механизми за наплата на штета и постои ризик од ненавремено и неквалитетно извршување на договорот без посериозни и финансиски последици по економскиот оператор, дотолку повеќе што се доведува во прашање квалитетот на уредувањето и хуманизацијата на просторот. Оваа состојба, Комисијата за јавни набавки требала да ја има предвид и да ја согледа при оценувањето на прифатливоста на образложението за невообичаено ниската цена доставена од економскиот оператор“, изјави денеска Ивановска.
Се работи за ДУП во строгиот центар на Скопје, околу хотелот „Холидеј ин“, планот Ц 08.
Професорката Дивна Пенчиќ, како членка на Комисијата за урбанизам во Општина Центар, постојано укажува на тоа дека планирањето е на примитивно ниво, а планерските куќи одбиваат да поправат суштински забелешки од комисиите за урбанизам.
„Навистина треба да се гради овдека, меѓутоа, сигурно не ова што е предложено. Овде, според пресметките, би можеле да живеат 11 илјади граѓани. Замислете, тоа е цела источна Македонија“, кажа Пенчиќ за конкретниот план ставен под мораториум.
„Фактот дека планот се изработува по исклучително ниска цена, го зголемува ризикот од коруптивно однесување, односно вклучување зделки меѓу планерот и сопствениците на земјиштето кои се идни инвеститори. Од увидот во документацијата, утврдивме дека забелешките што Комисијата за урбанизам, која е формирана од градоначалникот, во повеќе наврати ги упатувала до планерот, не се прифатени во целост, а Општината како нарачател на услугата не го искористила правото да не ја прифати извршената услуга која е предвидена со договорот со економскиот оператор“, рече Ивановска и укажа на тоа дека градоначалникот мора да обезбеди инклузивност, партиципативност и јавност во процесот на урбанистичко планирање.