Општина Аеродром игра топло-ладно

Депонијата во Долно Лисиче се шири и смрди, Марин знае, но не одговара оти тешко му стасуваат мејлови (ФОТО+ВИДЕО)

Наместо да биде исчистена, депонијата во Долно Лисиче се полни. За ѓубрето што со години го „краси" ова место редакцијата на МКД.мк пишува веќе втора година, но и покрај ветувањата на градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, дека проблемот со оваа депонија ќе се реши, сликата на терен е поинаква. Огромната депонија е полна со кабест отпад, пцовисани животни, кожи од домашни животни, стаклени шишиња, јоргани, скапано овошје и зеленчук... Меѓу останатиот отпад има и азбест, кој незаштитен и расфрлен стои на ова место, што е опасност за животната средина.

Според Правилникот за начинот на постапување со отпад од азбест и со отпад од производи што содржат азбест, отпадот од азбест треба да се собира и отстранува колку што е можно поскоро во соодветно запечатено пакување и обележано на начин што укажува дека содржи азбест.

Отпадот од азбест се пакува во непропустливи затворени вреќи, при што споевите на ткаенината, односно фолијата, мора да бидат целосно заварени или залепени, а оној отпад со лабаво врзан азбест се пакува во вреќи од ткаенина за да се спречи емисијата на азбестни влакна во животната средина.
Овде многу често се палат гуми, а се истураат и цистерни полни со измет.

Неподнослива реа и смрдеа се шири околу Вардар на мостот што ги поврзува Долно Лисиче и Јурумлери, а ѓубре има и на едната и на другата страна на реката.

Очигледно е дека кога ќе се спои несовесноста на граѓаните, но и негрижата на надлежните, резултатот неминовно е депонија и одвратна смрдеа каква што е оваа во Долно Лисиче. Неодамна близу ова место изби пожар и зафати дел од депонијата. 

Последниот обид да исконтактираме и да добиеме официјален одговор од градоначалникот Марин ни беше на 5 август преку мејл испратен до општината. По ова нашата редакција телефонски се слушна до пиар-службата на општината, од каде што ни беше кажано дека прашањата се стасани и дека ќе ни биде доставен одговор, а прашањата беа препратени и на друга мејл адреса, која води директно до градоначалникот.

„Градоначалникот е запознаен со проблемот, кажано му е. За Вашите прашања му е кажано и на Владимир, шефот на кабинетот на градоначалникот, кој ни појасни дека и граѓаните треба да си бидат одговорни и да не трупаат ѓубре на местото, бидејќи нема кој нив 24/7 да ги контролира. Ќе ви доставиме за кратко и писмен одговор од сето ова", ни одговори во телефонски разговор женски глас и ни се претстави дека се вика Дијана.

По ова нашата редакција трпеливо чекаше, а во меѓувреме се обидовме повторно да исконтактираме телефонски, но безуспешно. Откако не добивме одговор и ништо не ни стаса на службениот мејл, повторно се обративме до општината, а го побаравме и Владимир, шефот на кабинетот на градоначалникот, за кого ни беше кажано дека периодов не користи одмор, доаѓа на работа и знае за овој проблем.

Но од него не добивме одговор ниту на телефонските повици, ниту на пораката на вибер во која детално појаснивме за што ни треба одговор.

Повторно по ова се јавивме во општината и друг женски глас ни кажа дека такви прашања воопшто не се стасани и дека ќе треба да ги пратиме повторно. Кога мислевме дека сме ја завршиле работата и дека општината, која е должна да им одговори на медиумите, ќе излезе со став за овој сериозен и долготраен проблем, кој претставува опасност и извор на зараза, всушност нѐ вратија на почеток.

Но и покрај тоа што по трет пат ги праќавме прашањата за конечно да стасаат до градоначалникот Марин и да добиеме одговор, од таму повторно нѐ извисија.

Чекавме уште два-три дена и повторно се јавивме телефонски во општината и го добивме следниот одговор:

„Не знам што да ви кажам. Дадени се прашањата онаму каде треба, но зошто не одговараат не би знаела да ви кажам. Не знам дали некој ќе одговори. Запознаен е и градоначалникот, и шефот на кабинетот, и кажано им е, но не одговараат, а јас без нивна согласност не можам да ви праќам одговори. Ве разбирам дека имаме обврска да ви одговориме, како и дека чекавте за одговор на овие прашања, но не можам да помогнам и на вас останува што ќе објавите“, ни одговори женски глас во телефонскиот разговор претставувајќи се како замена во канцеларијата за односи со јавност поради одмор на колешката.

Според Законот за локална самоуправа, Општината е должна на граѓаните да им даде пристап до информации за услугите кои им ги обезбедува, а исто така е должна и да ја заштити животната средина и природата.

Кога и да поминете со автомобил на ова прометно место на кое реката Вардар ги поврзува двете општини, од една страна општина Аеродром, од другата општина Гази Баба, не можете да не ги забележите купиштата ѓубре. Ако возите со отворен прозорец ќе ја почувствувате и смрдеата која се шири околу ова место. Во близина на депонијата која со години се полни, се наоѓа и паркот во Долно Лисиче кој е полн со деца. Ова место во зимските денови е меѓу најзагадените во главниот град.

Во септември 2019 година општина Аеродром ни се пофали дека исчистиле дури 40 депонии со телефонските линии што тогаш беа отворени.

„Општина Аеродром редовно спроведува активности за расчистување на дивите депонии. Детектирани се сите депонии и во континуитет се работи на нивно отстранување во соработка со ЈП „Комунална хигиена" и во изминатиот период расчистивме околу 40 депонии. За жал, има несовесни граѓани кои фрлаат отпад на места кои не се наменети за тоа. Нашите комунални и инспекциски служби спроведуваат редовни контроли на теренот. Исто така, за прв пат во тек е тендерска постапка за избор на фирма за чистење вакви депони и по завршувањето на постапката посочената локација веднаш ќе биде расчистена. Дежурната телефонска линијаа останува отворена за граѓаните, кои можат да ги исконтактираат инспекторите секој работен ден од 8:30 до 22:00 часот, и во викендите од 8:00 до 16:00 часот", беше одговорот што нашата редакција го доби во септември 2019 кога укажавме за постоењето на оваа огромна депонија.

Во ноември, 2020 година повторно се обративме до општина Аеродром и ги потсетивме за постоењето на огромниот извор на зараза, кој може да биде убаво уреден простор.

Од општина Аеродром на нашето прашање кога оваа депонија ќе биде минато и овој простор ќе заличи на убаво и чисто место тогаш кусо ни одговорија дека шутот ќе биде отстранет.

„Во координација со ЈП „Комунална хигиена" ќе биде отстранет овој шут", стоеше во кусиот одговор што до редакцијата на МКД.мк беше испратен лани во ноември од општина Аеродром.

Девет месеци потоа, бидејќи депонијата се шири и се уште стои, пак се обративме за да потсетиме, да укажеме и да добиеме одговор, но овој пат немаше ни кус одговор. Имаше чекање, префрлање на тоа кој ќе одговори, правдање за настасани прашања и мејлови, појаснување дека усно е се пренесено и сите се запознаени, но главното и тоа што и е обврска на општината, не го добивме.

Нашите укажувања за депонијата за да види јавноста, но и да увидат надлежните и оние кои се одговорни, ги поткрепивме и со фотографии и видеа од местото.

Се надеваме дека како што сме гласни за проблемот за кој локалната самоуправа очигледно ништо не направи, и тие ќе бидат гласни за да ни одговорат и ќе излезат на терен за да ја променат оваа состојба.

Има и несовесни граѓани што овде го фрлаат ѓубрето, но нема ниту кој да ги опомене, ниту да ги казни.

К. Додевска 

Фото и видео: Роберт Атанасовски 

 

Објавено

Вторник, Август 24, 2021 - 11:52

Го потсетувам претседателот на државата дека уставниот рок за создавање на парламентарно мнозинство е 20 дена, а веќе 30 дена Владата нема парламентарно мнозинство.

повеќе

Неразрешеноста на случајот („Јавна соба“) дури после речиси две години од неговото откривање ја активира јавноста бидејќи се руши илузијата дека надлежните работат на случајот.

повеќе

На националистичките агенди во регионот им треба релативно мала искра за да се направи многу поголем пламен.

повеќе