Револтот од проблемот со загадувањето иницијативата „Канцерогено општество" и демонстрантите го изразија со двочасовно блокирање на булеварот пред Собранието. Бараат од надлежните во рок од една година да ги решат регионалните депонии, да се справат со големите загадувачи и апелираат на заедничко дејствување со сите екоздруженија и активисти.
Демонстрантите побараа власта да си ја врши работата и да излезе со конкретни мерки против аерозагадувањето, а ги повикуваа граѓаните да се мобилизираат и да се стави крај на овој сериозен проблем со загадувањето на воздухот.
„Бараме јавно да се направи контрола на аерозагадувачите и да се измери колку тие го загадуваат воздухот. Не може власта да има свои здруженија и да си седат и да си зборуваат сами на себе. Не може да се занимавате со животна средина, а да немате критика во текот на целата година. Повикуваме на експертски дебати, ама политичарите одбиваат. Сакаме нашите парите да бидат квалитетно трошени, а не да се набавуваат прочистувачи на воздух кои ќе спасат само неколку луѓе, а што е со останатите", Никушевски Тони, член на организацијата „За чист воздух".