Презентација на предлог ДУП-от за Мал ринг во Општина Центар

Богдановиќ: Зградите за домување се пренаменуваат за култура, нема галии и барокни фасади

Во делот од предложениот детален урбанистички план за Мал Ринг во општина Центар секаде каде што имало неизградени споменици се бришат и на нивно место се предвидува зеленило. Секаде каде што имало згради со намена А2 за домување во претходниот план се пренаменуваат за култура. Сѐ што сметаме дека не треба да го  оптоварува  бројот на жители сега  го пренаменуваме, односно го даваме на државните институции како објекти што ќе се занимаваат со култура, рече на денешната презентација градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Општина Центар, како што најави тој, ќе интервенира во деловите од планот за катната гаража кај собраниската зграда, т.н шпански скали и споменикот Мајка Тереза, откако ќе завршат судските процеси. Тоа, според него, не значи дека Општината се откажала од отстранување на спорните делови поврзани со проектот Скопје 2014. По завршување на споровите, граѓаните ќе одлучат што сакаат да има таму,  јавни површини, плоштад…

За деловите од проектот „Скопје 2014“ има 29 постапки во обвинителството, а една е веќе завршена во корист на Општина Центар која по тој основ повратила 30 милиони денари.

„Сите постапки што ги преземавме во изминатиот период се со цел Општина Центар повторно да го преземе управувањето на државното неизградено земјиште односно сите почнати постапки во Мал ринг поврзани со  т.н проект „Скопје 2014“. Во изминатиот период се изнаслушав дека со овој план сакаме да легализираме делови од Скопје 2014, односно да го потврдиме. Проектот Скопје 2014 бил донесен и потврден со носењето на планот во 2012  односно со претходните планови. Со новиот предлог план што го предлага Општина Центар се прави спротивното. Почнува да се стопира и да се брише сѐ она што не е започнато во зацртаниот проект Скопје 2014“, рече Богдановиќ.

Појаснувајќи го новиот план, тој информираше дека ќе нема можност да се продолжи планираното градење во продолжение на објектот Теранова каде што се изградени тремовите во претходниот план. Се отстрануваат и целосно насоките од планот во 2012 година за тоа како треба да изгледаат  фасадите (барок, неокласицизам...) и се остава на самите институции, приватни или државни, да направат фасада како што ќе предложат тие или да ја вратат постоечката. Ако остане планот од 2012 година, вели тој, и неодамна распаднатата фасада на зградата на енергетската компанија МЕПСО ќе мора да биде обновена во некој од предвидените стилови со планот од 2012 година. 

Според Богдановиќ, доколку со предложениот план Општина Центар ја избрише парцелата за катната гаража кај Собранието поради тековниот судски спор за поништеното одобрение за градење Општината во иднина ќе плаќа отштета со високи износи. 

Богдановиќ потсети дека парцелата е продадена во 2014, а кога стапил на градоначалничката функција затекнал веќе издадено одобрение за градба.

„Најдени се правни механизми да се поништи одобрението за градба. Во тек се судски постапки со цел да ја потврдиме исправноста зошто сме донеле такво решение, бидејќи има рок на траење за земјиштето од кога до кога може да се издаде. Не смееме да го тргаме бидејќи секое евентуално бришење на веќе отворен судски спор значи дека утре тој што го откупил ќе дојде ќе  бара отштета  и општината ќе плаќа милионски суми. Тоа не значи дека сме се откажале од ова парче, туку дека кога ќе заврши судскиот спор и ќе биде во корист така како што бараат сите, ќе можеме да го вратиме и тоа утре да биде парк, зеленило. Но, додека трае судскиот процес не смееме ништо да чепнеме“, рече Богдановиќ.

Со планот што се презентираше денеска, како што вели Богдановиќ, не значи дека се сака да се протурка нешто, туку напротив, да се отстранува дел по дел од проектот Скопје 2014. Само со еден план не може да се избрише целосно сѐ што планираат и мора да се оди чекор по чекор.

Со планот од старт се бришат трите галии во река Вардар. Откако ќе бидат завршени правните постапки за раскинување на концесиите од страна на Град Скопје, ќе бидат отстранети, што е овозможено и со новиот закон.

Евентуалното бришење сега на делот од планот за т.н. шпански скали, рече Богдановиќ, може да се искористи да се побара пролонгирање на договорот и за барање отштета од општината. 

„За шпанските скали затекнавме веќе продадено земјиште и правосилно одобрение. Со правни механизми го поништивме одобрението, воторстепената комисија ни го потврди нашето решение, но Управен суд ни го врати на повторно разгледување. Сѐ додека не ја добиеме правната битка, тука ние не смееме да чепкаме затоа што само ќе направиме услуга ако го избришеме, ќе речат Општина Центар го спречила. Има таков дел во договорот доколку институциите те попречат да имаш право на пролоногирање односно уште подолго да ти трае договорот, а може и да плаќаш отштета“, појасни Богдановиќ, дополнувајќи дека веќе има судска времена мерка дека не смее да се преземе ништо.

Според него, иако е под мораториум, тој план важи.  Во тој контекст укажа дека со новиот Закон за градење, што треба да стапи во сила за брзо време има можност за суспензија на плановите од само шест месеци. Тоа, укажа, значи дека може да ни се случи да ни остане стариот план ако во тој рок не ги донесеме планираните измени.

„Приватните парцели што се продадени од државата имаат одреден рок и ние се трудиме максимално да го запазиме тој рок и согласно неговото истекување да преземеме одредени дејствија. Веќе се преземени активирања на банкарски гаранции, поднесени се 29 пријави до Основното јавно обвинителство. Конкретно за шпански скали се отворени обвинителни акти, дел од луѓето се наоѓаат таму каде што се наоаѓаат и не смееме да влијаеме на истрагата. Со секое бришење им правиме услуга на тие кои го цртале тоа. Ако го избришете тоа нема дело, завршена е работата и нема за што повеќе да се дискутира. Како што ќе ги добиваме судските спорови и како што ќе го враќаме земјиштето така ќе го менуваме после планот, нормално, како што ќе одлучат граѓаните, во зависност дали ќе сакаат парк, плоштад… За деловите што се споменуваат и што се спорни додека не заврши судската постапка и истражните дејствија не смееме да чепкаме и да менуваме“, нагласи Богдановиќ.

За делот каде што е планиран споменик на Мајка Тереза сакаат да биде проодна улица, но откако ќе се поништи одобрението за градба издадено од Министерството за транспорт и врски, кое издава вакви дозволи за објекти од прва категорија.

„Веќе е формирана целосно нова парцела и се почнати дејствија. Бидејќи конечно дојдовме до документацијата сметаме да пробаме преку правни механизми да го поништиме одобрението и тоа како што разговараме со Град Скопје да биде проодна улица. Сепак, додека не заврши процесот не смееме да чепкаме ништо, бидејќи ако го избришеме Министерство за транспорт, односно Министерство за култура може да ја тужи Општина Центар за нанесена штета. Тоа не значи дека ќе се откажеме од борбата да го отстраниме, но мора да го тераме преку правни механизми. Ако Скопје 2014 е легален криминал ние легално мора да се бориме да го размонтираме. Ако пробуваме тоа да го направиме на некој див начин, штетата ќе ја трпат сите, пред сѐ Општина Центар, и ќе се случи да направиме услуга на некој кој веќе направил огромен криминал“, смета Богдановиќ.

Наведувајќи примери, посочи дека за мостот Око е веќе завршена постапката и успеале да вратат 30 милиони денари во Општина Центар. Со евентуалната завршница на 29 постапки во обвинителството во корист на Општината, како што посочи, „првин ќе вратиме средства, а потоа и површини што сметам, пред сѐ, се најважни за граѓаните да имаат слободен простор во срцето на градот“. 

На презентацијата за предлог деталниот урбанистички план беше соопштено и дека сите објекти кои се од јавен карактер, а претходно биле дефинирани како поголеми парцели сега се дефинирани како објект парцела. Тоа значи дека целата нивна околина е прилагодена да биде пристапна на сите граѓани. Наведувајќи пример, Богдановиќ појасни дека во случај да се приватизира Македонска пошта со сегашните промени ќе се овозможи просторот околу нејзината зграда да биде јавна површина. 

Вкупната површина на ДУП Мал Ринг изнесува 37,39 хектари. Предвидени се 167 градежни парцели од кои што најголемиот дел се задржуваат во постојна состојба. Предвидени се дејствија само на18 парцели. Собирните улици коишто го опкружуваат планскиот опфат се целосно преземени од Генералниот урбанистички  план.

„Во ГУП на Град Скопје дефинирана е мешовита намена за целиот плански опфат, односно намена плус А, плус Б, домување, комерцијални дејности и јавни институции. Сите тие се застапени со одреден процент во рамки на планскиот опфат којшто е испочитуван со зададениот во ГУП-от. Целиот план предвидува вкупно 157.308 квадратни метри површина за домување што е под дозволеното од  ГУП, што е 178.750 метри квадратни“, беше соопштено на презентацијата.

Целото сообраќајно решение е предвидено така што не се дефинирани никаде улични профили на секундарната инфраструктура, туку е една режимска сообраќајна површина која што понатаму ќе биде предмет на разрешување со други проекти, режимски проекти, урбанистички проекти со кои што ќе се дефинира режимски пристап до сите проекти во внатрешноста.

„За целиот овој дел се направени заштитни конверзаторски основи и се потврдени дел од објектите кои што се под заштита. Целиот дел е поделен на три целини и целиот опфат Мал ринг претставува контактна зона на објекти што се под заштита. Затоа дел од објектите имаат режим на заштита и на нив не може никако да се интервенира и затоа се задржани во постојна состојба“, појаснија надлежните од Општина Центар на презентацијата.

По презентацијата, што поради протоколите што се во сила поради пандемијата се одржува во два дела, ќе бидат рзгледани забелешките од доставените анктени листови, што треба да бидат внесени во предлог планот по што тој се носи од Советот на Општината.

Асоцијацијата на архитекти на Македонија вчера побара повлекување и преработување на ДУП-от и отстранување од него на спорните делови од проектот „Скопје 2014“.

МИА

На светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери.

повеќе

Во Законот кој е предложен воопшто не се цели на попишување на реалната состојба на терен, туку се цели на попишување на сите возможни граѓани заради задоволување на политички цели.

повеќе

Веќе е јасно дека светот никогаш нема да биде ист по завршувањето на пандемијата и дека последиците ќе креираат нови образовни можности.

повеќе