Во рамките на оваа манифестација беше потпишана Декларација за поголема безбедност на децата во сообраќајот. Потписници на декларацијата со која секое министерство се обврзува да се грижи за зголемување на безбедноста на децата, се министрите за внатрешни работи, за образование и наука, за труд и социјална политика, за транспорт и врски и за локална самоуправа, Оливер Спасовски, Јетон Шаќири, Јованка Тренчевска, Благој Бочварски и Горан Милевски, соопшти РСБСП.
По потпишувањето на Декларацијата, воведно излагање имаше претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска.
Свои презентации имаа и гостите од регионот: Милија Радовиќ од АБСРС од Србија, Диана Русинова од ЕЗТП од Бугарија, Синан Алиспахиќ од ХАК од Хрватска и Снежана Ристеска од АСУЦ од Македонија.
Презентацијата на трудовите ги опфати темите: „Децата – најранлива категорија учесници во сообраќајот. Безбедно превезување на деца со моторно возило. Најчести причини за сообраќајни незгоди во кои има повредени или загинати деца, Начини за намалување на бројот на сообраќајни незгоди во кои има повредени или загинати деца, Децата-како пешаци во сообраќајот, Училишни сообраќајни единици – искуства и придобивки, Алтернативен сообраќај – вело сообраќај за деца", информираат од РСБСП.