Заштита на индустриската сопственост или?

„Бејби биф“ само во Македонија е заштитена трговска марка, а не општ термин за младо говедско месо

Aко некој денес во Македонија сака да увезе младо говедско месо, односно „бејби биф“, за тоа прво ќе мора да побара дозвола од сопственикот на оваа трговска марка, ЗОЛА компани од Страцин, Кратово. Ако некој сака да инвестира во Македонија и да отвори фарма за производство на „бејби биф“ месо, ќе мора прво да се разбере со Зоран Лазаревски, сопственикот на ЗОЛА компани. До оваа апсурдна ситуација е дојдено благодарение на Државниот завод за индустриска сопственост.

Друштвото за земјоделство, производство, услуги и трговија ЗОЛА компани ДООЕЛ од село Страцин, Кратово, лани на 7 февруари добило решение од Државниот завод за индустриска сопственост (ДЗИС), со кое на оваа компанија ѝ се признава правото на стоковна и услужна индивидуална трговска марка „бејби биф“ и „baby beef“.

Ова всушност значи дека во Македонија никој веќе нема право да увезува „бејби биф“ месо од, на пример Србија, ниту пак некој друг освен ЗОЛА има право да извезува во ЕУ такво месо. А Европската Унија уште во 2010 година на Македонија ѝ одредила квота за извоз од 1.650 тони годишно „бејби биф“ месо во земјите членки на ЕУ. Правото на исполнување на таа квота веќе повеќе од една година го има само ЗОЛА од Страцин.

Од денот на регистрацијата на оваа трговска марка, почнуваат проблемите на маркетите во Македонија, кои се обидуваат да ги убедат властите дека се работи за генеричко име и дека никој нема право да заштити таква марка, без одредена посебност. Тоа е исто како некој да заштити, на пример „свински пафлак“ како посебна трговска марка. Работата е дојдена до суд, а ДЗИС не попушта.

Во февруари годинава Здружението за трговија при Стопанската комора, до директорот на ДЗИС Д-р Сафет Емрули испратило барање за преиспитување на решението со кое се признава правото на трговска марка „бејби биф“.

Во барањето пишува дека со ова решение се создава нелојална конкуренција на пазарот и се доведува во прашање целокупната трговија на младо говедско месо „бејби биф“.

Терминот 'бејби биф' е генерички и се користи за означување на месо од заклани говеда стари помеѓу една и две години, со тежина од 400 до 550 килограми во земјите од целиот свет. Терминот 'бејби биф' се користи во малопродажбата, во угостителството и ги засегнува и месарниците и угостителите, хотелиерите, рестораните и маркетите. Терминот 'бејби биф' е познат на овие простори и не може да се поврзе со раса, линија на говеда, географски регион или одгледувалиште... Оваа одлука на Државниот завод за индустриска сопственост ги засегнува сите домашни и странски деловни субјекти што сакаат да одгледуваат говеда или да увезуваат месо 'бејби биф' во Македонија“, пишува во барањето на Стопанската комора.

Терминот „бејби биф“ на овие простори се користи повеќе од 100 години. Оспорените трговски марки не се дистинктивни за класата за која се штитат, велат експертите, кои ги бранат позициите на маркетите и на угостителските објекти. Тие велат дека со ваквото решение, ниту еден ресторан не може да стави во своето мени некое јадење подготвено со „бејби биф“ месо. Месарниците, маркетите не смеат да продаваат „бејби биф“ освен тоа што го нуди ЗОЛА од својата фарма во Страцин.  

„Бејби биф“ е назив за вид месо - младо говедско, тоа е генеричка ознака, вид на стока со одреден квалитет за која не може да се има ексклузивност само за еден субјект, смета професорката по облигационо право Јадранка Дабовиќ-Анастасовска.

Овој знак станал вообичаен во секојдневниот говор или во востановената трговска практика за означување определен вид стоки, односно услуги. Тоа мора да се прави со комбинирање на други дистинктивни елементи за да се разграничи од другите стоки што исто така можат да се обележат со недистинктивните елементи слики/фотографии/цртежи на месо и опис на квалитетно младо говедско или зборови од секојдневниот говор и воспоставената трговска практика - бејби биф“, вели професорката Дабовиќ-Анастасовска.

Во меѓувреме, ЗОЛА се обидувала и да се спогоди со некои трговски компании за користењето на таа марка. Во Македонија и во земјите од регионот, во земјите на ЕУ „бејби биф“ се користи како назив на одредено квалитетно говедско месо, одгледувано под посебни услови.

Но сето ова не значи ништо за ДЗИС.

Сафет Емрули, директорот на Државниот завод за индустриска сопственост вели дека решението е донесено според законот, во склад со она што досега го добиле како материјал и од ЗОЛА и од адвокатите на трговските компании.

Бејби биф не значи одгледување на говедото на природен начин. Тоа се прави со посебен, адекватен метод на одгледување на животното. ЗОЛА е единствен производител на такво месо во земјава и зборот 'бејби биф' тука добива посебност. Компанијата ЗОЛА досега вложила многу во промоцијата и дистрибуцијата на ова месо по маркетите“, изјави Емрули за МКД.мк.

Прашан дали е точна информацијата дека на стручниот колегиум имало голем број противници на ова решение и дека тој на крајот сам го потпишал тој документ, Емрули ни одговори дека е тој менаџер и дека менаџерот е тој што на крајот пресекува, затоа што некои постапки не може да траат вечно.

Тој вели дека ако судот пресече поинаку, Заводот се разбира дека ќе мора да го преиначи своето решение.

Аргументите дека насекаде во регионот „бејби биф“ означува младо говедско месо добиено од јунци растени во посебни услови, дека во Хрватска, на пример, има и задруга на 30 производители на „бејби биф“ месо, дека во ЕУ „бејби биф“ е вид говедско месо, а не трговска марка... за ДЗИС засега не значат ништо.

Експертите од Државниот завод за индустриска сопственост и натаму слепо се покоруваат на решението на својот директор, кој е уверен дека направил сѐ според законот. И сите сега ја чекаат пресудата на судот.

А.Д.

Неопходно е да се допрецизира законот со што би се овозможило одреден дел од финансиски средства да се пренасочат кон делот на општествена одговорност на приредувачите на игри на среќа со цел подобрување на спортската инфраструктура.

повеќе

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе